Ќе го следи ли Хрватска примерот на Полска?

Уште од 1991 година, кога по распадот на Југославија Хрватска стана независна држава, конзервативните сили во земјата се обидуваат да го сменат либералниот закон за абортус од комунистичко време. Според законот од 1978 година, на жените во земјата им е дозволен абортус најдоцна до десеттата недела од бременоста, независно од причините и без дополнителни услови.

Така барем звучи во теорија. Во пракса спроведувањето на овој закон не оди така лесно, заради промената воведена во 2003 година: лекарите имаат право да одбијат ваков зафат поради лична совест.

Сања Ковачевиќ од „Платформата за репродуктивна правда“ признава дека хрватските активистки за женски права „го преспале“ воведувањето на правото да се одбие зафатот и не ја препознале навреме опасноста што ја носи. Дури откако повторно на власт дошла конзервативната Хрватска демократска унија (ХДЗ), им станало јасно дека оваа промена може да биде и проблематична. „Има одредени групи во медицинските кругови и професионалните здруженија, кои соработуваат со конзервативните организации во земјата“, вели таа.

„Гинеколошко насилство“ врз жените

Сѐ повеќе Хрватки одат во Словенија за да абортираат во соседната земја. За либералните активисти од левицата е јасно кој е виновникот за ваквиот развој на настаните: моќната католичка црква и конзервативната владејачка партија ХДЗ. Велат, абортусот во Хрватска сѐ повеќе се стигматизирал и сѐ повеќе се доведувала во прашање слободата на жените самите да одлучуваат за сопственото тело.

Во Хрватска религијата има предност пред сексуалното образование, објаснува Ковачевиќ и бира жесток речник: „Жените доживуваат еден вид гинеколошко насилство“. Ако во локалните болници се обратат со барање за абортус, ги одбиваат, вели Ковачевиќ, и додава дека тоа неретко е проследено со соодветна доза навреди и морални предавања.

Тоа го потврдуваат и резултатите од студијата со која располага ополномоштеникот за родова рамноправност, Вишња Љубичиќ. Таа е спроведена во 30 државни болници во Хрватска, во кои – барем теоретски – би требало да биде овозможен абортус. „Во 2014 година 54% од медицинскиот персонал го искористил правото на одбивање да изврши ваков зафат, додека во 2019 година тој процент е зголемен на 59%. Во Словенија, пак, ова право го искористиле само три проценти од лекарите“, вели Љубичиќ. Ополномоштеникот за родова еднаквост вели дека често добива поплаки од жени бидејќи во болниците имало вознемирувачки инфоматеријали против абортус, како летоци и плакати. По интервенцијата на Љубичиќ, овие материјали во најголемиот дел случаи биле отстранети. 

Вишња Љубичиќ е свесна дека и двете права, и правото на лекарите да одбијат, како и правото на жените на абортус, во Хрватска се утврдени со закон. Но, тоа не значи дека едното право го поткопува другото. „Не е можно индивидуално право де факто да го блокира абортусот како медицинско колективно право“, аргументира таа и нуди практично решение: „Ако сите вработени во една државна клиника го искористат ова индивидуално право, тогаш клиниката мора да ангажира надворешен доктор кој ќе го изврши абортусот.“

Добри или лоши вести од Полска?

Новостите за дополнителното заострување на и онака строгиот закон за абортуси во Полска, ги шокираа хрватските активистки за женски права. Во конзервативните кругови, пак, кои се борат за забрана на абортусот во Хрватска, тие предизвикаа воодушевување. Најпознатата активистка на Про лајф од Хрватска, Жељка Маркиќ, ја поздрави одлуката на полскиот Уставен суд како „признание на научното сознание дека животот започнува уште во моментот на зачнувањето“.

Со тоа Полска во однос на детските и човековите права била „светилник“ за други земји од ЕУ, вели претседателката на здружението „Во име на семејството“. Тоа „особено важи за земја како Германија, која во поновата историја има искусено како изгледа кога правото на живот не е апсолутно, туку зависи од националноста, религиската припадност или здравјето на човекот“. За Маркиќ правото на абортус не е само чисто женско право: „За мене тоа е одлука на жените и на мажите. Секое дете има татко и мајка. И мажите имаат право да учествуваат во носењето одлука“. 

Маркиќ не верува во анкетите, според кои мнозинството Хрвати се против забрана на абортусот. Таа го застапува мислењето дека секој човек е обврзан човековиот живот „да го штити од зачнување до смрт“.

 Правото на абортус во согласност со Уставот

Конзервативците во земјата се обидоа пред Уставниот суд да го оспорат важечкиот закон што датира од 1978 година. Во 2017 година највисоката судска инстанца во Хрватска ја одби нивната тужба и одлучи дека постоечкиот закон е во склад со Уставот. Но, на владата истовремено ѝ беше наложено да го преработи и надополни законот со превентивни мерки за абортусот навистина да биде исклучок, а не правило. Таа задача требаше да биде исполнета уште во 2019 година, но до денес ништо не се случило. Активистките за женски права во Хрватска очекуваат тешка битка околу нивниот закон, но исклучуваат пораз.

Хрватска, вели Сања Ковачевиќ од „Платформата за репродуктивна правда“, имала сличности со Полска, бидејќи во двете земји католичката црква игра голема улога. Сепак, таа не верува дека Хрватска ќе зачекори по полскиот пат. Ковачевиќ и нејзините соборци се чувствуваат посилни благодарение на одлуката на Уставниот суд. Правото на абортус во Хрватска е во согласност со Уставот.

Преземено од „Дојче веле“

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот