Како и зошто може да добиете ковид-19 и по вакцинирањето

Истражување: Ова се најчестите симптоми на инфекција кај оние кои се вакцинирани
ФОТО: Драган Митрески - СП.

На овие прашања многумина ги бараат одговорите, а еве што на тоа одговара доктор Ентони Фаучи.

Забраните поврзани со пандемијата сѐ уште се актуелни, иако оние кои примиле две дози вакцини можеби сакаат да патуваат, да јадат во ресторани и да се дружат со пријателите. Која е научната причина зошто не е безбедно за оние кои се комплетно вакцинирани да ги прават овие работи?

На ова прашање многумина го бараат одговорот, а еве што на тоа одговара доктор Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и инфективни болести во САД, во интервјуто за „Си-ен-ен“.

Треба да бидете внимателни и по вакцинирањето

Да, можно е да се заразите со ковид-19 откако сте примиле вакцина, иако не се работи за чест случај. Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) проценил околу 5.800 случаи на т.н. пробивна инфекција (случај на болеста во кој вакцинираниот поединец станува болен од таа иста болест за која вакцината е наменета да ја спречи), од вакцинираните околу 77 милиони лица.
– Иако невообичаено, гледаме дека и тоа се случува – појаснил д-р Фаучи.

Како може тоа да се случи?

Може да се работи примарно за неуспех на вакцината, кога телото не дава адекватен имунолошки одговор на вакцината поради бројни причини. Може да станува збор за имунолошкиот статус, здравствениот статус, користењето на лекови или за некој пропуст во складирањето, чувањето на лекот. Тоа е дополнителна причина зошто треба да носите маска и да се дистанцирате откако ќе ја примите вакцината.

Можете да го ширите вирусот и по вакцинирањето

Прва работа која мора да ја запомните е дека еднаш кога ќе се вакцинирате, ризикот од заразата драстично се намалува. Логично е да го поставите прашањето зошто мора и понатаму да се придржувате до мерките – додал д-р Фаучи. На тоа прашање тој одговара дека во одредени ситуации, лицето може да се вакцинира, да нема никакви клинички знаци, а да ја шири инфекцијата, без воопшто тоа да го знае. Вирусот може да се наоѓа во носот и да се пренесе на некој кој не е вакциниран и таа личност може да се разболи. Од таа причина потребно е да се носат маски.

Претпазливоста е потребна и поради новите варијанти на вирусот

Уште една добра причина зошто е потребно да носите маска, секако е фактот дека циркулираат нови варијанти на вирусот, а стручњаците сметаат дека се навистина загрижувачки. За среќа, на некои варијанти, како вирусот кој се појави во Велика Британија, вакцината делува, но тука се и новите варијанти поради кои треба да се биде внимателен.

Дали тогаш е опасно да се прават некои работи и по вакцинирањето?

Доктор Фаучи појаснува дека станува збор за она што се смета за безбедно. Многумина ќе кажат дека сакаат да патуваат. Можете да патувате бидејќи шансите да се заразите се мошне мали. Кога бил прашан зошто тогаш стручњаците советуваат да не патуваме, д-р Фаучи одговорил дека тука е во прашање нивото на ризик кој вам ви е прифатлив.

Она на што треба да внимавате е да не заразите случајно некого, а со оглед на тоа што бројот на заразени постојано се зголемува, тоа е особено чувствително прашање.

Фаучи нагласува дека не сака луѓето да мислат дека ризикот не е драстично намален по вакцината, бидејќи сигурно е. Ризикот е мал и луѓето ќе донесат одлука што сакаат да прават, но притоа мора да се запрашаат колкав ризик се подготвени да преземат, заклучил Фаучи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот