Јаневски: Очекуваме наредната година да бидат остварени 2,5 милиони ноќевања

Охрид / Јуни 2020 / Фото: Profimedia

Туризмот како дејност генерално е меѓу најсериозно засегнатите стопански гранки од епидемијата на ковид-19. Затворањата на земјите, превентивните мерки, ограничувањата на движењето резултира со драстично намалување на бројот на остварени приходи од туризмот, особено минатата година, смета директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски.

Кога станува збор за оваа календарска 2021 година, вели, ситуацијата е значително подобрена, имаше раздвижувања на туристичкиот пазар, па и видовме странски гости воглавно во летната сезона, што е добар показател дека работите се придвижуваат кон подобро, но се уште остварувањата се далеку зад годините пред појавата на коронавирусот.

Проекциите и очекувањата на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот се дека до крајот на тековната година ќе бидат остварени стратешки планираните некаде до 2,2 милиони ноќевања, што е на нивото на 2015 година.

Јаневски посочи дека заклучно со август во земјата се регистрирани 1,8 милиони ноќевања. Карактеристично за главната летна туристичка сезона беше што таа беше мошне кратка, со голем пик. Тој изрази надеж дека наредната главна летна сезона ќе биде поразвлечена, дека пандемијата ќе завршува, па оттаму и туристичките субјекти ќе можат повеќе да говорат и за планирање во туризмот. Предвидувањата на Агенцијата е дека наредната година во земјата ќе бидат реализирани некаде до 2,5 милиони ноќевања.

– Оваа летна сезона добро беше што „ТУИ“ почна да лета за Охрид, со четири лета седмично, имавме чартери и од Полска. За 2022 од „ТУИ Холандија” се најавени четири до шест лета седмично во текот на летниот период, потоа „ТУИ Белгија” со два лета, исто и „ТУИ Полска” со половина лет заедно со „ЛОТ“ за Охрид. Веќе добивме потврда дека „ТУИ УК” ќе лета еднаш седмично за Охрид, рече Јаневски притоа појаснувајќи дека привршуваат преговорите за летовите од Москва и Санкт Петербург, како и од Измир, Анкара и Истанбул за Охрид.

За конечните бројки да бидат такви какви што се, големо влијание имале и рестриктивните мерки на одредени европски земји, и релативно краткиот период кога земјава беше во зелената зона на држави за патувања.

– Оваа година нè посетија до четири илјади туристи од Холандија што е добар сигнал и тоа што „ТУИ Холандија” и воопшто леташе за Охрид. Полските туристи ги имаше во значаен број, требаше да допатуваат и повеќе, но демотивирачка беше мерката на полската влада за задолжителен карантин после враќањето, рече Јаневски.

Како позитивен показател тој го посочи истражувањето спроведено кај холандските туристи, каде од 1.500 тестирани ниту еден од оние што летувале во земјава не бил позитивен на ковид-19.

– Она што се работи е да балансираме меѓу мерките и можностите и како ние ги сервисираме гостите. Тестирањето на холандски туристи покажуваат дека кај нас како дестинација се применуваат мерките за заштита и кампањите „Безбедно како дома” ги дадоа посакуваните резултати, рече Јаневски.

Кога пак станува збор дилемата околу тоа каков вид туризам треба да се развива во Охрид, Јаневски вели дека независно од определбите многу треба да се работи на развивање и унапредување на стандардите на услугите и тоа на сите нивоа.

Тој е согласен дека Охрид како дестинацијата треба да развива селективни форми туризам, но, за тоа, како што нагласи, треба да имаме хотели со повеќе ѕвездички.

– Колку ќе вложиме толку ќе добиеме и така ќе знаеме дали имаме или имаме можност да развиваме елитен туризам во Охрид, рече Јаневски.

Извор: МИА

Видео на денот