Мајски дипломатски поход

Кооперативната политика на нашата дипломатија, особено проактивната политика на претседателот Пендаровски и прифаќањето на поканата на Радев за заедничко летање до Рим, ја става Македонија во улога на „доброто момче“ кое без фрустрации е подготвено да најде разумо решение на уште еден ирационален спор.

Слободно може да се каже дека државниот врв, барем оној дел, кој во своите ингеренции ја има надворешната политика, заслужено си ја заработи платата за месец мај. Премиерот имаше најнабиена агенда. На релација Брисел, Мадрид, Атина, па повторно Брисел, тој, во „престолнината“ на Европа се сретна апсолутно со сите релевантни чинители во Европската Унија, потоа со своите колеги од Шпанија и Грција, за повторно да се врати во Брисел на традиционалната вечера што потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика Борел ја организира за лидерите на земјите од Западниот Балкан.

На средбите Заев, на нему својствен, поетичен и сликовит начин, ја реафирмира позицијата на Северна Македонија во поглед на бугарското вето, кое е единствената пречка за организирањето на првата меѓувладина конференција и конечното отпочнување на преговорите за полноправно членство на нашата држава во Унијата.

 

Подготвени за дијалог и за решение

 

„Пословичната“ словенска антитеза: „Можеме ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Можеме ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не!“ – искажана од Заев на една од средбите во Брисел, може да стане неговото – „јас го разбирам светот…“ Министерот, пак, за надворешни работи Бујар Османи (во паузите помеѓу формирањето на контроверзниот, стратешки совет за надворешна политика), прво, беше домаќин на своите колеги, министри за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словенија, кои дојдоа во Скопје за да и дадат поддршка на земјава и да го повторат ставот дека е дојдено време Европската Унија да го исполни својот дел од обврските. Само неколку дена подоцна, Османи ги прими, министерот за надворешни работи на Португалија, Силва и еврокомесарот за проширување Вархељ, кои од Софија допатуваа во Скопје за на двете страни да им го соопштат планот за надминување на недоразбирањето кое постои меѓу Македонија и Бугарија. Вархељ и Силва, исто така беа примени и од премиерот и од претстедателот на републиката.

И третата карика во системот на надворешната политика на државата, претседателот Пендаровски, си го заврши својот дел од работата. Тој учествуваше на состанокот на процесот Брдо-Бриони (иницијатива на Словенија и Хрватска за забрзување на патот на земјите од Западен Балкан кон Европската унија), на кој истакна дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за отпочнување на преговарачкиот процес. Прифаќањето на иницијативата на бугарскиот претседател Радев (инаку воен пилот по професија), тие заедно да отпатуваат со авионот на бугарскиот претседател, за Рим, на одбележувањето на денот на сесловенските просветители – светите браќа Кирил и Методиј, е уште еден гест со кој се потврдува нашата подготвеност за дијалог и изнаоѓање на решение за недоразбирањето со Бугарија и нашето третирање на Бугарија како блиска и пријателска земја и покрај нејзиниот однос кон нас.

Што може да се заклучи од оваа зголемена активност на европската дипломатска машинерија и походот на македонската дипломатија низ Европа? Прво, тоа што вратите на сите европски институции се ширум отворени за претставниците на македонската влада, зборува за тоа дека ние имаме неподелена поддршка (минус еден) од страна на Унијата. Второ, таа поддршка јасно, јавно и недвосмислено се истакнува. Поддршката на Унијата е проширена и преку билатералните контакти со претставниците на земјите членки на Унијата. Како што беше посетата на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словенија. Уште повеќе, изјавата на хрватскиот претседател Милановиќ, на средбата на Брдо кај Крањ, дека „Бугарија се навикна да ја шутира Македонија секојпат кога има внатрешнополитички проблеми кои не може да ги реши, па им е потребен виновник и удира по Македонија“, не само што јасно ја истакнува хрватската позиција за спорот меѓу Македонија и Бугарија, туку праќа порака дека трпението на другите земји членки на Унијата е веќе при крај и дека однесувањето на Бугарија нема уште долго да се толерира.

Трето, секој, барем просечен, македонски дипломат кога ќе му се спомене португалско претседателство со Унијата, во најмала рака му набабруваат жилите кај слепоочниците од моменталното покачување на крвниот притисок. Имено, не така одамана, за време, исто така на претседателствувањето на Португалија со ЕУ, беше донесена „озлогласената“ Лисабонска декларација, со која од Македонија беше побарано во своето име да не го содржи зборот „Македонија“. Ретко кој аналитичар можеше да претпостави дека токму Португалија ќе даде иницијатива за решавање на недоразбирањето со Бугарија, наместо да чека Словенија (која геополитички би била позаинтересирана) да го стори тоа од јули, откога таа ќе го преземе кормилото на ЕУ за следните 6 месеци. Изненадувањето е уште поголемо ако се има предвид фактот дека, според она што го разбравме од медиумите и изјавите на политичарите во Софија и Скопје, португалскиот предлог бил така срочен што истиот претставувал добра основа за изнаоѓање на решение на проблемот и бил прифатлив за македонската страна.

 

Бугарската позиција неразбирлива

 

Четврто, основната дипломатска конвенција налага за време на таканаречените технички или преодни влади, од нив да не се бара да преземаат или прифаќаат обврски кои би излегувале од нивниот технички мандат. Тоа што сега го прави европската дипломатија, со посетата на Софија и средбите со генералскиот двоец (имено и претседателот Радев и техничкиот премиер Јанев, се поранешни генерали на Бугарската армија) кој сега раководи со Бугарија е излегување од тие рамки, што повторно значи дека на некој му се брза да донесе решение за продолжување на  процесот на проширување на Унијата и дека времето на Бугарија да го кочи тој процес истекува. Дополнителната појава на скандал со прислушкување на опозициони политичари во Бугарија, токму во овој предизборен и деликатен период, упатените аналитичари не можат да го толкуваат само како обична случајност.

Петто, кооперативната политика на нашата дипломатија, подготвеноста за разговори и решавање на недоразбирањата со Бугарија, особено проактивната политика на претседателот Пендаровски и прифаќањето на поканата на Радев за заедничко летање до Рим, ја става Македонија во улога на „доброто момче“ кое без фрустрации е подготвено да најде разумо решение на уште еден ирационален спор. Од друга страна пак, Бугарија, при „жив“ договор за добрососедство, кој во голема мера се почитува и се применува, многу тешко наоѓа соговорници кои имаат разбирање за нејзината позиција.

Февруарскиот, упс, се извинувам, мајскиот поход на македонската дипломатија, па дури и да не вроди со плод, слободно ќе може да се отцени како успешен обид за афирмација на нашите позиции и освојување на неподелените (минус еден) симпатии на Унијата како целина, но и поодделно на секоја земја членка посебно. Ако се има предвид фактот дека од јули Словенија го презема претседателствувањето со Унијата и дека до сега американската дипломатија, барем не јавно, се нема директно вклучено во решавањето на ова недоразбирање, многу е веројатно во блиска иднина да бидеме сведоци на уште еден од низата „исторски“ моменти, а тоа ќе биде првата меѓувладина конференција на која и формално ќе отпочне процесот на преговори за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот