Кој цензурира новинари, отсега ќе оди во затвор

Новинари /фото: МИА

Со измени на Кривичниот законик, кои ги предлага Министерството за правда, за првпат во нашето кривичното законодавство ќе се воведат затворски казни за загрозување на слободата на новинарското изразување, објави БИРН.

Тоа значи дека штом оваа верзија на предлог-законот помине во Собранието, ако некому му се повреди слободата на мислење и изразување, судот може да го осуди на затворска казна.

Утре истекува рокот во кој сите заинтересирани можат да ја искоментираат предложената верзија на Кривичниот законик, објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Со членот 193 од Кривичниот законик се предлага затворска казна од шест месеци до пет години за „оној што ќе нареди или спроведува цензура или пак, на новинарот противправно ќе му ја одземе или ќе му ја ограничи слободата на известување“. Истата казна треба да ја добие и оној што противправно ќе спречи да се печатат, продаваат или дистрибуираат списанија, весници или други печатени изданија или производство и емитување радио и телевизиски програми, програми на новински агенции или објавување медиумски содржини.

Во првиот став од предложениот член, кој се однесува на сите граѓани, пишува дека „тој што на друг ќе му одземе или ограничи некое право поради изразување на личен став, мислење или определба, освен ако се исполнети законските обележја на некое друго кривично дело, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.

Со оваа казна се предлага да се санкционира и тој што на друг ќе му ја одземе или ограничи слободата на говор или јавен настап, слободата на печатот или други средства на информирање или слободното основање установи за јавно информирање.

Пропишани се и квалифицирани облици за пет кривични дела кога се во прашање новинарите. Тоа се убиство на новинар, за што, е предвидена казна од 10 години или доживотен затвор, потоа кривично ќе се одговара за повреда на слободата на мислење и изразување на новинар, за присилба, и за загрозување на сигурноста и спречување новинарот како службено лице во вршење на службено дејствие. Обвинителството за овие случаи ќе треба да постапува по службена должност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот