Исвиркано исвиркувањето на бугарската химна

Македонија - Бугарија/ Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Министерството за надворешни работи, но и граѓани жестоко ги осудија навредите кон гостинските играчи и исвиркувањето на бугарската химна од најголемиот дел од присутните на натпреварот меѓу Македонија и Бугарија, а со осуда не заостана ниту бугарскиот политички естаблишмент

Голем дел од граѓаните, но и Министерството за надворешни работи, жестоко ги осудија најголемиот дел од присутните на натпреварот на македонската фудбалска репрезентација против репрезентацијата на Бугарија, кога беше исвиркана бугарската химна, за време на целиот натпревар хистерично се извикуваше „Бугари Татари, Бугари Цигани“, а беше истакнат голем транспарент со натпис „За две червени“.

Гостувањето на бугарската фудбалска репрезентација во Македонија беше проследено со навреди, свирежи и отворена омраза, што дел од коментарите правеа паралела во атмосферата со онаа на народи што штотуку војувале. Со осуда не заостана ниту целиот бугарски политички естаблишмент, кој во досегашната предизборна кампања воопшто не ја споменуваше Македонија затоа што Софија во јуни го тргна ветото и нашата земја ги почна преговорите за членство со Брисел, но вчера сите нагласија дека „луѓето таму уште не се европеизирале“.

Ранѓеловиќ: Доцна е за помирување

Според аналитичарите, атмосферата во Националната арена „Тоше Проески“ покажала дека работата е отидена предалеку и дека е „доцна за помирување“ помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Политикологот Иво Ранѓеловиќ оценува дека завчерашниот натпревар, односно навивање, е еклатантен пример за тезата дека двете општества ќе бидат најголемата жртва на бугарско-македонскиот спор, односно на бугарското вето.

„Предолго и предлабоко навлезе проблемот во општеството и прерасна во неминовен антагонизам. Спорот е делумно решен, а граѓаните од двете страни живеат во наострена атмосфера. Она што нè очекува е влошување на општествените динамики со секое отворање на поглавјата од ЕУ, во согласност со процедурите на францускиот предлог. За жал, доцна е за помирување и единствено нешто што може да ги залечи раните меѓу двете општества е флексибилна и џентлменска политика од официјална Софија. Нам ни преостанува потешкиот дел, а тоа е да не паѓаме на провокации и да се бориме со реформските предизвици по туѓ терк“, вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

МНР го осуди, како што наведе, „завчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија“.

„Спортските настани се највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење омраза и нетрпеливост се суштинска спротивност на нивната основна замисла. Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во ЕУ и, пред сѐ, добри соседи“, пишува во соопштението на МНР.

Ковачевски: Најдобро навивање е кога се бодри својот тим

Дел од граѓаните вчера, исто така, го осудија однесувањето на навивачите како недолично и недостојно за Македонија, но реагираа и дека досега бугарските политичари и поединци нè честеле со неброени провокации за јазикот, историјата и идентитетот, па дури истакнувале и карти на голема Бугарија до Охрид, а македонскиот државен врв не реагирал. Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека не е точно оти нема реакција на бугарските провокации и дека досега секогаш реагирале кога се нарушува нашиот углед по која било основа.

„МНР реагираше, но реагиравме и на друг натпревар во кој играа репрезентациите. Сепак, сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат противниците. Тоа важи за нас, секако, но важи и за нашите противници“ – рече премиерот Ковачевски, кој лично од трибините можеше да го слушне недоличното навивање.

Реакција стаса и од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), кој го осуди, како што наведува, расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза пред и за време на одржувањето на фудбалскиот натпревар и прашува дали ќе има казни.

„ Со свирежи била испратена бугарската химна и имало непријатни скандирања со расистички, сексистички и ксенофобични пораки. За споредба, по првиот натпревар во Разград, пред неколку месеци, спортски новинари нотираа дека „натпреварот помина во мирна атмосфера, а за одбележување е гестот на домашната публика, која со аплауз го поздрави интонирањето на македонската химна“. ИМА ги повикува надлежните институции да преземат казнени, но и други мерки со кои ќе се спречи повторување на говорот на омраза, во согласност со Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, кој предвидува глоби и прекршочна санкција забрана за влез и присуство на спортски натпревари“, велат од ИМА.

Институтот потсетува дека превенцијата, спречувањето и санкционирањето на говорот на омраза е обврска за надлежните институции од Протоколот на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство меѓу Македонија и Бугарија.

Бугарски политичари: Таму не се однесуваат европски

Прв бугарски политичар што реагираше уште за време на натпреварот беше поранешниот премиер Бојко Борисов.

„Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна За жал, со ваквите постапки нашите соседи не покажуваат дека разбираат европски вредности. Напред Бугари, јунаци“, порача лидерот на ГЕРБ.

Лидерката на БСП Корнелија Нинова изјави дека е срамота и неприфатливо тоа што се случи на натпреварот.

„Овие луѓе не созреале да бидат Европејци. Не жалам што како министер за економија и индустрија одбив да ја предводам бугарската делегација на билатерална средба во Скопје, по средбата што ја имаше претседателот Пендаровски со „ОМО Илинден“. Коректна беше и одлуката на БСП да не ја поддржи одлуката на Народното собрание да даде зелено светло за нивни преговори со ЕУ. Честитки за достоинственото однесување на нашите играчи и за победата“, рече Нинова.

Ивајло Мирчев од „Демократска Бугарија“ ги осуди свирежите, но ги префрли на полето на вообичаена ситуација на спортските терени, а публиката ја нарече „северномакедонска“.

„Грдо е од северномакедонската публика да ја исвиркува нашата химна. Но, да се претвори реакцијата на северномакедонските агитатори и запалените луѓе во политичка генерализација е толку површно и непотребно“, рече Мирчев.

Тој додаде дека на многу стадиони, меѓу кои и на бугарските, се случува да се исвиркуваат химни на други земји и побара да се направи разлика од навивачките групи од официјалната политика на државата.

„ Навивачите од стадионот не се репрезентативен примерок на општеството. Затоа што и на нашиот национален стадион не се исклучени случаите во кои се исвиркува химната на гостинскиот тим. Не сум слушнал политичари во Холандија, на пример, да извлечат слични заклучоци од тоа“, додаде Мирчев.

Лидерот на националистичката партија Преродба Костадин Костадинов, пак, напиша: „Источна Бугарија ја совлада Западна Бугарија со 1:0. Нашиот тим секогаш победува на овие натпревари“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот