Легенди на Олимписки игри: Теофило Стивенсон

Фото: Profimedia

Кубанскиот боксер ќе остане запомнет по трите олимписки златни медали, но и по изјавите кои често пати пати беа помоќни од неговите удари.
Единствените милиони кои се интересни за мене се наоѓаат во Куба. Имам осум милиони Кубанци и нивната љубов – беше одговорот на Теофило Стивенсон на понудата да се пресели во професионалниот бокс и за пет милиони долари да боксува против шампионот Мухамед Али.

Теофило Стивенсон за многумина е најдобриот аматерски боксер на сите времиња во тешка категорија, но остана верен на својата Куба, на своите сонародници и на Олимписките игри. Стивенсон беше првиот боксер кој освоил три златни медали во иста категорија на Олимписките игри. Кубанецот учествуваше на Игрите во Минхен 1972 , Монтреал 1976 и во Москва 1980 и доминираше во супертешка категорија.

Ќе остане запомнет како и неговиот наследник, Феликс Савон кој исто така не го сакаше професионалниот бокс.
– Здравјето е поважно од парите, а светот на професионализмот може да биде суров.
Според Стивенсон, неговиот најтежок противник не беше некој боксер во рингот туку нешто сосема друго.
– Медалот е најтешкиот противник, обуката е најтежок противник.
Токму Теофило Стивенсон е најзначајниот и најдобриот пример на кубанската боксерска школа која ја започна поранешниот боксер од тогашниот СССР, Андреј Червоненко и тоа како дел од соработката на комунистичктие држави. Червоненко го направи Стивенсон најдобар аматерски боксер во тешка и супертешка категорија.

Фото: Profimedia

Стивенсон своето деби на Олимписките игри го имаше 1972 година во Минхен кога уште во првата борба го покажа својот потенцијал, за само 30 секунди го нокаутира Лудвиг Дендерис, а потоа следеше слатка одмазда, го победи Двејн Бобик од САД и му се реваншира за поразот на Панамериканските игри кои се одржаа една година претходно.
Бобик се сметаше за најголем американски талент во тешка категорија и за наследник на Џорџ Форман кој четири години претходно го освои златниот олимиски медал. По израмнетата прва рунда. Стивенсон ја загуби втората, но затоа во последната трета рунда дури три пати го испрати Бобик на подот и победи со нокаут.
Во полуфиналето беше победен Петер Хустиг од Источна Германија.

EPA/CARLO FERRARO

– Никогаш во кариерата, во сите 212 борби не сум добил толку силни удари. Неговата десница не ја гледате, но оддеднаш ќе се појави на вашиот образ – изјави Хустиг по поразот.

Противникот во финалето Ион Алексе од Романија ја предаде борбата поради скршеница на палецот по што Стивенсон дојде до првиот златен олимписки медал.
Четири години подоцна, на Игрите во Монтреал 1976 година, противникот на Кубанецот во финалето, Мирчеа Симон успеа до третата рунда да остане на нозе по што неговиот тренер одлучи да го прекине мечот и да го спаси својот боксер од ударите на Стивенсон. Претходно, Стивенсон трите меча до финалето успеа да ги добие за само седум минути и 22 секунди.

По Игрите во Монтреал, Стивенсон доби понуда тешка дури пет милиони евра да се пресели во професионалци и да боксува со Мухамед Али, но ја одби истата.
– Да, секогаш сум сакал да боксуваат најдобрите, меѓу себе да ги одмерат силите. Работев напорно, обуката и тренинзите беа тешки, но мило ми е што не боксував со него бидејќи тој е добар пријател, одлична личност која е обожувана од луѓето. Али не е само голем шампион, тоа е голем човек – изјави Стивенсон кого парите не го интересираа и и остана верен на својата Куба, кубанскиот народ и Олимписките игри.

До ОИ во Москва, Стивенсон стекна репутација од која боксерите се плашеа да влезат во рингот, а тоа најдобро се виде во полуфиналето на олимпискиот турнир во Москва кога Унгарецот Иштван Леваи трчаше низ рингот во сите три рунди за да ги одбегне силните удари и стана првиот боксер кој не бил нокаутиран од Стивенсон на Игрите.
Во финалето, Стивенсон го победи рускиот боксер Пјотр Заев и дојде до третиот олимписки златен медал со што влезе во историјата на аматерскиот бокс.
Стивенсон се пензионира на 36 години и остатоткот од животот го помина во Хавана. Почина во 2012 година од срцев удар во својата 60 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот