Ковид-19 во Македонија: Раст на бројот на заразени, починати и хоспитализирани

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нови 628 случаи со ковид-19 од 2.236 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство (МЗ) за изминатите 24 часа. Починаа 15 пациенти од кои седум од Скопје, а регистрирани се 531 оздравен пациент. Вкупниот број на ковид дијагностицирани лица во земјава, од почетокот на епидемијата, изнесува 27.827. Во државава вкупно се оздравени 19.479 пациенти, а починати се 949 лица. Во моментот има 7.399 активни случаи.

Есенскиот бран на ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се околу 650 лица од кои 110 добиваат кислородона подрршка, а еден пациент е на респиратор. Зголемени се капацитетите за тестирање за ковид-19 во јавните здравствени установи. Министерот за здравство Венко Филипче синоќа во телевизиско гостување апелираше до приватните лаборатории да ги намалат цените на тестирањата.

– Во оваа криза сметам дека не треба да гледаат профит. Нека излезат во пресрет и нека ги намалат цените на тестирањето. Соочени со овој голем притисок освен ова зголемување на нашите капацитети од близу 400 тестови ќе ја следиме ситуацијата и оваа недела и ако навистина сè уште продолжи овој тренд, тогаш Фондот ќе склучи договор со дел од приватните лаборатории по таа референтна цена, едноставно да се зголеми бројот на термини и да се скрати времето на чекање, рече Филипче.

Во рамки на напорите за намалување на бројот на заболени, Владата веќе донесе мерки со кои го ограничи работењето на угостителските објекти до 23 часот, освен за оние кои вршат испорака и препорача да се ограничи капацитетот на патници во автобусите на 50 проценти од вкупниот број на патници. На државната и јавна администрација, општините и судовите им препорача да работат онлајн или да ја организираат работата во смени.

Според Филипче, пакетот мерки што веќе го има заедно со законските измени во Собранието е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје.

– Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат пак ќе има раст на бројките на заболени, вели Филипче.

Бројот на новозаболени расте и во земјите од регионот и во цела Европа. Рекордни 2.243 случаи на заразени се дијагностицирани во Бугарија, а починале 42 лица. Меѓу инфицираните има и 1.948 лекари. Од почетокот на епидемијата во Бугарија се заразени вкупно 40.132 лица, а регистрирани се 1.136 смртни случаи. Во Грција се регистрирани 1.259 нови случаи на ковид-19, што е рекорден број новозаболени во еден ден и првпат бројката е четирицифрена. Според официјални податоци од Националната организација за јавно здравје, починати се 12 лица. Од почетокот на епидемијата заразени се 32.752 лица, а регистрирани се 593 смртни случаи.

Во Србија се регистрирани 1.053 нови случаи на заразени со коронавирусот, а починале пет лица, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 798. Во Албанија се дијагностицирани 284 новозаразени од 1.278 тестирани и пријавени се седум смртни случаи. Од почетокот на пандемијата досега во Албанија се регистрирани 19.729 заболени, оздравени се 10.808, починати 487, а активни на болеста се 8.434 лица. Во Косово досега се евидентирани околу 18.000 заразени од новиот коронавирус, од кои починале 666, а над 51.000 се излекувани, така што бројката на актуелни носители на вирусот моментно изнесува нешто под 2.200.

Епидемиолошката состојба во Европа се влошува со рекорден број нови случаи секој ден. Франција води со над 33.000 пациенти во последните 24 часа, Велика Британија со 22.885, Италија со 21.994, Шпанија со 18.418 и Русија со 16.550 новозаразени.

Најголем број на потврдени случаи во светот сè уште има во САД, 9.010.027 милиони лица, потоа следат Индија со 7.988.735 милиони, Бразил со 5.415.671 милиони, Русија со 1.547.774 милиони, и Франција и Шпанија со приближно 1,2 милиони.

Извршниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан оцени дека на Европа и треба сериозно забрзување во борбата против пандемијата на коронавирусот и предупреди дека недостигот на капацитет за ефикасно следење на контактите може да доведе до влошување на состојбата.

– Бројот на случаи во Европа е 46 проценти од сите случаи на ковид-19 регистрирани во светот, со една третина од сите смртни случаи меѓу ковид пациентите, потсети Рајан на прес-конференцијата во Женева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот