Македонска рок-сцена: Капитално дело за групата „Мизар“

Промоцијата на првата монографија за еден македонски рок-бенд ќе се одржи на 27 март во кафе-барот „Глуво куче“. Станува збор за монографијата „Мизар – Откровенија 1981-2021“ на музичкиот новинар Тошо Филиповски, кој ова капитално дело го објавува во едицијата „Македонски рок-архив“ во издание на „Корпус деликти рекордс“.

Монографијата се објавува во тврд повез со обвивка, целосно во колор на 333 страници и содржи повеќе од 200 фотографии, комплетна биографија и дискографија на бендот со сите снимени песни, фамилијарно стебло на бендот, анегдоти, сите концерти на „Мизар“, рачно испишани текстови, сет-листи, флаери, плакати, влезници, насловни страници и фото сесии, интервјуа на групата во списанија и весници, како и изјави и сеќавања на 50-ина музичари и новинари од целиот Балкан за еден од најзначајните македонски музички состави на сите времиња – „Мизар“.

– Монографијата „Мизар – Откровенија 1981-2021“ е мојот споменик кон еден бенд што со својата музика мошне сериозно влијаеше на мојот живот. Бенд чие музичко творештво, особено нивното дебитантско дело, е признаено како еден од епохалните музички албуми создадени на просторите на Југославија, на сите времиња. Тоа е бенд што македонскиот јазик во рок-музиката го извлече од заборавот разбивајќи ги стереотипите за негова неупотребливост во поетиката на една рок-песна.

– Со сите перформанси што „Мизар“ ги чинат легендарен бенд и со мојата лична опсесија со овој бенд, беше сосема очекувано првата монографија напишана за една македонска рок-група да биде токму монографијата посветена на „Мизар“ – истакнува приредувачот Тошо Филиповски.

Монографијата за групата „Мизар“ е четврто капитално дело од областа на македонската рок-музика на Тошо Филиповски, а се појавува по објавата на „Македонска рок-енциклопедија“, „Македонска дискографија – Винили 1958-2019“ и „Македонски рок-времеплов“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот