Ловната сезона на дивите свињи ќе почнува шест месеци порано односно од 1 мај

Дива свиња/илустрација Фото: Архива

Во иднина дивечот ќе се дава на користење и управување, наместо на концесија како што беше досега и тоа на период до 20 години.Според податоците на Министерството за земјоделство, во земјава има вкупно 266 ловишта, од кои 122 за крупен и 144 за ситен дивеч

Ловната сезона на дивата свиња в година ќе започнува порано, односно на 1 мај, а се лимитира бројот на дозволен застрел по ловец на ден за одделни видови на дивеч. Меѓудругите новини во неодамна усвоениот Закон за дивечот и ловството е предвидено ловџиите да мора задолжително да носат флуросцентни маркер елеци. Според стариот закон, ловната сезона за 2023 година, започна на 11 октомври и траеше до 10 декември. Неделите и државните празници се ловен ден, а дивата свиња се ловеше во саботите. Поради африканската чума, годинава ловната сезона за диви свињи беше продолжена од први февруари до 31 март и тоа во ловиштата, кои се простираа во источниот дел од левата стана на патниот правец (А-1) Е-75, од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица.

Уште една новина е тоа што во иднина дивечот ќе се дава на користење и управување, наместо на концесија како што беше досега, и тоа на период до 20 години. Со новиот закон, предност при доделата на дивечот во ловиштата на користење, при исти услови, би имале досегашните концесионери на дивечот, а кои најмногу припаѓаат на ловечките друштва.

-Новиот закон за дивечот и ловството предвидува поголеми јавни овластувања за Ловечката Федерација на Македонија. Од безбедносен аспект, со новиот закон, се предвидува задолжителна обука пред полагањето на ловечкиот испит, посебно во делот на безбедноста при ловот. Законот за дивечот и ловството дава можност за формирање на полигон за лов на ситен дивеч од вештачко производство, како и законска можност за формирање на фарми за производство на месо од дивеч. На овој начин се придонесува во развојот на ловниот туризам, како и можност за производство и промет на месо од дивеч – стои во новиот закон.

Според податоците на Министерството за земјоделство, во земјава има вкупно 266 ловишта, од кои 122 за крупен и 144 за ситен дивеч. Од нив четири се државни ловишта за крупен дивеч: „Јасен“, „Јасен I“ – Скопје, „Лешница“-Тетово и „Полаки“-Кочани и две ловишта за ситен дивеч „Фазанерија“ – Скопје и „Трубарево“ – Скопје, кое е наменето за наставно – научни цели.

-Ловиштата во државава претставуваат одлична дестинација за поголем број странски гости, како за лов на ситен дивеч (еребица и миграторни видови), така и за лов на крупен дивеч (дивокоза, волк, погонски лов на диви свињи во отворени или во оградени ловишта), а посебно за лов на алохтони видови дивеч кои што во овој дел од Европа можат да се најдат само во ловиштата во Македонија. Поради овој факт, постои голем интерес кај странските ловци-туристи за отстрел на критскиот козорог, други видови на диви кози и овци, елен aксис, сика елен и други алохтони видови – објаснуваат од ресорното министерство.

Меѓудругото, ловната туристичка понуда во ловиштата во земјава е единствена, зашто на ловците-туристи им нуди лов на десетина различни видови крупен дивеч на едно место, што постојат само кај нас. Понуда за отстрел на овие видови не постои во Европа во ниту една ловно-туристичка дестинација што на едно место може да понуди толкав број крупен и трофеен дивеч. Од видови на крупен, проретчен и редок дивеч низ целиот свет, во нашите ловишта покрај дивокозата, срната и дивата свиња, можат да се ловат и обичниот елен, еленот лопатар, муфлонот и ретките видови: сика елен, елен аксис, берберска овца-аудад, рацка овца, хималајски тар, критски козорог, фор хорн, фералд коза и други мошне атрактивни видови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот