Изборни листи: Квадратурата на кругот е решена!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Откако СДСМ одлучи дека на следните избори ќе оди со филозофијата „тимот што победува не треба (многу) да се менува“, ВМРО-ДПМНЕ исправно реши дека треба да се води од спротивната стратегија – „тимот што губи не треба повторно да се кандидира“!

Во таа смисла, и двајцата лидери на најголемите партии во Македонија ќе нема, отпосле, на што да се жалат: Заев „на терен“ истрчува со својата најсилна постава од најблиските, докажани соработници, со кои делеше добро и зло во последните пет-шест години; а на Мицкоски мора да му се симне „капата долу“, бидејќи на изборите излегува со „својот тим“ лојални првоборци, речиси сосема исчистен од „талогот“ на компромитираните изборни кадри на Груевски.

До тука завршуваат сличностите. Бидејќи, сега е сосема јасно дека изборниот „судир“, сосема адекватно, ќе се води на најзначајната македонска политичка тема, лајт-мотивот од последните три, а можеби и сто и три години: прозападните политики на левицата, наспроти отворено резервираниот однос на десницата кон Западот. Кај СДСМ на листите се сите „ѕвезди“ од успешната евро-атлантска агенда на земјава; наспроти сите „ѕвезди“ на опозицијата кои вложија силни и неуспешни напори тој пат да се блокира, со отворена заложба и за ревизија на Преспанскиот договор: од Силјановска Давкова и Дурловски, преку Милошоски, до опскурноста на еден Тарчуловски. Комплет, сосе тие кои ги нема, а покажуваа прозападна наклонетост кај ВМРО-ДПМНЕ.

Така доаѓаме до слична ситуација како за референдумот од 2018. Мицкоски отворено и без одвишни комплекси сега го предводи целиот спектар на патриотски, бојкотирачки сили во државата, а Заев е на чело на оние над 600.000 референдумски гласови кои застанаа зад Преспанскиот договор, а потоа и „тесно“ ја поразија Силјановска Давкова во трката за претседател со Пендаровски.

Нема да има друга значајна тема на овие избори, освен проверката дали оваа историја ќе се повтори? И тоа со веќе остварените ветувања од референдумот: членство во НАТО и отворање преговори со ЕУ?

Всушност, сега е сосема јасно дека ќе се гласа за изборот меѓу „славното минато“ или за „светлата иднина“ на државата.

И симболичниот и практичниот „лакмус“ за тоа ќе биде резултатот во Петтата изборна единица, каде „тепачот“ Дурловски ќе се натпреварува со тепаната Шекеринска, како и генерациско-идеолошката „пресметка“ во Единицата меѓу Силјановска Давкова и Димитров. Подиректно – здравје!

Но, на едно повисоко и „поапстрактно“ ниво е кандидатурата на Александар Николовски во Четворката, каде ќе се соочи со Зоран Заев. Така и треба, бидејќи Николовски, најблискиот соработник на Груевски во целата оваа кандидатска постава на ВМРО, е шпицен-претендентот на местото на Мицкоски во партијата, кој ќе си замине од претседателската функција доколку ВМРО ги загуби изборите. Понудата од Мицкоски е многу јасна: повели, прво победи го Заев во директен изборен дуел, па кандидирај се за моето место! Ферски.

Така се случи да остане ДУИ, со својата прастара изборна постава, да „виси“ како мандало во студена вода. И малку да се тресе.

Оти, кај гласачкото тело на етничките Албанци нема западно-источни дилеми, туку „патриотскиот“ избор на гласачите е преку перцепцијата за тоа која од понудените опции (СДСМ-БЕСА, ДУИ или Алијанса-Алтернатива) се најблиску до стабилизирање на идниот прозападен курс на земјата, без „мики-маус“ експериментите за менување на Преспанскиот договор и слични опасни политички авантури. Демонстративното застанување на САД зад коалицирањето на БЕСА со СДСМ ќе „затвори“ многу од тие дилеми што, во суштина, ги поткопува шансите на ВМРО-ДПМНЕ за евентуална постизборна владејачка коалиција, дури и ако дојде во позиција за тоа.

Ете, така, полека сè си доаѓа на свое место, квадрадтурата на кругот со кандидатските листи е решена. Речиси и да ќе нема простор за ами-шо-знам и ами-не-знам гласачки дилеми. Кој ќе ви каже поинаку – измерете му температура, да не е заразен од вирусот на политичката глупост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот