Изгубени во македонската прашума

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Кога власта (Заев) ќе презентира нов пакет кризни мерки тежок скоро половина милијарда евра со намера за продолжена помош на ковид-економијата во државата, а опозицијата (Мицкоски) ПЕТ минути потоа излегува со оценка на мерките дека со нив „мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен“ и дека „новиот пакет мерки нема да донесе ништо добро, туку дополнително ќе ја продлабочи кризата“ – тогаш ви станува јасно зошто опозицијата уредно си ги губи демократските и фер избори неколку години наназад и зошто тој тренд ќе си продолжи така и во годините што доаѓаат. Оти така е за сè: додека власта со години се труди – често успешно, понекогаш неуспешно – да решава наталожени проблеми во сите области на функционирањето на државата, сега усложнети и со пандемијата, опозицијата само ја зема најголемата молерска четка и ја потопува во клоаката на својот политички нужник и со неа, во широки потези, размачкува по сè што ќе дофати, без усул и мерка.

Некој таму ги учи, недоучени, дека не е важно што ќе кажат, доволно е само да исплукаат колку што може побрзо и повеќе, за „јавноста“ кога ќе се запознае со новите мерки на власта веднаш, уште истата вечер, да има „контрабаланс“ дека сето тоа е мафијаштво, катастрофа, пропаст, предавство, криминал… Нема рационална политика, само валкана пропаганда.

Така инстантно се „убива“ можноста за каква било разумна општествена дебата за што било. Опозицијата се однесува како да е последната изолирана и неразоружена чета на ФАРК во некоја прашума во Колумбија која единствено се надева да се врати на власт со некаков преврат, со воен удар или со општонародно востание. Тој отровен „бункер“ менталитет на константна „опсада“ во којшто живеат и неуморно го шират по прес-конференции, по телевизиски студија, портали и на социјалните мрежи, ме потсетува на заборавениот јапонски војник Хиру Онода кој се криел во џунглата на филипинскиот остров Лубанг и се предал цели 29 години по завршувањето на Втората светска војна, уверен дека војната сè уште трае. Сирот.

Таквиот деструктивен дискурс ја прави Левица единствената политичка формација која е во реален натпревар со ВМРО-ДПМНЕ за влијание во „нивната“ јавност. На што спадна ДПМНЕ.

Какви се последиците од тоа?

Па, и во конкретниов случај, секој работник или бизнисмен кој, на пример, не е задоволен од најновиот пакет економски мерки, всушност, сфаќа дека не може да смета дека решавањето на својот проблем ќе го артикулира и преку делувањето на опозицијата, која би требало да биде најсилниот организиран политички коректив на власта. Затоа, незадоволните мораат (лично или низ своите синдикати, комори, здруженија…) својата мака да ја решава низ директен дијалог со Владата, што само по себе е голема победа на власта и дополнителна маргинализација на ВМРО-ДПМНЕ. Кои, под монсунските дождови на сопствената растечка ирелевантност, продолжуваат да седат чучнати околу логорскиот оган во џунглата на островот Лубанг, чекајќи „царот Хирохито“ од Будимпешта да им ја добие војната. Сироти.

Но, објективно, „сироти“ сме сите заедно, бидејќи демократијата не ја бива без добра опозиција, која не ја бива. Патем, дури и ФАРК во Колумбија во меѓувреме сосема се разоружа и стана дел од тешкиот процес на национално помирување во таа земја…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот