Казнената камата за граѓаните од 1 јули скокна на 14 отсто

Фото: Архива

Казнената камата за периодот од 1 јули до 31 декември 2023 година е зголемена за 1,25 процентни поени и таа сега ќе изнесува 16 проценти за правните, односно 14 проценти за физичките лица. Референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, за периодот од 1 јули 2023 година до 31 декември 2023 година, изнесува 6 проценти, објави НБРСМ на 26 јуни годинава. Пресметувањето на каматата на искористениот дел од дозволеното пречекорување се добива така што на референтната стапка која во моментов е 6 проценти, се додаваат 7,95 процентни поени.

Инаку, казнената камата е и највисоката камата што банките може да ја определат за кредитите за граѓани, па најскапите кредити обично добиваат повисока камата кога казнената ќе се зголеми или пониска кога ќе се намали. Досегашната практика покажа дека може да се очекува поскапување на најскапите кредити за население, а тоа се ненаменските потрошувачки и риволвинг кредитите, како и кредитните картички кои најчесто имаат камата еднаква на казнената. Тоа значи дека ако банките одлучат да го следат движењето на казнената камата како што правеа до сега, во наредните шест месеци, до следната корекција на казнената камата, за дел од овие кредити наместо сегашните 11 отсто, ќе се пресметува камата од 14 проценти на годишно ниво.

Инаку, на 1 јануари годинава стапи на сила Закон за платежни услуги и платни системи со кој меѓудругото банките се обврзуваат транспарентно да ги објават сите трошоци кои ги имаа клиентите и по кои основи. Така банките меѓудругото информираа и дека усогласувањето на каматната стапка за дозволеното пречекорување ќе се врши на шестмесечна основа, на 1 јануари и на 1 јули секоја година. Должникот кој ќе задоцни со исполнувањето на парична обврска долгува, покрај главнината, и казнена камата. Стасаноста на обврската за плаќање на казнена камата се определува согласно со правилата на Законот за облигациони односи што се однесуваат на определувањето на времето на исполнување на обврските.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот