Македонец со измама ја презел Фејсбук страницата „Ветераните за Трамп“ – Биле потребни месеци за случајот да се реши

Фото: Фејсбук

Ветераните и активните војници од армијата редовно се на тапет на манипулации, бидејќи нивното влијание е големо и има многу луѓе кои им се восхитуваат на нивните достигнувања, пишува Вашингтон пост.

Таква измама преку воен ветеран на САД, направил Македонец, претставувајќи се како Андреј Спасовски, кој со ветување за приходи од по неколку десетици илјади долари месечно, успеал да го убеди главниот администратор на популарната Фејсбук-страница „Vets for Trump“ („Ветераните за Трамп“), која ја следеле околу 100.000 корисници, да му даде администраторски пристап, односно на неговата фејсбук-страница Ad Break.

Откако тоа го направил, Спасовски го тргнал дотогашниот главен администратор Џошуа Месиас и уште неколку администратори и фактички ја презел страницата, која почнал да ја полни со содржини што самиот ги избирал, пишува споменатиот американски весник.

Битката на администраторите да ја вратат контролата врз страницата траела со месеци, како што велат тие „благодарение на Фејсбук“, кој не одговорил на нивните барања за помош. Во времето кога тие немаат контрола, во април годинава, страницата преминува во рацете на велешанецот Панче Арсов, еден од двајцата браќа што станаа сензација во светот како луѓето што стојат зад најголемиот број веб-сајтови и Фејсбук страници што пласираа многу вести, од кои најголем број лажни, во текот на претседателската кампања за изборите во САД во 2016 година. Речиси сите тие вести беа во прилог на Доналд Трамп, кој потоа победи на изборите.

Претходните администратори на страницата, кои признаваат дека проблемот се случил поради наивноста на главниот администратор Месиас, објаснуваа дека и покрај многуте обиди и „празна“ комуникација“ , односно многу пораки испратени до „Фејсбук“, успеале да добијат одговор дури во јули, и тоа откако напишале порака како наводно заинтересирани да купат реклами.

– Пишував писма до Фејсбук, велејќи „Имам проблем, имам проблем, имам проблем“. Ситуацијата лесно можеше да се избегне ако Фејсбук ме послушаше – објаснува за „Вашингтон Пост“ Влад Лемец, воен ветеран од САД, еден од администраторите на страницата.

Од Фејсбук, пак, велат дека одговориле на една порака уште во април, но Џошуа Месиас, тврди дека тоа било автоматски одговор на порака од друга страница што ја основал во меѓувреме. Вели дека му пратиле потврда дека пораката е примена и заведена по 16-цифрен број. Но објаснува дека не добил никаква порака потоа.

Откако човекот што успеал да ја украде„Vets for Trump“, не направил никакви видливи промени на страницата, со која би ставил до знање дека со неа не управуваат дотогашните сопственици, почнал да објавува содржини многу слични на содржините на „велешките“ сајтови и Фејсбук-страници во текот на претседателската кампања во САД во 2015 и 2016 година.

Но набргу новиот администратор почнал да бара и донации. Посочувал да се уплаќаат на ПејПал сметка која била регистрирана на еден од велешките сајтови – фабрики за лажни вести.

Освен дотогашните администратори, дека нешто се случило со страницата знаел и основачот на страницата, исто така ветеран и конзервативец, Томас Дилингам, кој на своја рака почнал да истражува кој стои во моментот зад страницата. Тој со „Вашингтон Пост“ споделил и делови од неговата комуникација со Панче Арсов, во која тој му кажал дека страницата ја купил од претходниот сопственик во април.

Потоа тој и Лемец ја продолжиле битката за враќање на страницата, и првиот одговор што влеал надеж стасал дури во јули годинава, а конечното враќање на контролата Фејсбук ја направил дури во средината на август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот