Иван Крастев: Бугарско вето за преговори на С. Македонија со ЕУ би било апсурдно

Фото: voxeurop.eu

Бугарскиот политички аналитичар Иван Крастев не очекува Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ).

– Не очекувам дека Бугарија ќе ги блокира овие преговори. Европската интеграција на Западен Балкан е стратешки важна за Бугарија. Покрај тоа, токму во рамки на бугарското претседателство тоа стана приоритет за Брисел. Во оваа смисла, бугарското вето би било апсурдно. Само ќе изгледаме смешно. До вчера се боревме за отворање на ЕУ за Северна Македонија, денес сакаме да ги запреме. Не дека апсурдни работи не се случуваат, но убеден сум дека ниту Владата ниту претседателот не би дозволиле Бугарија да се најде во ситуација на тотална изолација во рамките на ЕУ, вели политикологот Крастев во интервју за бугарскиот весник „Дневник”.

Во однос на отвореното писмо од триесеттина бугарски интелектуалци, историчари, научници и јавни личности против појаснувачкиот меморандум што Софија го испрати до ЕК и земјите членки, во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ, Крастев оценува дека тоа е важно, бидејќи меѓу потписниците се некои од најавторитетните бугарски историчари.

– Јас не сум историчар, но сметам дека обраќањето е важно, затоа што меѓу потписниците има некои од најавторитетните имиња во нашата историска наука, бидејќи тоа јасно покажува дека историските спорови не се и не треба да бидат спорови меѓу земјите Tоа се спорови меѓу историчари. И затоа што Европа не може да нè разбере ако нашиот став е дека сите нации во Европа се „природни” и само „македонската” е вештачки и дека само Македонците во Европа не знаат на кој јазик зборуваат, вели угледниот бугарски аналитичар.

Според него, почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија не значи дека Бугарија ги прифаќа тезите на Скопје.

– Брисел едноставно не може да ја замени потребата од сериозна историска наука, посочува аналитичарот Крастев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот