Лидерот на Ал Каеда Ајман ал Завахири убиен во напад на американски дрон

Осама бин Ладен и Ајман ал Завахири
Фото: EPA/AUSAF NEWSPAPER EDITORIAL USE ONLY

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа од Белата куќа соопшти дека во напад на дрон на ЦИА во Кабул, Авганистан, бил убиен лидерот на Ал Каедa, Ајман ал-Завахири.

Нападот се случил во саботата во предградие на Кабул, додека Завахири се наоѓал на балкон во објектот каде престојувал.

Завахири ја предводеше групата од 2011 после убиството на Осама бин Ладен и се сметаше за еден од главните организатори на терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.

„По заминувањето на нашите војници од Авганистан пред една година… му ветив на американскиот народ дека и покрај тоа ќе продолжиме со ефективна контратерористичка операција во Авганистан и пошироко, во февруари елиминиравме емир на ИД, минатиот месец ликвидиравме уште еден лидер на ИД, а сега го отстранивме и емирот на Ал Каеда“, изјави Бајден.

Додаде дека со оваа акција Авганистан нема повеќе да се користи како инкубатор за терористи.

Тој им порача на сите оние кои се огрешиле во тоа да напаѓаат американски објекти и војници.

„Ако сте закана за нашиот народ – САД ќе ве најдат и отстранат.“

Бајден изјави дека убиството на Ајман ал Завахири ќе донесе некаква утеха за оние чии роднини беа убиени за време на терористичките напади на 11 септеври 2001 година.

Реакции на убиството на Ал Завахири

„Сега правдата е задоволена и овој терористички лидер веќе го нема. Без оглед колку долго трае, без оглед каде и да сте се криеле, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат и ќе ве отстранат” – порача вчера Џо Бајден.

„Соочени со неподготвеноста или неспособноста на Талибанците да ги исполнат своите обврски, ние ќе продолжиме да го поддржуваме авганистанскиот народ со силна хуманитарна помош и ќе се залагаме за заштита на нивните човекови права, особено на жените и девојчињата“, истакна американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Завахири се смета за еден од терористичките водачи кои го предводеа планирањето и извршувањето на грозоморните терористички операции во САД и Саудиска Арабија”, се посочува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.

„Смртта на Ајман ал-Завахири е чекор кон побезбеден свет. Канада ќе продолжи да соработува со нашите глобални партнери во борбата против терористичките закани, промовирање на мирот и безбедноста и заштита на луѓето овде дома и ширум светот”, наведе канадскиот премиер Џастин Трудо.

„Вечерашните вести се исто така доказ дека е можно да се искорени тероризмот без војна во Авганистан. И се надевам дека ќе им обезбеди барем малку мир на семејствата на загинатите на 11 септември и на сите други кои страдаа од рацете на Ал Каеда”, напиша на Твитер поранешниот американски претседател Барак Обама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот