Кирил Петков доаѓа во Скопје со добра волја и практични предлози

Димитар Ковачевски Кирил Петков
Димитар Ковачевски и Кирил Петков / Фото: Влада на Република Северна Македонија/EPA

На средбата со новоизбраниот македонски премиер Димитар Ковачевски, Петков ќе го претстави предлогот за формирање пет работни групи, за економија, за инфраструктура, за евроинтеграции, за култура и за историски прашања, кои би се состанувале еднаш месечно и со интензивна работа би дошло до компромиси од двете страни.

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска во Скопје доаѓа со сопствен предлог за решение на спорот, со барање Бугарите да влезат во македонскиот Устав, но и со потврден став дека во Бугарија нема Македонци и за тоа нема да се разговара. На средбата со новоизбраниот македонски премиер Димитар Ковачевски, Петков ќе го претстави предлогот за формирање пет работни групи, за економија, за инфраструктура, за евроинтеграции, за култура и за историски прашања, кои би се состанувале еднаш месечно и со интензивна работа би дошло до компромиси од двете страни. Со Петков во делегацијата ќе бидат министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за транспорт и врски Николај Сабев.

Вчера Петков му го честиташе на Ковачевски стапувањето на должноста премиер и ѝ посака успех на новата влада.

– Очекувам да работиме заедно на нов конструктивен дијалог и разбирање во интерес на нашите билатерални односи, чиј развој е од голема полза за граѓаните на Бугарија и на Република Северна Македонија – напиша Петков на официјалната фејсбук-страница на бугарската влада.

Според него, ставот на Бугарија за европската перспектива на Македонија е конзистентен и јасен, а добрососедството може да донесе сериозни придобивки не само за двете земји туку и за целиот регион.

Во деновите пред посетата на Скопје, Петков интензивно дава интервјуа за бугарски и за македонски медиуми, па пред три дена за БТВ изјави дека никогаш не разговарал со амбасадата на САД за признавање т.н. македонско малцинство во земјата.

– Нема такво малцинство и за такво малцинство не може да се зборува – рече Петков.

Тој вели дека Бугарија бара бугарското малцинство во Македонија да влезе во Уставот на земјата, додавајќи дека никогаш не навел точен рок за решение на спорот, односно дека „РСМ ќе влезе во ЕУ кога позицијата на Бугарија ќе биде усогласена“.

На овој став на Петков жестоко реагираше ОМО „Илинден Пирин“, забранетата партија на Македонците во Бугарија, која порача дека македонско малцинство во Бугарија имало и ќе има.

– Не е некаква вредност и важен гласот на оние што негираат, туку гласот на оние што се самоопределуваат и ќе продолжат да се самоопределуваат како Македонци, како што се нивните татковци и дедовци. Ова е последната тоталитарна политика во ЕУ и како таква е бугарски срам за Европа – се вели меѓу другото во реакцијата на ОМО „Илинден Пирин“.

Министерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во врска со негирањето на македонското малцинство во Бугарија, вчера рече дека ние не се мешаме во внатрешните работи на други држави и во овој момент не би било продуктивно „изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било од државите во регионот“.

– Ние се водиме од европски принципи и практики и тоа ќе остане така, тоа е наша уставна обврска. Секоја група луѓе, етничка заедница или, пак, политичка партија или здружение имаат право да ги бараат своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права или Европската конвенција за заштита на човековите права – рече Маричиќ.

Според претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили, посетата на Петков е позитивна, затоа што токму од Бугарија и се очекува да направи конкретен чекор кон деблокада на односите.

– Неговите изјави се на добра линија, но не зависи сѐ од него. Во Бугарија уште од 1911 година има меѓупартиски договор секогаш да имаат консензус за надворешните работи на земјата. И прашање е дали Петков ќе има сила да го надмине тој консензус, кој има традиција со децении. Неговата желба се гледа, но тој има друштво во владата, министри од други партии…

Најважно е дека овој процес е долготраен и не може да се надмине само со работа на работни групи или комисии. Петков сега бара начини за деблокада, бара да може пред гласачите да каже дека тие поставиле услови, ние сме ги исполниле и затоа сега процесот продолжува напред.

Барањето за промена на нашиот Устав, тоа е излез од претходната позиција кога беа поставени премногу тврди услови за нас, кои воопшто не наидоа на поддршка кај западните партнери. Бугарите останаа сами. Тие длабоко ораа, излегоа со максималистички барања, неодобрени од светот, и сега бараат мек начин да се повлечат од тие невозможни барања – вели Халили за „Слободен печат“.

Тој вели дека Македонија и Албанија неколку години биле кочени, но уверен е дека до крајот на оваа година двете земји ќе ги почнат преговорите.

– Макрон се изјасни дека тоа нема да се случи за време на француското претседателство со ЕУ, но заложбите ќе продолжат за време на шведското претседателство. Франција сега има интерес за деблокада, затоа што на Макрон му е потребен албанскиот премиер Еди Рама, кој има своја улога во процесот за решавање на спорот меѓу Косово и Србија – вели Халили.

Професорот Ненад Марковиќ вели дека е умерен песимист пред посетата на бугарскиот премиер, затоа што многупати досега се најавувало дека спорот ќе се реши.

– Проблемот не е во Петков, тој има коалициска влада со социјалистите и партијата на Слави Трифонов, кои пред доаѓањето во Скопје го опоменаа да не ја омекнува позицијата. Тоа е комплексна коалиција и од средбата може да се очекува запознавање – вели Марковиќ за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Според него, експремиерот Зоран Заев неоправдано влеваше оптимизам за брзо решавање на спорот.

– Може да се случи промена ако се случи некакво драматично отстапување од некоја од страните – вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот