Ќе има ли избори на 12 април?

Малку избрзана политичката одлука на партиите кај шефот на државата Стево Пендаровски да го определат 12 април како датум за предвремени парламентарни избори, вели претседателот на Демократки сојуз Павле Трајанов за „Слободен печат“. Тој не е сигурен дека ќе има избори и посочува дека е потребен пореален датум. Во интерес на државата, според Трајанов, треба да има избори во јуни. Дотогаш, вели, ќе се расчисти состојбата со приемот на Македонија во НАТО, а ќе биде појасен и почетокот за преговорите со ЕУ.

– Треба нов политички договор, лидерите да седнат и повоторно да се договорат и да дефинираат кои се реформските приоритетии и во јуни да има избори. На сите партии, избори не им одговараат сега. Клучно е ДИК да реагира за да нема 6 или 9 месеци изборна кампања. Партиите да прекинат со кампањата надвор од изборните датуми, бидејќи таа ќе влијае и врз стабилноста,  економијата  и на европсктие интеграции – вели Трајанов.

Во меѓувреме, ДУИ е се погласна дека е рано за избори на пролет. Според интегративците, треба да се почека  ратификацијата на Протоколот за членлството во НАТО во парламентот на Шпанија, а потоа и во македонското Собрание.

– Пред да одиме на избори, нашата земја треба да има знаме и да биде 30-та земја членка рамноправна со другите – велат во ДУИ.

Во ДУИ посочуваат дека изборите на 12 април би го загрозиле и евентуалното добивање датум за преговори со Европската Унија на Самитот во Загреб во мај, догодина.

– Ако Изборниот закон вели распуштање на парламентот 60 дена пред избори, тогаш од 11 февруари Македонија ќе остане без парламент. Ќе нема пратеници кои би гласале за евентуалните нови услови,  закони или одлуки, кои може да се очекуваат со новата методологија на Франција во Стратегија за реформи во ЕУ по новата година – велат во партијата.

На вчерашните вонредни избори во Шпанија социјалистичката работничка партија на предвремените избори доби најмногу мандати, но не и доволно за формирање на Влада. За Македонија изборите во Шпанија се важни бидејќи колку побрзо се конситуира Парламентот, толку побрзо ќе се ратификува Протоколот за влез на Македонија во НАТО.  Конститутивната седницата веќе е закажана на 3 декември, денот кога започнува самитот на НАТО во Лондон. Но за ратификацијата потребно е јасно дефинирано мнозинство, воспоставување на работните тела и формирање влада за пратениците да може да ја истуркаат процедурата за ратификација на протоколот.

Неодамна и премиерот Зоран Заев рече дека 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори треба да се задржи, но дека треба да се остави можност за какви било промени, пред се, заради ратификацијата на Протоколот за прием на државата во НАТО.

– Сите 29 земји членки го ратификувале Протоколот и кога ќе дојде до Република Македонија да го ратификува не смееме да дозволиме да немаме парламент – рече Заев.

Собранискиот спикер Талат Џафери рече дека ако го распушти парламентот согласно роковите за избори на 12 април, не може повторно да го свика заради ратификацијата на Протоколот за НАТО.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот