Крстоносни војни

Фото: Слободен печат

Во Македонската православна црква треба да размислат за воведување правилник за Водици. На традиционалното фрлање на крстот му се потребни судии. Еден главен и барем тројца аутрихтери, а не е лошо да се воведе и ВАР-технологија за да можат да се забележат сите ситни фаули, лакти во ребра и брцнати прсти во чувствителните шуплини од телото.

Бог се јави, но Македонците немаа време за него, бидејќи се степаа за крстот. Се бореа македонските мажи во студените води за дрвениот крст, па празникот Богојавление повеќе личеше на „црн петок“ одошто на еден од најголемите христијански празници.

Но, за жал, и разликата помеѓу „црниот петок“, традиционалниот ден на попусти во САД, и нашите Водици не е голема. Тетовираните и набилдани мажи скокаат во реки, езера и базени мотивирани од богатиот награден фонд, обезбеден за среќниот фаќач на крстот. Телевизор, фрижидер, шпорет, фритеза и можеби миксер, се подароците што фаќачите на крстовите ги добиваат од покровителите, а секако дека не е за занемарување и паричниот фонд, кој се обезбедува од насобраните граѓани, кои оставаат пари за да го бакнат светиот крст.

Преубавата древна традиција, со која не можат да се пофалат голем број земји и народи, кај нас е извитоперена до точка на непрепознатливост и наместо да видиме побожни луѓе што во духот на христијанството во борбата за крстот се водат од Божја волја, гледаме натпревар на воиграни тимови на локални кабадахии, кои меѓусебно си ја делат наградата.

Затоа и се случи она бескрупулозно крадење на крстот од раката на среќниот фаќач во Штип, кој потоа пред камерите објасни дека првпат се натпреварува во овој град. Локалната екипа не можеше да се помири со поразот, па бевме сведоци на оние немили сцени од „крстоносните војни“ во Штип, каде што празничната атмосфера на мир и спокој, беше заменета со борба, грабеж и насилие.

Во Македонската православна црква треба да размислат за воведување правилник за Водици. На традиционалното фрлање на крстот му се потребни судии. Еден главен и барем тројца аутрихтери, а не е лошо да се воведе и ВАР-технологија за да можат да се забележат сите ситни фаули, лакти во ребра и брцнати прсти во чувствителните шуплини од телото.

Доколку овој предлог за арбитража се чини како претеран, тогаш владиците нека ја укинат наградата за победникот, па тогаш по крстот ќе скокаат само оние на кои им е битна честа и вербата во Бога.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот