Кога најдобрите планови ќе ја промашат целта

Сликата беше следна. Станица на метро линија во источен Лондон. Сабајле. Рано сабајле. Утрински турканици, луѓе чекаат да се качат, поточно да се натоварат во некој од вагоните во возот што стигнува на станицата веќе преполн со патници од претходните станици. Луѓе, главно млади и на средна возраст, ненаспани и со кафиња во раце, со мокри коси (тазе истуширани – лондонска утринска традиција – мокра коса наутро се суши природно, во воз). Возот влегува во станицата, кога одеднаш врз него… да, да, врз него, над возот, одгоре над вагоните – се качуваат неколкумина демонстранти кои, за да биде јасно кои се и што се, ја развиваат паролата за заштита на човековата околина и се идентификуваат како „екстиншн ребелион“, во слободен превод „побуна (против) истребување“ (на природата, а со тоа и на човештвото).

Но за разлика од централен Лондон, пред парламентот и на „Трафалгар сквер“, ова тука не помина. Доживеа пораз. Колосален пораз. Не дека источнолондончани се нешто за климатските промени, дрвосечачи, на иста линија со нафтените компании, со воените профитери, сакаат полиња фабрики со расчадени оџаци, крволочни ловџии и така натаму… Напротив. Ама тргнати рано на работа, мнозинството ненаспани, некои тазе истуширани и без волја сабајле нешто длабоко да размислуваат, а камоли да разговараат за смислата на животот, а тука некои се качиле на возот и демонстрираат, па ќе доцнат на работа… што е многу, многу е. И почна контра акција. Односно, качените, откако беа таргетирани со хартиени и стиропор чаши од кафе и чај (сепак, грижа за околината), беа свлечкани од покривите на вагоните, испочукани (велат малку, ама испочукан е испочукан) и прибрани од полицијата.

Класна војна

Мора да се каже и нема заобиколување, акцијата беше целосно промашување. Фијаско. Дебакл. Или, да се изразам поинаку – утка. Еве и зошто. Каде најдовте, драги активисти (кои, патем, ја имаат мојата поддршка) да блокирате возови во области на Лондон кои историски се сиромашни? Каде што живее работничка класа, со големи заедници на мигранти и на дијаспора. Со луѓе што работат на договор за „нула часови“ (генијална измислица на капитализмот – имаш договор, немаш утврдени часови), за минимална плата или на определено време. И често се зависни од газдите, па ако доцнат или промашат смена, им се скратува дневницата за тој ден, или попусто си дошол. А, ако не сакаш ти, има кој сака, ене ги, излегуваат од вагоните на возовите секое утро.

Главно белите и главно од привилегираната средна класа, активистите што протестираа не сфатија дека токму тука не смееја да протестираат, зашто ова не треба да им е целната група за протести. Тешко стекнатите пари овие луѓе главно ги користат за издржување на своите семејства, тука, но и надвор, честопати во места каде што климатските промени го осакатија тамошното население и животот таму го сведоа на борба за опстанок. Глобалната криза на климатските промени ги зафаќа нашите животи поединечно, животите на работничката класа и на имигрантите – ова не е само борба за планетата, туку и борба за луѓето. Разбраа, ама малку доцна, па се извинија…

Таргетирање на политичарите

Качувањето на возови и лепењето раце со суперлепак на вагони на возови во работнички делови од Лондон, не ја постигна целта. А тоа е лошо са сите нас зашто потребна е акција и потребно е да се протестира. Но вистинскиот проблем лежи врз плеќите на елитата и фокусот треба да се стави врз нив. На владата, на големите компании, банките, осигурителните компании, големите загадувачи и на инвестициските фондови што се обложуваат со пари за добивка и добиваат и кога губат.

Ако се комбинира таргетирањето на овие штетници што со децении минуваат неказнети, преку немилосрден притисок врз нив, но пред сè преку политичарите и упорно со протести, има шанси за успех. Некаков, задоцнет, но сепак успех. Тоа е патот на „побуна (против) истребувањето“ . Оти ќе почне да нè снемува, па ќе нема кој да се побуни. Тука и насекаде.

Кога сме веќе кај политичарите, премиерот Борис Џонсон се врати од Брисел со, вели, нов, подобрен договор за излегување на Обединетото Кралство од ЕУ. Весел, расположен и радосен. Опозицијата (лабуристите и либералдемократите) веднаш рече дека ќе гласа против. И Демократската унионистичката партија од Северна Ирска (ДУП) која ја држеше предноста на владејачката конзервативната во свои раце, сега вели дека е против. Ако договорот, сепак, помине, Британија излегува од ЕУ на 31 октомври. Ќе здивнеме? Не. Потоа претстојат години дополнителни преговори и договори за натамошно функционирање на државата. Ако договорот не помине, Џонсон ќе треба да бара продолжување на членството уште некое време. Ако ЕУ се согласи. Ќе здивнеме? Не. Ќе се бара изгласување (не)доверба за Борис. Па можен е референдум, вели опозицијата. Па избори. Да, тука се заплетка работата, пред три е нешто години, ама..

Не е сè секогаш од Брисел добра вест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот