Јавен обвинител Љубомир Лапе и јавен обвинител Теута Бедиу Рамадани / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Јавен обвинител Љубомир Лапе и јавен обвинител Теута Бедиу Рамадани / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

ВИДЕО | Ќе се ексхумира уште една повозрасна жена, потенцијална жртва на серискиот убиец

Уште една повозрасна жена од Кумановскиот Регион ќе биде ексхумирана откако почна истрагата за серија убиства во регионот на селата Старо Нагоричане и Челопек, а за што осомничен е Трајко Б., овчар од селото Малотино, кој моментално се наоѓа во притвор. Обвинителството не открива од каде е третата потенцијална жртва за која е наредена ексхумација ниту кога починала, но открија дека се работи за повозрасна женска личност. Јавниот обвинител Љубомир Лапе вели дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против истото лице (Трајко Б, н.з) за уште едно кривично дело убиство (член 123 став 3) кое согласно Кривичниот Законик се казнува со доживотен затвор.

 

Јавното обвинителство и понатаму продолжува да презема мерки и активности, да издава наредби и да прибавува докази за испитување на сите околности поврзани со предметот. Исто така, во текот на наредните денови е планирана уште една ексхумација за уште една жртва за која се сомневаме дека е жртва од кривично дело, рече обвинителот Лапе. 

Осомничениот Трајко Б. е во кумановскиот затвор, но многу брзо ќе биде посетен од психијатриски тим задолжен да го состави неговиот психолошки профил, целиот животен пат од детството до денеска. Според информации на „Слободен печат“ тој претходно бил процесуиран за тешка кражба, за кое кривично дело било извршено медицинско вештачење што покажало дека има намалена пресметливост. Сега е наредено друго вештачење за кривичното дело убиство.

Досегашните обдукции покажаа дека две од жените за кои се сомничи Трајко Б. починале од насилна смрт – 78-годишната Мира С. и 36-годишната Марија М. Освен неговата улога, обвинителството истражува каква улога имаат и други лица во случајот. Тој претходно бил процесуиран за тешки кражби. Марија М. беше првично погребана како нејзината смрт да е природна, но подоцна ексхумацијата покажа дека насилно починала. Обвинителството уверува дека ќе испита сè – и улогата на лекарите и полицајците со оглед на тоа што за смртта на Марија М. на лице место дошле и лекар и полиција, а таа била закопана како да починала од ненасилна смрт. Мотивот на сторителот на серијата убиства на повозрасни жени од Кумановскиот Регион што живееле сами, засега не е утврден. Првично не е пријавено дека жртвата Марија М. е ограбена, односно досегашните сознанија се дека од нејзиниот дом не недостасува ништо. Од домот на 78-годишната Мира С. пак, недостасувале 17 илјади евра. Полицијата добила наредба да ги извади сите пријави, поплаки, телефонски повици за Трајко Б. и врз основа на тој попис се преземаат понатамошни дејствија.

„Слободен печат“ разговараше со една од преживеаните жени жртви на напад, Росанка од Челопек, која пред нашата камера раскажа како била тепана среде бел ден од страна на непознат сторител кој можеби е Трајко Б.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот