Јануарската пензија ќе се коригира со инфлацијата, но се договара и дополнителен пораст

Пензионери / Илустративна фотографија: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Пензионерите може да очекуваат едно позначајно зголемување на нивните пензии, тврди претседателот на Партијата на пензионери, Илија Николовски.

Според постојниот Закон за  пензиско и инвалидско осигурување, пензиите се усогласуваат двапати годишно – на 1 јануари и на 1 јули, според индексот на трошоците на живот, но можно е Владата да донесе и посебна одлука ако има значителен раст на платите.

Министерството за труд сѐ уште не го објави зголемувањето, веројатно поради промените во Владата, но според Законот, извесно е дека пензиите ќе се зголемат колку што е растот на инфлацијата во второто полугодие од 2021 година во однос на првото полугодие од 2021 година.

Последното зголемување беше направено лани во јуни, кога се споредуваше инфлацијата од првите 6 месеци од годината со последните 6 месеци од 2020 година, што доведе до повисоки пензии за 1,2 проценти. Притоа, зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесуваше 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија.

Претседателот на партијата на пензионери Илија Николовски во изјава за „Слободен печат“ тврди дека пензионерите може да очекуваат и дополнително зголемување на пензиите, затоа што во Законот за пензиско и инвалидско осигурување е предвидено дека „врз основа на одлука на Владата на Република Северна Македонија, може да се изврши уште едно дополнително усогласување во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 проценти и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 проценти“.

– Ковачевски веќе покажа големо разбирање и вети голема поддршка на пензионерите. Во преговори сме и со новата министерка за труд и тие одат во насока на тоа да се донесе одлуката за зголемување на пензиите поради тоа што имаме раст на плати поголем од 5 проценти – вели Николовски.

Николовски е уверен дека со новата одлука што би требало да се донесе, ова зголемување ќе се однесува веќе на јануарската пензија, кога доаѓа и редовното коригирање на пензиите со инфлацијата.

– Пензионерите може да очекуваат едно позначајно зголемување на нивните пензии – тврди Николовски.

Како што неофицијално дознаваме, можно е и да има скалесто зголемување на пензиите, со цел оние со најниски пензии да добијат поголемо зголемување.

Партијата на пензионери веќе подолго време негодува и за моделот на усогласување на пензиите, односно бара освен од инфлацијата, при усогласувањето да се земе предвид и растот на платите. Оттаму подготвија и измени на сегашниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување и ќе ги достават до Собранието.

– Заложбите на Партијата на пензионери е просечната пензија да биде 60 проценти од просечната нето-плата, а минималната пензија до биде 70 проценти од минималната плата – вели Николовски.

Последните податоци за просечната плата во Македонија се дека таа во октомври била 29.145 денари, додека просечната пензија во тој месец била 15.868 денари, односно 54,5 проценти од просечната плата.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ги објави и податоците за декемвриските пензии. Просечната пензија била 15.867 денари, а вкупниот број пензионери бил 328.570. Дури 27,14 проценти од пензионерите имаат помала пензија од 11.000 денари. Над 18.000 денари имаат 28,9 проценти од пензионерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот