Изложбата „Високо во ничија земја“ на Сашо Блажес беше поставена во Чифте амам

Во објектот Чифте амам при Националната галерија изминативе петнаесетина дена беше поставена самостојната изложба „Високо во ничија земја“ на Сашо Блажес. Сликите од циклусот „Високо во ничија земја“, изработени во комбинирана техника (масло, акрилик и колаж на платно и масло на најлон), иако се во извесна помала или поголема корелација со различните дефиниции на терминот, сепак, конкретно се однесуваат на денешната „нова“ реалност врз состојбата на индивидуата во светот (земјата), кој е ничиј и сечиј.

Временскиот период во кој авторот го започнува овој циклус се совпаѓа со владеењето на корона-кризата во светот, состојбата на глобално ниво на општество во време на пандемија и социјална изолација, влијанието на безбројните информации врз психичката состојба на личноста и, од друга страна, во насока на тенденциозна деструкција на индивидуалноста.

– Се воочува константната авторска потреба за деконструкција на елементите во сликата преку ликовни средства, како еден вид визуелно наслојување, но и расчленување или разобличување на различните културолошки слоеви, при што, во неговиот пример, деконструкцијата (се понагласено може да) се толкува како „преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста“.

Надоврзувајќи се врз концептниот континуитет на неговите претходни дела, авторот негува специфичен однос кон површната појавност низ историјата на уметноста и мас-медиумите, како „огледала на реалноста“, „наративи“, „различни реалности“, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти. Евидентно е дека во последниот циклус тој останува фокусиран на психолошко восприемање на слоевите од стварноста, но и надреалното, на што укажуваат и повеќето од насловите на сликите изведени во манир на улична графити-уметност, во кои доминира апстрактно експресивно изразена линеарност/графизам, кроки моменти со асоцијативна фигурација, па дури и текстуални пораки/пароли – напиша Маја Чанкуловска-Михајловска во текстот во каталогот за изложбата.

Фотографија: Национална галерија на РСМ

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде што живее и работи. Дипломирал во 2006 година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006 – 2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитетски трудови од областа на графиката и графичките техники.

Зад себе има реализирано четиринаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки во Норвешка, Јужна Африка и во Романија. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството. Министерството за култура и Општина Охрид ја поддржаа неговата изложба во Чифте амам.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 154, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот