Ќе продолжат и притисокот од дипломатите и отпорот од опозиционерите

Ако доаѓаат за уставни измени нашата порака е иста, нашите аргументи се исти, од таа страна не слушам нова поента. Ако доаѓаат за тоа, ќе бидам разочаран и загрижен оти на граѓаните последна работа што им паѓа на памет се уставните измени, тие имаат реални проблеми, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ниту засилениот притисок на европските дипломати нема да го промени ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски и на дипломатите од Франција, Германија и од Полска, кои идната недела ќе дојдат во Скопје, ќе им каже дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема, истото што вчера им го кажа на шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и Словачка. Мицкоски демантира дека министерската тројка на вчерашната средба споменала изолација на Македонија ако до декември не поминат уставните измени, туку рекле дека процесот ќе забави.

– Разговарав со тројцата министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и од Словачка. Имавме аргументирана дебата во парламентот, ги кажавме нашите ставови кои се исти и непроменети. И ако некој ја изолира Македонија тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособноста да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија. Од тројцата дипломати добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле дека ќе има задоцнување во процесот, а задоцнување ќе има затоа што Владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат што народот не го прифаќа и е надвор од политички консензус – вели Мицкоски.

Според него, виновник ако Македонија задоцни во евроинтеграциите е Владата. Тој најави дека по промената на власта ќе дојдат луѓе што знаат како да ја извадат Македонија од состојбата во која се наоѓа. Тој потврди дека следната недела доаѓаат тројца министри за Европа на Германија, Франција и на Полска.

– Ако доаѓаат за уставни измени нашата порака е иста, нашите аргументи се исти, од таа страна не слушам нова поента. Ако доаѓаат за тоа, ќе бидам разочаран и загрижен оти на граѓаните последна работа што им паѓа на памет се уставните измени, тие имаат реални проблеми – рече Мицкоски.

Според собраниската агенда, со Вајмарската тројка во која се Ана Лурман, министерка за Европа на Германија, Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за европски прашања на Полска во вторник ќе се сретнат со претседателот на Собранието Талат Џафери, со потпретседателите и со координаторите на пратеничките групи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи објасни дека Вајмарската тројка ќе ја образложи важноста од уставните измени за продолжување на европскиот пат на земјава. Според него, најважно е присуството на францускиот дипломат, кој јасно би ги протолкувал сите одредби од Преговарачката рамка, за кои постојат дилеми.

– Најважно е да дојде францускиот дипломат. Франција треба да биде на некој начин толкувач на овие одредби што ги има. Јас очекувам, и тоа сум им го кажал на Французите, дека протоколите не се дел од одредниците, дека тие не може да бидат пречка, јас ќе ја повикам Франција да биде толкувач на тоа, затоа што со нив е направен овој договор – рече Османи.

Тој очекува да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните амандмани откако ќе почне дебатата за нив, кога и јавноста и пратениците ќе се уверат дека нема ништо спорно ако Хрватите, Црногорците, Бугарите и други етнички заедници се додадат на веќе постојните во Преамбулата, бидејќи сите зедно го рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата.

Европската тројка министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и од Словачка по средбите со сите политички лидери порачаа дека уставните измени се единствената можност за продолжување на европскиот пат на Македонија. Дека без вметнување на Бугарите во Уставот Северна Македонија ќе застане на патот кон Европската Унија, а ќе остане и изолирана. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка, предупредија министрите.

Аналитичарите очекуваат зголемен дипломатски притисок врз опозицијата, но не веруваат во позитивен исход во врска со уставните измени.

Иво Рангеловиќ, политиколог / Утрински брифинг

Политичкиот аналитичар Иво Рангеловиќ за „Слободен печат“ вели дека е очекувано притисокот од странците да расте и дека во принцип е легитимизиран со самото прифаќање на Францускиот предлог. Тој додава дека политичката расправа веќе не е дали е разумно да се спроведат уставните измени, туку дали ќе го исполниме она на што сме се обврзале. Во прашање е формалност наместо суштина.

– Низ призмата на партискиот интерес, за ВМРО-ДПМНЕ е предоцна да ги прифати уставните измени бидејќи бадијала би оделе на избори, биле навремени или предвремени. Платформата која го одржува силниот рејтинг на оваа партија е противењето на промената на Уставот, што објективно им ја носи победата на тацна. Од друга страна, се сомневам дека јавноста во Македонија, алудирам на гласачкото тело, е свесно дека кој и да победи на следните избори и да состави влада, е обврзан да ги спроведе измените во Уставот – смета Рангеловиќ.

Мицкоски останува на ставот дека со власта ќе седне на маса само за да договорат датум за избори и дека уставните измени за ВМРО-ДПМНЕ се затворена тема. Тој повторува дека избори ќе има набргу, час поскоро, есенва е најдобро, а и редовните не се далеку.

 

Маричиќ: Прво уставни измени, па предвремени избори

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“ рече дека не е време за предвремени избори, туку за носење одлуки и дека предвремени избори може да има само доколку опозицијата се согласи веднаш да гласа за уставните измени.

– Само таа опција ние како Влада би ја прифатиле за предвремени избори. Мислам дека не е време за предвремени избори туку е за понесување одговорност и за имплементација на она што ни е обврска. Граѓаните ќе ни бидат благодарни доколку ја завршиме таа обврска пред изборите за да не бидат изборите оптоварени со тоа кој е за, а кој против уставни измени, затоа што тоа ќе нè внесе во нов десетгодишен тунел од кој не знаеме дали ќе можеме да излеземе, како што бевме изминатиот период со спорот со Грција. Тоа не ни донесе подобри позиции, не ни ја зајакна улогата, не ги подобри перформансите ниту внатре во државата, ниту не приближи до нашата цел, членство во ЕУ. Затоа не треба граѓаните да бидат предмет на пропаганда и на илузија, треба да се зборува отворено и одговорно – изјави Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот