Како работи Борусија Дортмунд: Првиот одговор е нема шанси, а вториот – ова е цената
Извршниот директор на Борусија Дортмунд, Ханс-Јоаким Вацке денеска изјави дека „милионерите“ нема да мора да ги продаваат своите фудбалери бидејќи се стабилни кога станува збор за финансиите.
– Кога започна пандемијата, ние немавме долгови. Ниту едно евро долг и поради тоа се наоѓаме во комфорна позиција. Нема да мора да ги продаваме фудбалерите и тоа е доста важно – изјави Вацке за Би-Би-Си пред вечерашниот натпревар на Борусија против Манчестер сити во ЛШ.
Токму вечерашниот противник на „милионерите“ е еден од клубовите кои се заинтересирани за играчи на бундеслигашот. Очекувано, најголем интерес има за двете млади ѕвезди на екипата, Ерлинг Халанд и Џејдон Санчо.
-Богатите клубови мора да знаат дека кога се заинтересирани за фудбалер на Борусија, имаат две можности. Првата е да им кажам дека немаат шанси, а втората е да им одговорам „ова е цената“, Тие треба да знаат дека ние ја диктираме цената и ќе го добијат фудбалерот само доколку ја платат сумата која ние ќе ја одредиме – наведува Вацке.