Јовески наместо уставен судија, ита кон пензија?

Љубомир Јовески - јавен обвинител на РСМ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Од Јовески не добивме одговор дали откако заглави неговиот избор за уставен судија има амбиции да конкурира за реизбор за републички јавен обвинител или ќе се пензионира, бидејќи во јануари следната година ќе наполни 70 години.

Сè поизвесно е дека републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески наместо кариерата да ја заврши како уставен судија, ќе заврши како пензионер, откако во декември му истекува мандатот. Впечаток е дека ни власта која го предложи за уставен судија повеќе не инсистира на негов избор ако се земе предвид дека собраниската Комисија за избори и именувања не заседавала повеќе од половина година, а една година помина од почетокот на расправата за изборот на Јовески. Ако Јовески не биде избран за уставен судија, тогаш по истекот на мандатот како републички обвинител во декември, Јовески ќе оди во пензија. Министерот за правда Кренар Лога неодамна најави дека во текот на месецов ќе почне постапка за избор на нов државен јавен обвинител.

Од Јовески не добивме одговор дали откако заглави неговиот избор за уставен судија има амбиции да конкурира за реизбор за републички јавен обвинител или ќе се пензионира, бидејќи во јануари следната година ќе наполни 70 години.

Сега се чека Собранието, на предлог на Владата, да распише оглас за јавен обвинител. Според Законот за јавно обвинителство, огласот за избор на нов јавен обвинител Собранието треба да го огласи најмалку два месеца пред истекот на мандатот на претходникот или веднаш по испразнувањето на местото. Кандидатите за обвинителското столче имаат рок од 15 дена од објавувањето во „Службен весник“ да поднесат пријави. Советот на јавни обвинители, пак, на барање на Владата во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите за јавен обвинител. Владата доставува до Собранието предлог за именување јавен обвинител од пријавените кандидати, за кои Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот. Ако Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати или од нив Владата не може да утврди предлог за именување републички јавен обвинител, може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања Марија Георгиевска не ни одговори дали и кога ќе закаже продолжение на расправата за изборот на Јовески за уставен судија. Според собраниски извори, последната комисиска седница за изборот на Јовески за уставен судија била во октомври лани. Освен изборот на Јовески, во Собранието не е ниту почната постапката за избор на уште еден уставен судија за Уставниот суд да може целосно да се екипира, бидејќи сега работи со седум од предвидените девет судии.

Висок функционер од СДСМ брифира дека нема по секоја цена да се турка изборот Јовески да биде уставен судија, така што веројатно до истекот на мандатот на актуелниот пратенички состав ќе „помине“ уште еден уставен судија, но не и Јовески. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека нема да дозволат Јовески да стане уставен судија.

Претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска повеќепати апелираше пратениците да го комплетираат изборот на уставни судии. Им пиша и писмо, одржа и состанок со државниот врв за проблемите со кои се соочува судот, бидејќи не е целосно екипиран. Последниот повик на Кацарска до Собранието за комплетирање на судот беше пред два месеци.

Откако заглави изборот на Јовески за уставен судија, опозицијата, но и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, побара тој да се повлече од кандидатурата.
Грковска тогаш изјави дека не гледа причина зошто тој би ја продолжил кариерата како уставен судија.

– Не сметам дека треба да биде уставен судија. Затоа што она што требаше да го направи како Републички јавен обвинител не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија – рече тогаш Грковска.

Оставка, пак, од обвинителската функција побара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата поради случајот со пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 лица.

Јовески на прозивките за неговата работа одговори дека се неосновани, паушални и неточни, а за повлекување на кандидатурата за уставен судија рече дека не може да се повлече оти тој самиот не се кандидирал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот