Кампањата стана идеална за ширење омраза

Сè почеста е националистичката реторика и говорот на омраза во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април следната година. Ваквата практика, според комуниколозите, претставува вообичаена појава пред секој изборен циклус, а главната причина е тоа што политичките партии немаат што да им понудат на гласачите, па единственото што им преостанува е да собираат гласови играјќи на националистичката карта.

Како што објаснуваат познавачите, политичките партии на некој начин го поттикнуваат говорот на омраза со цел да си создадат терен за политички наратив кога официјално ќе почне предизборната кампања. Тие велат дека во отсуство на вистински проекти, политичките партии практично немаат што да му понудат на гласачкото тело, па затоа се решаваат да играат на националистичката карта, бидејќи знаат оти национализмот секогаш носи најмногу гласови.

Експертот за меѓуетнички односи Владо Димовски посочува дека поттикнувањето говор на омраза од политичарите и од политичките партии е потврда за ниското ниво на политичка култура во земјава.
Тој додава дека во иднина треба да се работи со политичките партии што постојано промовираат говор на омраза.

– Вообичаено, пред секои избори се појавуваат вакви злоупотреби од политичарите. Треба интензивно да се работи на политичката култура во политичките партии што ги предизвикуваат ваквите настани. Сè додека не се поработи на свеста на политичарите и не се издигне политичката култура на едно завидно ниво, ваквите појави редовно ќе ни се случуваат – вели Димовски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека во една сиромашна земја каде што луѓето немаат работа, пари и перспектива, наједноставната работа за успех на политичарите е активирањето на националистичката реторика.

– Национализмот во Македонија секогаш поминува и им носи добри резултати на политичките партии. Кога луѓето би биле економски независни, тогаш никој не би се занимавал со глупави работи како што е национализмот. Кога криминалците би завршиле зад решетки и кога луѓето ќе видат дека системот конечно почнал да функционира, тогаш тие нема да се занимаваат со неважни работи, туку напротив, ќе се занимаваат со подобрување на перспективата. Вака, сè е оставено во рацете на политичарите што умеат прилично добро да манипулираат со гласачите – објаснува Пекевски.

Аналитичарот Петар Арсовски, пак, вели дека високите политички тензии се главната причина за појавата на националистичката реторика и говорот на омраза во пресрет на априлските избори.

– И за премиерот Зоран Заев, но и за опозиционерот Христијан Мицкоски, овие предвремени парламентарни избори значат сè или ништо. Во ситуација на неодговорено прашање кон кој правец се движи Македонија, како и во ситуација кога сè може да се преврти наопаку, политичките тензии се премногу високи. Токму тие тензии прават политичките партии да се гледаат меѓусебе низ оптички нишан – вели Арсовски.

Први што почнаа да го користат национализмот деновиве беа навивачките групи, но и некои партиски членови кои ширеа говор на омраза злоупотребувајќи го земјотресот и жртвите во Албанија.

Национализмот не ја одмина ни трагедијата во Албанија

Во еден од најтешките мигови за Албанија во последните 40 години, говорот на омраза повторно успеа да излезе од најнехуманите, неемпатични и крајно вулгарни глави и да остави свој белег на социјалните мрежи во Македонија.
Додека Албанија броеше жртви од катастрофалниот земјотрес, се појавија коментари на социјалните мрежи во кои можеше да се почувствува омразата кон „клетите Шиптари“, кои според мразачите, дури и си го заслужиле земјотресот. Во објавата на еден Фејсбук-корисник се наведува дека „Господ ја казнил шиптарија“ затоа што „Шиптарите го демолираа Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје“.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика до Основното јавно обвинителство поднел кривична пријава против 46-годишниот Д.Д. од Скопје, поради сторено кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) и истакна дека пријавениот на социјалната мрежа Фејсбук објавил статус за земјотресот во Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот