
Јанкулоска од обвинета стана жртва – ќе бара отштета за прислушувањето
За поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, настапила апсолутна застареност за кривичното дело за уништувањето на системите за следење на комуникациите, со кои со години беа прислушувани околу 20 илјади граѓани, меѓу кои политичари, новинари, бизнисмени.
Препорачано
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која тогаш го водеше Министерството, а под чија капа беше УБК кога се случуваше масовното прислушување и кога биле уништени системите за следење на комуникациите, доби ослободителна пресуда.
За виновни се прогласени поранешните разузнавачи кои избегаа во Грција – Горан Грујевски и Никола Бошкоски, потоа поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, како и Валентина Симоновска. Највисока затворска казна е досудена за Грујевски – 14 години и шест месеци затвор, Бошкоски доби девет години и десет месеци затвор, Јакимовски е осуден на три години, а Симоновска доби условна казна.
Од образложението на пресудата на судијата Илија Трпков произлегува дека опремата за прислушување била уништена по наредба на Мијалков, а Јанкулоска, иако потпишала решение за формирање Комисија која требало да изврши попис на системите и техничките средства и да ја констатира затекнатата состојба и, ако утврди застарување и техничка неисправност, да ја уништи, сепак, според Судот, Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека таа го сторила делото за кое се обвинува.
Нејзиниот адвокат и сопруг, Влатко Илиевски, изјави дека се задоволни од пресудата и правдата ќе продолжат да ја бараат пред граѓанскиот суд, откако застаре случајот за масовното прислушување „Таргет“ кој се водеше заедно со „Тврдина“. Предметот застаре со донесувањето на измените на Кривичниот законик во септември 2023 година.
– Од она што го слушнавме при објавување на пресудата, може да се заклучи дека судот ги прифатил наводите на одбраната дека кај Гордана Јанкулоска не постоела ниту умисла, ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството. Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди истата, и понатака се надеваме дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и ќе се надомести нематеријалната штета што ја има претрпено Гордана Јанкулоска како една од најголемите жртви на прислушувањето – рече Илиевски.
Адвокатот тврди дека таа не знаела зошто се формира комисија за уништување опрема во 2015 година, кога поранешниот опозициски лидер, Зоран Заев, почна да ги објавува прислушуваните разговори.
– Немала информација дека ќе се врши уништување на опремата за прислушување, бидејќи кога е пратен извештајот дека опремата е уништена, Јанкулоска веќе не е министер. Извештајот е пратен на 8 мај, а Јанкулоска веќе следниот работен ден не е министерка. Таа формирала Комисија која имала општ назив и која требало да направи попис. Апсолутно не било наведено каква опрема ќе се попишува ниту дека треба нешто да се уништи. Се однесувало за опрема која била во рамките на целата УБК – рече Илиевски.
Со оваа пресуда, ако Апелација ја потврди, завршија судските постапки против Јанкулоска, со оглед на тоа што ја одлежа казната за случајот „Тенк“, односно за набавката на блиндираниот мерцедес по нарачка на поранешниот премиер Никола Груевски, а во случајот „Титаник“ таа со второстепена одлука доби условна казна.
Системите за следење на комуникациите „Вернит“ и „Најс трак“, според пресудата, биле уништени по наредба на Мијалков во 2015 година кога Заев почна да ги објавува прислушуваните разговори. Системот „Вернит“ бил надвор од функција уште во 2009 година, додека другиот систем во 2о15 година уште се употребувал. Со уништувањето причинета била штета од 1,4 милиони евра.
При изрекувањето на пресудата, Трпков на почетокот порача дека случајот „Таргет-Тврдина“ е најголемиот случај со незаконско прислушување на повеќе од 20 илјади граѓани кои со тоа биле држени во заложништво, а со тоа и самата држава и целокупниот општествен живот.
– Не смееше да се дозволи застарување на делот прислушување во овој предмет. Но, со упадот во судството со измените на Кривичниот законик и тоа се случи. Овој предмет уште има шанса барем делумно да ја задоволи правдата во делот за ништењето на опремата – изјави судијата Трпков.
Според неговиот впечаток, обвинетите знаеле многу за прислушувањето, но не сакале да зборуваат и сакале да скријат некого. За масовното прислушување, обвинет беше Мијалков, но овој голем случај не се докажа, а поранешниот директор сега е целосно слободен.