Капитализмот и коронавирусот: гроб од ведро небо!

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Безалтернативниот неолиберализам ја уништи политичката имагинација на планетарно ниво, па денес светот се наоѓа во многу полоша состојба одошто пред еден век, кога либералниот капитализам, во својата империјалистичка одора, ја изведе најголемата гибел во дотогашната историја – Првата светска војна.

На симболично ниво, неолибералниот капитализам започна во осумдесеттите, со пророчка ведрина и убедлив шарм, закитен со гранче бела мирислива гарденија во косите на британската премиерка Маргарет Тачер, и нејзините самоисполнувачки зборови дека „такво нешто како што е општество, всушност не постои“. Десет години подоцна, неолибералниот капитализам стана единствената глобална политичка религија и економска мантра, која себеси се претстави како безалтернативна иднина, како крај на историјата, која потоа – како и секој монизам –  го генерираше практично најсеопфатното едноумие откога постои паметењето на планетата земја. Ова едноумие, кое веќе три децении ги плави и испира мозоците на најголемото мнозинство припадници на хомосапиенсот, успеа да се претвори во божја заповед што почна несопирливо да се остварува и да ги „онепостојува“ неолибералните општества на сите континенти. Колку и да е апсурдно и тажно, излегува дека неолибералната идеолошка чума практично ги десоцијализираше општествата и го нормализираше социјалното дистанцирање долго пред денешните антиепидемиски мерки и многу потемелно од карантинот во кој се најде светот денес.

Неолиберализмот и идејната безалтернативност, всушност, ги атомизираа општествата, и од организирана социјална заедница ги претворија во толпи составени од поединечни индивидуи, во потполност препуштени на себе и лично одговорни за сѐ што им се случува. А, што им се случуваше? Им се случи најголемата нееднаквост од времето на претходниот замав на либералниот капитализам пред Првата светска војна. Им се случи најголемата кражба на општите добра, најголемото истребување на живите видови, најголемото загадување на планетата и нејзината атмосфера во историјата. Им се случи најголемата инструментализација на државата од страна на 0,1 насто од нејзините жители во полза на нивното богатење, а на штета на сите други. Им се случи најтивкото одземање на работничките права и најлицемерното дерогирање на човечките права (на живот, иднина, животна средина) од страна на крупниот капитал и неолибералната елита…

За тоа време, безалтернативниот неолиберализам практично ја уништи политичката имагинација на планетарно ниво, па денес светот – во идеолошка и интелектуална смисла – се наоѓа во многу полоша состојба одошто беше пред еден век, кога либералниот капитализам, во својата империјалистичка одора, ја изведе најголемата гибел во дотогашната историја на светот, започнувајќи ја Првата светска војна. Да, тогаш на либералниот капитализам, како на неприкосновениот планетарен идеолошки хегемон, му се спротивставуваа бројните левичарски идеологии: анархизмот, анархосиндикализмот, комунизмот, социјализмот, социјалдемократијата и други. Денес, и оние што живеат во заблуда дека се просветени граѓани, способни за критичка мисла, и се сметаат – кутрите – за напредни и начитани, не се ни сеќаваат веќе дека на идејно-политичкиот хоризонт пред неолиберализмот воопшто постоело нешто друго, а званичните говорници на неолибералниот хегемон по илјадапати дневно ја повторуваат лагата на векот: дека комунизмот и социјализмот – и како идеологии и како државно-политички реализации – не биле ништо повеќе од „пропаднат експеримент“ или „опскурни и срамни епизоди“ во историјата на 19-от и 20 век.

Непрофитабилно превенирање

Дали ужасната пандемија на ковид-19 ќе му ги отвори очите на светот, како што тоа го направи чумата во 14 век, кога ги опреми преживеаните со критичка мисла и бестрашност, и ги подготви да го прекратат средниот век со ренесансата, хуманизмот, а потоа и со просветителството и модернизмот? Можеби карантинот ме турка во детски фантазирања, но нели ви бодат очи ужасните факти за глобалниот неолиберализам што пандемијата така сурово ги разоткри? Првин за вакцината: науката укажа на неопходноста од вакцина против семејството на коронавирусот уште 2003 година, по избликот на САРС епидемијата, првиот убиствен предок на денешниот ковид-19. Меѓутоа, веќе 20 години сите обиди да се истражува во таа насока беа сопрени од единствената нечовечка логика на неолиберализмот, дека „превенирањето на идни катастрофи не е профитабилно“. Обидите да се произведат евтини инхалатори исто така беа задушени во својот зародиш, поради проценетата „непрофитабилност“ на тој производ.

Но, да не пребирам по неброените поединечни примери за сотирање на секоја акција што имаше за цел зголемување на капацитетот на општествата да им ги заштити животите на своите граѓани. Поважно е да потсетам дека неолибералниот капитализам – буквално секаде на планетава, од најбогатите земји, како што се САД, Обединетото Кралство, Франција и Италија, па до оние сиромашните како што се балканските, вечно транзициски земји, направија сѐ што е во нивните моќи да ги декапацитираат системите на јавното здравство и да ги алоцираат и човечките ресурси и придружните производства што го поддржуваат овој витален аспект на животот. Само Франција – која, инаку, се гордее со своето здравство – во последната деценија укина 100.000 болнички кревети!? Додека најбогатата земја на светот нема маски, ракавици и основна опрема ниту за медицинскиот персонал, а нема ни инхалатори, ниту болници, ниту здравствен систем што може да им пружи елементарна нега на болните во пандемијата што уште не го покажала својот вистински зол табиет.

Сите се откажаа од марксистичка мисловна оптика

Дали челично сивите факти за очигледната неспособност на неолибералниот капитализам да ги реши глобалните проблеми што сам ги предизвикал, ќе им ги отворат очите на „опулените“? Но, како да прогледа човекот што веќе се откажал од својот вид, зашто марксистичка мисловна оптика – од која сите се откажаа – е единствената што може да го обезбеди согледувањето на алтернативната иднина!  Како да се вратат политичко-економските идеологии што се темелеа на човечки вредности, како што се еднаквоста и солидарноста, и како оглупавените консумеристи – луѓето со испрани мозоци, да ја напуштат единствената и безалтернативна цел на капитализмот: алчноста и профитот по секоја цена?

Од пандемијата ќе се извлечеме без секое сомнение, колку и да се ужасни и ненадоместливи човечките жртви, но повеќе од вирусот јас се плашам од неговите последици, или поточно, од луѓето што можат да ги злоупотребат за свои цели. Упатените проценуваат дека по пандемијата ќе следи економска депресија од епски пропорции, и дека повторно само државата ќе може да го спаси капитализмот, што, конечно, веќе и се случува во целиот свет. Се плашам, последниот пат кога државата и капитализмот се воортачија, по пеколот на Првата светска кланица и нејзиниот уште поубиствен нуспроизвод – свинскиот грип што од 1918 до 1920 година уби помеѓу 70 и 100 милиони луѓе ширум светот – велам, се бојам од мислата дека од последното страсно стопување на моќта на политиката и капиталот се изроди змиски окот – оној, првиот фашизам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот