Маја Синадиновска: Ние сме народ кој навидум сака прогрес, а седи со скрстени раце

Убавината на жената ја гледам во раскошните т.н. криви линии, или бујните гради, бутови, задник, уште ако се природни, тоа е секси жена.

Маја Синадиновска беше прва во Македонија, која со својата телевизиска емисија ги урна стереотипите за тоа што е табу тема, уште пред дваесетина години. Маја беше и прва во Македонија, која исто така, ги урна стереотипите за женска убавина,  промоторка на движењето за позитивен став кон телото. Веќе со години таа успешно го води бутикот за женска гардероба „Фемина“, во кој се продаваат женски костими, фустани, блузи и кошули со конфекциски броеви 42-58. Се согласуваме дека крупната жена и тоа како може да биде убава, привлечна и елегантна и дека Македонија изобилува со убави жени со нагласени облини.

Со нашата соговорничка разговараме на тема што се променило од минатото до денес, што значи денес да се има позитивен став кон сопственото тело, што значи да се има самодоверба.

Секогаш и за сè што е табу му префрламе на соседот, пријателот, роднината, додека ние во преден план го практикуваме, другиот го озборуваме и го линчуваме јавно.

Што според Вас, од денешен аспект, остана неотворена табу тема кога се во прашање жените?

– Многу нешта, речиси сè што беше табу пред 30 години остана табу до денешен ден. Ние сме општество кое навидум чекори напред, а всушност секој ден или се враќаме чекор наназад или стагнираме. Ние сме народ кој навидум сака прогрес, а седи со скрстени раце. Промените не можат да се издејствуваат молкум, седејќи на домашниот тросед. Треба ангажман, потребни се идеалисти, гласноговорници, двигатели и конечно и народ, кој ќе сака да следи. Како нација сме научени да чекаме друг да ни го сервира сработениот напредок на секој можен план, плашливи сме, сè уште сме под индоктринацијата на Османлиите. Од друга стана ова е волчјо време, време на револуционерна технологија, на војна на моралот и етиката против развратот и криминогените елементи. Во едно вакво време и општество, како би можела жената да се промени, да отвора нови, за себеси позитивни, хоризонти? Впрочем, и во минатото и денес, не само жената, туку и сите ние како општество ги живееме секојдневно сите табуа, но кога треба да зборуваме за нив, да ги побиеме, да ги разнебитиме, ние остануваме неми. Двојниот морал царува со децении кај нас. Секогаш и за сè што е табу му префрламе на соседот, пријателот, роднината, додека ние во преден план го практикуваме, другиот го озборуваме и го линчуваме јавно. Жената е сè уште најголемиот непријател на друга жена кога треба да се „спаси“ себеси. Прогресот е во обединување на прогресивната мисла и во нејзиното објавување. Тој елемент е длабоко отсутен кај нас. Сè додека го потенцираме  „неморалот“ на друга жена пред мажи, ние назадуваме. Што е уште потрагично, и мажите во нашето општество почнаа да наликуваат на жените. Во минатото барем тие ни беа репер, сега немаме репер. Царува личниот интерес, колективното отсуствува буквално на секој план. Кога нема идеологија, нема прогрес.

Двојниот морал царува со децении кај нас.

Бевте прва во Македонија, која исто така ги урна стереотипите за женската убавина,  промоторка на движењето за позитивен став кон телото. Но изгледа како оттогаш работите едвај и да се придвижиле, што за Вас денес значи да се биде „боди позитив“, распространет термин низ светот за кој во македонскиот јазик сè уште нема ни соодветен превод?

– Јас „боди позитив” (body positive) би го превела „телесна астигматизација“, притоа правејќи разлика што е крупна, раскошна жена, а што е дебела жена. Дебелината е хормонален дисбаланс или психолошко нарушување. Мислам дека многумина ја мешаат дебелината со привлечните женски облини, затоа што не постојат јасни граници меѓу едното и другото, иако „на око“ е јасно видливо што е што. Според мене, ниту една слаба жена, со просечни 50 килограми, не може да биде привлечна како жена со 80 килограми. Убавината на жената ја гледам во раскошните т.н.криви линии, или бујните гради, бутови, задник, уште ако се природни, тоа е секси жена.

Токму таа стигматизација наметната од менекенските писти, од времето на Твиги (1970 г.) носи многу болести кај младите девојки преку истоштувачки диети и нездрав начин на живот. Погледнете ги манекенките во 18 век и денес. Тие во минатото беа жени кои наликуваа на незаборавната Мерилин Монро, жени со облини, не – жени костури. Ниту порано ниту сега не можев да ги разберам предрасудите во однос на килограмите кај жените. Воспитувана сум од најрана возраст да не ги перцепирам и консумирам луѓето според физикусот. Стигматизацијата на телесната тежина говори за наметнати европски модели и нашето прифаќање на тие модели. Зошто? Еве, на пример, на Блискиот Исток, во земјите на Магреб и во многу други држави, слабата жена е најчесто перцепција како болна жена, физички не е привлечна, дискриминирана е од многу аспекти. Значи културата и традицијата играат важна улога во нашиот вкус за дефинирањето на поимот „убава жена“. Ако ставам акцент на мојот вкус, од секој аспект претпочитувам крупна жена од „скелетон“.

Не чекајте да им се допаднете на другите за да се прифатите себеси, прифатете се себеси, за да им се допаднете на другите.

Mодните трендови доаѓаат и си заминуваат, многу трендовски бутици за женска гардероба молскавично направија успех и исто толку бргу згаснаа. Бутикот што Вие го водите се обраќа на жени кои не им робуваат на диетите и на соништата за „совршени“ телесни димензии, кои се вашите клиенти? Според Вашето искуство, пораснат ли е бројот на Македонките кои одбиваат да бидат робови на пласираните, идеализирани модели за „совршенство“?

– Да, пораснат е, но постојат четири аспекти. Едниот веќе го споменавте – жени што одбиваат да бидат робови на пласираниот модел за совршенство, вториот се сè поголемиот број на крупни млади девојки поради наследен генетски код, третиот – девојки заробени во нездрава и брза храна и четвртиот – жени над 50-тите години, кои со децении наназад се крупни на ова подрачје, за што битно допринесува нашата гастрономска традиција. Клиентки во „Фемина“ се девојки и жени од 17 до 77 години. Нашиот пазар изобилува со облека што е кроена за екстремно слаба женска популација. Нашата младина ја составуваат, како што напоменав, 70 отсто крупни и високи девојки, кои не можат да се пронајдат во увозната „твиги“ понуда и многу жени од гореспоменатите категории. И едните и другите се желни за поголем конфекциски број и добар квалитет. Клиентки ни се жени од дипломатскиот кор во Македонија, пратенички, професорки, адвокатки, домаќинки, студентки…

Многумина самодовербата си ја изгубија попатно, поставувајќи си превисоки цели, што би ги советувале?   

– Јас во животот бев слаба само преку диети во најраната младост. Како девојче им робував на стереотипите, но како што созревав, сè повеќе учев да си се сакам себеси онаква каква што природата ме предодредила да бидам – со околу 80 килограми.

Маја на 16-годишна возраст

Сфатив, не само дека диетите се штетни, туку и дека имаат секогаш „бумеранг“ ефект. Влијанието на мајка ми, која во младоста беше Мис на Босна и Херцеговина, а по природа има крупна конструкција и е убава жена, одигра многу важна улога во понатамошната перцепција за мојата градба и килограмите. Уште во времето на дипломатската служба на татко ми во земјите на Блискиот Исток, мајка ми беше најфотографираната жена за бројни списанија на тамошните коктели, забави, вечери од интернационален карактер. Таа никогаш не беше слаба, но во секоја средина беше пример за убавина. Благодарна сум ѝ што ме научи како да си го сакам секој дел од телото и да не се изгладнувам за да им се доближам на стереотипите. Да, на сите жени кои имаат повеќе килограми отколку што би сакале да имаат, им препорачувам да внимаваат на здравата храна и стил на живот, не на бројките на вагата. Прифаќањето на себиси во огледалото и задоволството од својата фигура значи самодоверба и зрелост, во спротивно незадоволството и исфрустрираноста може да нарушат многу сегменти од нашиот живот.    

Мајка ми, која во младоста беше Мис на Босна и Херцеговина, одигра многу важна улога во понатамошната перцепција за мојата градба и килограмите. (на фотографијата мајка ѝ на Маја)

Да треба да напишете водич за самодоверба наменет за жените, кои би биле насловите на поглавјата?

– Не чекајте да им се допаднете на другите за да се прифатите себеси, прифатете се себеси, за да им се допаднете на другите.

– Погледнете околу себе, дали слабите или крупните жени имаат подобар живот, ќе сфатите дека нема правила.

– Кога ќе научиш да го сакаш своето тело и кога ќе се исполниш со самодоверба, неверојатно брзо ќе ти се смени животот на подобро.

– За да бидеш убава, надоградувај го личниот морал и интелект, а дури потоа барај си телесни мани.

– 80 отсто од мажите сакаат жени со облини.

На кои Македонки им се восхитувате?  

– На мајка ми.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот