Лошо разбрана идеја

Не разбравме дека културните центри во странство се државна, односно политичка продолжена рака во соработката, а не место каде ќе се организираат туристички тури на партиски пулени и пријатели на министрите и вработените во Министерството за култура!

Важноста на меѓународната културна соработка беше согледана уште во раните деведесетти години на минатиот век – значи веднаш по осамостојувањето – и тоа особено потребата од континуирана презентација на македонската култура надвор, што пак (логично) водеше до заживување на идејата за македонски културни центри, барем во соседните земји.

Ама сето тоа долго остана само на идеја и – толку, се до отворањето на Македонскиот културен центар во Софија, па набргу потоа побрзавме и во Њујорк – за некој да не нѐ престигне и пред нас „културно“ го освои градот – и (повторно) толку, тука заврши нашиот интерес за таа работа. Долго се крчкаше идејата за Истанбул (конечно и тоа профункционира оваа година), па за Тирана…

Сето тоа помина без сериозна стручна дебата или барем елаборат/стратегија, туку се туркаше, како и се друго кај нас, „на мускули“ односно согласно нечии преференции, а не државни согледби и потреби. Затоа и така килаво функционира овој дел зашто никогаш на идејата не и дадовме финална обланда во смислата на стручна разработка и конципирање на сите координати на функционирање.

Испадна дека ние сакаме нешто, ама не знаеме како и зошто. Бидејќи културните центри се само ново оптоварување на државниот буџет ако пред нив не се постават барања и репери според кои треба да функционираат. А ние, неуки и неспособни, мислевме дека само „фирмата“ е доволна за нашата промоција, а другото ќе го дополнат институциите и поединците со нивните „културни програми“. Не разбравме дека тие културни центри во странство се државна, односно политичка продолжена рака во соработката, а не место каде ќе се организираат туристички тури на партиски пулени и пријатели на министрите и вработените во Министерството за култура!

Што ќе рече, идејата ја поставивме на глава наместо – на нозе. Затоа се такви и резултатите. Ако се, односно комплетната годишна програма на културните центри, како сега, се препушта на потенцијалните предлози на институции и на поединци, кои најчесто се лично-групни желби за себепромоција и мала (од државата) платена прошетка, тогаш и ефектот е таков. И тука нема никаква вина кај тие „центри“ бидејќи Министерството за култура со своите небулозни „политики“ ги претворило речиси во туристички агенции.

Не сакам да тврдам дека некоја долгорочна, осмислена и стручно конципирана стратегија/програма за присуство на „кремот“ на македонската култура во овие центри значително ќе ја подобреше општата слика за Македонија (барем) во соседните земји, но културата е сепак оска што обединува, упатува на дијалог, на соработка. И менува закоравени мислења и ставови. А нам тоа ни треба(ше)!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот