ИЗЛОЖБА ВО ЊУЈОРК: Приказ на простор во просторот

Во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк десетина дена беше отворена самостојната изложба на македонскиот скулптор Славчо Спировски, а свечениот чин на отворањето со свој настап го збогати и македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески.

Почетокот на годината го одбележаа две претставувања на македонски уметници во САД. По изложбата на Страхил Петровски во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк самостојно претставување имаше и скулпторот Славчо Спировски.

– Мило ми е што можам да кажам дека отворањето на мојата нова самостојна изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“, што се случи на 16 јануари 2020, во Галеријата МЦ (Gallery MC) во Њујорк помина одлично. Имаше многу публика, која ме почести со своето присуство и со позитивни реакции, голема заинтересираност, а морам да потенцирам и со многу дополнителни прашања и разговори, што е некако нужно кога се работи за ваква концептуална поставка. Дополнителен посебен момент беше и присуството на мојот долгогодишен пријател, колега и соработник, најуспешниот македонски и еден од најуспешните во светски рамки – пијанистот Симон Трпчески, кој имаше краток настап на отворањето на изложбата. Беше неверојатна коинциденција што ни се совпаднаа термините, па пред почетокот на неговата турнеја со Симфонискиот оркестар на Њу Џерси, можевме ова изненадување да го приредиме за присутната публика, но и како уште една соработка помеѓу уметностите, изјави Славчо Спировски од Њујорк.

Скулпторот Славчо Спировски и пијанистот Симон Трпчески во Њујорк

Тој додаде дека Њујорк е еден од најголемите светски центри на уметноста, а можноста да се отвори самостојна изложба во таков град е чест, одговорност, задоволство, но и големо искуство. Станува збор за негово второ претставување пред американската публика. Изложбата е поставена од 16 до 25 јануари оваа година, а поддршка во реализацијата авторот имал од Министерството за култура. Во однос на поставката тој објасни дека станува збор за концептуално дело, односно просторна (подно-ѕидна) инсталација.

– Изложувам испечатена специјална ПВЦ-фолија, со приказ на моја претходна изложбена поставка. Фолијата, односно приказот го изложувам во три поединечни ленти со поголеми димензии (900 см х 70 см), поставени делумно на под и еден од ѕидовите во галерискиот простор. Оваа просторна сензација е промислена и изготвена специјално, имајќи го предвид галерискиот простор во галеријата МЦ во Њујорк.

Концептот при изработката се базира на долг континуитет во мојата досегашна работа, а се сведува на „работа“ со основните елементи што ја чинат скулптурата во нејзината основа (постамент-дело-простор) и можноста за препрочитување, односно ревидирање на сопствените остварувања, притоа барајќи нови можни состојби и позиции на гледање и промислување. Во кратки црти, конкретно за оваа изложба, станува збор за преобликување на концептот (суштината) на скулптурата, како илузија за 3-димензионалност во обидот преку 2-димензионалниот приказ да се мисли и чувствува како 3-димензионално присуство. Притоа, крајниот производ и реализација се сведува на приказ на простор во просторот – објасни Спировски за „Културен печат“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ бр. 15, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25/26 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот