Консензус околу законот за Јавно обвинителство?

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Очигледно заврши еуфоријата околу Преспанскиот договор и пофалбите за храбрите протагонисти на овој историски договор. Животот врти нова страница. По меѓународното помирување со соседите, на европската агенда е помирување внатре, меѓу партиите. Тоа може да се разбере од дипломатскиот речник со кој ни се обраќаат.

Проблемот со вашите политичари, ми вели пред години Ник Бигман, амбасадорот на НАТО во Македонија и, претходно, колега претставник на Холандија во ОН, е што не го разбираат дипломатскиот јазик, па мора сè да им се кажува најдиректно. Тоа, за нас како странци во вашата земја, додава, е многу непријатно.

Деновиве, разбираме дека на сите состаноци со нашите политичари, новиот комесар за проширување Вархељ изразил надеж и очекување законот за Јавното обвинителство да се донесе во сегашниот парламентарен состав, пред изборите. „Надеж“ и „очекување“ е дипломатскиот јазик што кажува што би морало да се стори од наша страна. Но, од коридорите на Владата слушаме дека „еврокомесарот… не испорача тврди услови и посочи дека Македонија е спремна да ги почне преговорите“.

Сите знаеме дека месеци наназад пораката од Брисел и од амбасадорите на Унијата во земјава искажана со јазикот на дипломатијата е истата, но кај нас сè мора да биде директно и ултимативно кажано. Поинаку не разбираме. Достоинството на народот се чува и така што политичарите ќе пресметаат што треба да сторат и ќе го направат она што мораат и пред да им се соопшти јавно, дури и со дипломатски јазик.

А, што е тоа што треба да се направи во определен случај, не е тешко да се разбере. Денес, со свои амбасади во Брисел и во престолнините на големите европски сили и со нивни амбасадори во Скопје, тоа е лесна задача. Ако сакаме да сме на сигурната страна кога ќе се носи одлуката за почеток на преговорите со Македонија, законот за Јавното обвинителство треба да се донесе во Парламентот од овој парламентарен состав. Значи, дилемата што останува е само дали овој потфат е возможен.

Зашто, како консензуално да се донесе контроверзниот закон кога власта вели дека битката е како да се спречи опозицијата да ги поништи судските постапки против нивните поранешни раководители, додека опозицијата вели дека власта се пресметува со неа преку судскиот систем. Позициите на двете најголеми партии, по ова прашање, се како оган и вода. Со оглед на улогата на Западот во формирањето на СЈО, за очекување беше дека нивната поддршка ќе биде на страната која сака да ги продолжи процесите што ги почна Специјалното јавно обвинителство. Се плашам дека, по драмата што ни ја приреди специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и аферата со која се поврзуваат и актуелни политичари, власта загуби дел од предноста кај странците во однос на опозицијата. Имено, свесна за ендемскиот и системски карактер на нашата корупција, Унијата како да губи верба дека во спорот има чесна страна, па преку својот комесар упатува порака на соработка меѓу партиите: заеднички да донесат закон за Јавното обвинителство во овој собраниски мандат. Што се однесува до заслугите за досегашните успеси на Северна Македонија, од комесарот Оливер Вархељ слушаме дека тие се остварени „благодарение на низа влади кои ги посветија своите напори за тоа да се случи, не само оваа влада, туку и претходната влада и владата пред неа“.

Очигледно заврши еуфоријата околу Преспанскиот договор и пофалбите за храбрите протагонисти на овој историски договор. Животот врти нова страница. По меѓународното помирување со соседите, на европската агенда е помирување внатре, меѓу партиите. Тоа може да се разбере од дипломатскиот речник со кој ни се обраќаат. Но, петгодишното влечкање на судските процеси и сето она друго што ни се случи во меѓувреме, покажа дека и оваа генерација политичари може толку и дека побргу ќе ја уништат државата отколку што ќе дозволат нивните да завршат во затвор.

Како што знаете и умеете поминете го Преспанскиот договор во Парламентот, беше пораката за членство во НАТО од страна на Америка. Така, еден од заслужните во собирањето гласови стана еден од главнообвинетите во аферата со прислушувањето, кој, велат, вложи свои пари и моќ да помогне во обезбедувањето на потребните гласови во Парламентот. Иста ли е сега пораката од Европската Унија со законот за јавното обвинителство заради отпочнување на преговори со Северна Македонија? Зашто, кога Унијата инсистира на закон за јавното обвинителство поддржан од двете партии, таа мора да е свесна дека, по толку години влечкање на судските процеси, само со простување на криминалот откриен од прислушуваните разговори е можно опозицијата да се согласи да го поддржи текстот на законот. Но, простување е противправно! Зависи како гледате на правото. Ако тоа паѓа од небото или од главите на професори по уставно право, така е. Но, ако правото е производ на политичкиот процес, како што во реалноста е, тогаш право е она што заеднички ќе изгласаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Зарем во овие триесет години демократија не научивме дека и криминалот може да биде „покриен“ со правото, со законите? Значи, од соработката и посветеноста на принципите на демократијата од страна на нашите партии, зависи какво право ќе произведат и колку сме блиску до идеалот на правната држава. За жал, реалните процеси ни покажаа дека нема таква соработка и таква посветеност, па прогресот на државата во европските интеграции е блокиран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот