Лула ја доби првата рунда, но Болсонаро не го предава мечот

Фото Колаж на СП/ ЕПА

Левичарскиот кандидат Лула освои 48,4 отсто од гласовите, а Болсонаро освои 43,3 отсто, повеќе отколку што укажуваа предизборните анкети

Поранешниот претседател Луис Инасио Лула да Силва освои најмногу гласови во првата рунда од изборите во Бразил, но не може да биде сигурен дека во директниот дуел во вториот круг на 30 октомври ќе го совлада актуелниот претседател Жаир Болсонаро.

Левичарскиот кандидат Лула освои 48,4 отсто од гласовите, што за 1,6 отсто не му беше доволно за да биде избран за претседател веќе во првиот круг. Десничарот Болсонаро, пак, освои 43,3 отсто од гласовите, повеќе отколку што укажуваа предизборните анкети. Се верува дека во периодот од четири недели до директниот дуел Болсонаро има капацитет да ги мобилизира своите симпатизери и да ја стигне разликата.

– Борбата продолжува до конечна победа. Ќе победиме на овие избори – изјави Лула, кој беше претседател од 2003 до 2010 година.

Верба во конечна победа изрази и Болсонаро, кој слично на својот идол Доналд Трамп уште за време на кампањата постојано се жалеше дека „изборите ќе бидат наместени во полза на неговиот противкандидат“, заканувајќи се дека „само Господ може да го симне од власта“.

На изборите во 2018 година на кои победи Болсонаро, Лула не можеше да се натпреварува зашто беше во затвор поради обвинувања за корупција. Овој пат и двајцата ја претворија кампањата во војна со лични навреди – на последниот дуел пред гласањето Болсонаро го нарече својот противкандидат „крадец“, а Лула му возврати дека се натпреварува со „лудак“.

Аналитичарите укажуваат дека гласачите всушност избирале „помало зло“. Лула во двата мандати направи големи грешки и постојано беше обвинуван за корупција, а Болсонаро го сметаат за уште поголем штетник за економијата и за уништувањето на природните богатства. Главната гласачка база на Болсонаро се земјоделците и фармерите, на кои уништувањето на амазонската шума им отвори нови обработливи површини, а на Лула се активистите за заштита на природата и борба против климатските промени, на кои Бразил е особено чувствителен.

Повеќе од 150 милиони Бразилци со право на глас во неделата избираа и гувернери, третина од сенаторите, како и федерални и 27 државни претставници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот