Ковачевски: Имаме јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на евроинтеграција

Димитар Ковачевски-Таче/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски најавува дека кандидатите за пратеници на коалицијата „За европска иднина“ во рамки на кампањата за парламентарните избори во сите населени места ќе ја презентираат програмата и нивниот, како што вели, јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање. Оценува дека досегашниот тек на кампањата за претседател до пред неколку дена била демократска и смирена, но оти како се наближува денот на изборите, така и реториката знае да стане пожестокa.

Лидерот на СДСМ во интервју за МИА зборуваше за програмата на партијата за парламентарните избори која се заснова на седум столба, но и за тоа врз основа на кои податоци и пресметки стасале до сумата од 1.100 евра плата, 600 евра за минимална плата …

– Програмата на Социјалдемократскиот сојуз претставува еден апсолутно логичен континуитет на тоа што го направивме во изминатите седум години. Вие знаете дека ние седум години имавме одговорност да ја водиме Владата на Република Северна Македонија заедно со коалиционите партнери. Во текот на тие седум години се разбира дека беа направени грешки и ако некој во ова студио може да преземе одговорност за тие грешки тогаш тоа сум јас, бидејќи тој што работи може и да погреши, меѓутоа оној што утре ќе ги признае грешките тоа значи дека и може да се подобри. Пред сè, тука мислам на потребата за понатамошно унапредување на животниот стандард на граѓаните, со оглед на високите цени коишто ги имаме заради војната во Украина, потоа унапредувањето на владеењето на правото и на подобра борба против корупцијата и тоа се трите работи коишто најмногу ги загрижуваат граѓаните, рече Ковачевски.

Од друга страна, нагласи тој, направивме една исклучително важна работа и ја направивме апсолутно правилно, а тоа е зацртавме јасна визија и јасен пат на Северна Македонија во Европската унија.

– Ние донесовме тешки одлуки како коалиција и како СДСМ за влез на државата во НАТО. Сега гледаме што значи да се биде земја членка на НАТО во време кога има конфликти на сите страни и во Европа и на Блискиот Исток и исто така, отпочнавме преговори со Европската унија со заштитен македонски јазик, заштитена македонска култура и заштитен македонски идентитет коишто веќе никој не ги доведува во прашање, рече Ковачевски.

Во однос на тврдењата дека има мешања или обиди за мешање однадвор во изборната кампања, Ковачевски рече оти секако дека има обиди и мешање на трети страни не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија. Пред сè, како што кажа, мисли на држави што не сакаат да ја видат Македонија како дел од ЕУ и коишто сакаат да имаме отворени прашања и отворени конфликти не само во Македонија туку и во регионот.

– Меѓутоа, сепак сметам дека ние како држава имаме и капацитет, имаме и луѓе и институции коишто ќе овозможат граѓаните да го дадат својот глас на најдемократски начин и на овие избори. Секако дека и од моите изјави што сум ги давал во минатото, но и од изјави од наши стратешки партнери на високи претставници се чувствува во Македонија влијание на трети страни особено на оние што се поврзани со Русија или со некои нивни сателити, преку политички партии или преку одредени организации сакаат да влијаат на наметнување на реторика поинаква од онаа што граѓаните на Македонија ја сакаат и ја заслужуваат, посочува Ковачевски.

Едно од актуелните прашања што се наметна деновиве во јавноста е најавата на техничкиот министер за надворешни работи Бујар Османи за преиспитување на учеството на нашата земја во иницијативата Отворен Балкан. Ковачевски вели дека Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската унија.

– Таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската унија, а тоа е слободното движење на луѓе, слободно движење на капитал, на производи и слободно движење на услуги. И кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан тие се токму тоа.

Во интервјуто Ковачевски се осврнува на резултатите од оваа иницијатива нагласувајќи дека останува на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна.

– Од друга страна, политичарите како во избори тие даваат изјави што треба, што не треба. Јас останувам на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна. Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан. Исто така, има една многу позначајна иницијатива, која што е Берлински процес, во која што учествуваат сите земји од Западен Балкан, меѓутоа таму има еден проблем што ниту една иницијатива не е заживеана со оглед на тоа дека секогаш постои проблем во некоја држава. На пример, во Босна не можат тие внатре да се договорат меѓу себе да ратификуваат некој договор, потоа ќе се појави некој проблем помеѓу други две држави и процесот оди многу поспоро. Меѓутоа, мислам дека и тој процес ќе биде забрзан со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во Европската унија. Преговорите веќе ги отпочнаа и Македонија, и Албанија, и Црна Гора, и Србија. Веќе имаме земји членки на НАТО, тоа се Албанија, Црна Гора, Македонија коишто сме земји членки на НАТО. Сметам дека помеѓу Србија и Косово дијалогот треба да продолжи за да можат да ги нормализираат своите односи согласно со Бриселскиот договор и согласно со разговорите коишто ги имаа во Охрид и мислам дека на тој начин овој регион ќе се европеизира. Ќе работиме многу повеќе заедно, многу повеќе на заеднички теми коишто на крајот на денот ќе резултираат со држави коишто ќе станат земји членки на Европската унија, вели Ковачевски.

Претседателот на СДСМ во интервју за МИА нагласува дека тој и неговата партија имаат многу јасен став по однос на потребата од носење на уставните измени бидејќи тие претставуваат една од обврските што ги има Северна Македонија во делот на Преговарачката рамка. На прашање кога би можело да случат уставни измени имајќи ги предвид изјавите од албанскиот блок тоа да биде пред формирање влада или до Нова година, но и од германскиот пратеник дека ВМРО-ДПМНЕ до Нова година би усвоиле уставни измени, Ковачевски вели дека „кога ќе соберат храброст во секој момент можат да се јават во СДСМ“ и кај него и во Собрание да се изгласаат уставните измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот