Кривичниот суд сѐ уште не дошол на ред за „прочистување“

Судскиот совет сè уште не побарал предмети од судиите во Кривичниот суд, според кои се очекува да ја оценува нивната работа во т.н. процес на филтрација, информираше вчера претседателот на судот Иван Џолев.

Според неговото толкување, ова најверојатно се должи поради тоа што првите два месеца од годината се период кога се изготвуваат и објавуваат годишните извештаи за работата на судските органи, па оттаму и се „доцни“ во спроведувањето на „чистката“ во правосудството. Сепак, Џолев истакна дека не може да се знае дали предметите што ги разгледува Судскиот совет се дел од амбициозно најавуваната филтрација или пак се поврзани со претставки на граѓаните кои се жалат на неправедни одлуки и решенија на судиите.

– Судскиот совет, кој ни ја проверуваше работата и во 2019 и 2020 година, честопати вршеше посети на Кривичниот суд. На новата методологија гледам како на дополнителен критериум за напредување на судиите, а не на, како што е избран терминот, прочистување. Треба да се напомене дека во никоја друга област не се извршило прочистување, како оваа во правосудството – изјави претседателот на Кривичниот суд на брифинг со новинарите.

Тој потсети дека изминативе години клучните лица во оваа област биле веќе опфатени со сличен процес, па така, дошло до промена и на првите луѓе на Врховниот суд, Основното јавно обвинителство и други институции.

Додека тапка во место проверката на предметите според кои требаа да се оценуваат судиите, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески истакна дека кај обвинителите е поинаков случајот. Од почетокот на јануари, вели Јовески, започнале да се чешлаат обвинителски одлуки, а низ новиот процес поминуваат и сите што се пријавиле на огласот за четирите нови позиции во Одделението за организиран криминал предводено од Вилма Русковска.

– Според донесениот Правилник за оценување на јавните обвинители, веќе е извршено оценување на јавните обвинители кои се пријавиле на огласите за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и за Вишото јавно обвинителство. Меѓутоа, од почетокот на оваа година, започна и оценување на поединечната работа на сите јавни обвинители – вели Јовески во интервју за „Дојче веле“.

Правосудните органи деновиве беа на мета во јавноста откако беше објавен најновиот извештај за индексот за перцепција на корупција на „Транспаренси интернешнл“, во кој Македонија има најлош резултат досега. Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски тврди дека перцепцијата за корупцијата би се сменила со секоја наредна судска одлука. Тој подвлече дека дури над три илјади предмети застареле во изминативе две години.

Прашан за коментар, првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев одговори дека треба јавноста да е запознаена кои се случаи влегуваат во категоријата „застарени“ и ги отфрли обвинувањата дека токму судството е главниот виновникот за лошите показатели. Според Џолев, оваа бројка е голема поради законите донесени во 2019 година, според кои застареноста на делата од шест се намалила на четири години, а воедно после две години од поднесувањето на обвинителниот акт предметите веќе се евидентираат како застарени, иако во меѓувреме за нив сè уште тече судската постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот