Историчарите го изучуваат минатото, а нам ни треба иднина

Фото: Ерол Шаќири

Мене лично не ме интересира што било, туку што ќе биде. Верувам сите се сложуваат дека нашиот единствен пат е Европа, а патот до таму бара политички договори. Се надевам дека сме близу еден таков со Бугарија кој би бил последната пречка пред почнување на преговорите со ЕУ.

Една од главните пораки на дежурните критичари упатени кон сегашната власт е: „оставете ја историјата на историчарите“. Навидум моќна порака, во смисол политичарите да не се играат историчари и да се занимаваат со нејзиното толкување, но во нејзината суштина не значи ништо. Историчарите се секако тие кои се бават со минатото, го изучуваат и пишуваат за него, но историчарите не се тие кои ја градат иднината на една држава, народ, нација.

Ние имаме проблем околу таа проклета историја (поточно ние од историјата правиме проблем) , не само ние туку сите (посебно на Балканот) и тоа не само со Бугарија и Бугарите туку секој со секого. Единствената разлика помеѓу нас и Европа е што ние сме доволно глупави и дозволуваме историјата да ни претставува пречка за градење на една подобра иднина.

Историчарите нема, а и не можат никогаш ништо да решат. Кога велиме „оставете историчарите да решат“ ние тргнуваме со претпоставка дека нашата историја е правата (вистинската) и нашите историчари ги имаат сите историски факти и аргументи тоа да го докажат, но со таа претпоставка тргнува и другата страна.

Вистината е апсолутна но таа има повеќе аспекти, односно точки на гледање. Ако јас имам соговорник и седиме на една маса, на масата има кутија цигари вертикално поставена и ќибрит позади кутијата кој се наоѓа од мојата страна, соговорникот не може да го види поради кутијата цигари. Ако го прашате мојот соговорник да ви ја опише ситуацијата (да ви ја каже вистината) тој ќе ви рече дека гледа црна правоаголна маса, а на масата кутија цигари. Ако ме прашате мене, јас ќе ви кажам дека гледам црна правоаголна маса, а на неа кутија цигари и ќибрит. Двајцата ја кажуваме вистината на основа на тоа што го гледаме (информација, факт, историски факт), разликата е во тоа што мојата вистина содржи малку повеќе детали. Знаете ли колку скриени „ќибритчиња“ позади „кутии цигари“ има во оваа наша испреплетена балканска историја?

„Ќибритчето“ не сака никој да го види дури и да се тргне „кутијата цигари“ затоа што таа била предолго на масата. Историските факти (какви и да се тие) не е спремен никој да ги прифати ако не се во согласност со веќе изградената вистина за себе, ниту народот, а најмалку пак историчарите (од било која страна), затоа овој проблем може само политиката и дипломатијата да го решат. Нека се занимаваат историчарите со проклетото минато, но од политичарите се очекува да обезбедат иднината, затоа се избрани.

Мене лично не ме интересира што било, туку што ќе биде. Верувам сите се сложуваат дека нашиот единствен пат е Европа, а патот до таму бара политички договори. Се надевам дека сме близу еден таков со Бугарија кој би бил последната пречка пред почнување на преговорите со ЕУ. И покрај тоа што имам некои други видувања во врска со идентитетот и неговата битност во денешно време (но за тоа во наредна прилика), убеден сум дека македонскиот идентитет и јазик кои се веќе признаени во ОН и светот нема да се загрозат со евентуалниот договор, како и што веќе беше посочено во повеќе наврати и од премиерот Заев, но исто така мислам дека на долгорочен план опстанокот на државата сериозно би се довел во прашање без еден таков.

Да се вратам за кратко на „критиките“, посебно на оние по „фамозното“ интервју на Заев каде бевме сведоци на излив на неподнослив емоционален вишок, односно масовна хистерија. Интервјуто беше одличен повод и можност за јавна конструктивна дебата и во нашето и во бугарското општество. Но не, кај нас рационална дебата не може да има, но секогаш има повод да се извади најлошото од себе. Па така во духот на добрососедството целиот бугарски народ се прогласи за фашистички, се извадија стотици писанија за злосторите направени во Втората светска војна, на сите бабите и дедовците им станаа партизани, се влезе жестоко во одбрана на антифашизмот и антифашистичката борба небаре тоа ни го оспори некој. Во ред, ќе речеме емотивна реакција, но сепак се преминаа границите до тој степен што одбраната на антифашизмот стана фашистичка (како констатираше Тричковски).

На пример, има ликови на социјалните мрежи кои постојано постираат слики од Аркан и Милошевиќ и во екот на оваа масовна хистерија постираат слики од стреланите студенти во Ваташа, што тоа кажува за нив, како да ги дефинираме? Уште поневеројатно, дојдовме во ситуација опозицијата, пред се мислам на ВМРО – ДПМНЕ и нејзините симпатизери кои се уште половина Македонци ги условуваат со „комуњари“ во смисол на навреда да ги бранат Тито и комунистите. Партија која ветераните од НОБ ги исфрли на улица за да направи партиски штаб, партија која „уринираше“ на спомениците од загинатите во НОБ да говорат за антифашистичката борба и АСНОМ. Или пак да го бранат македонскиот јазик а таткото на тој јазик, големиот Блаже Конески го нарекуваа „џуџето од Небрегово“.

Ете и тоа е една од причините зошто протестите на опозицијата се малубројни, едноставно не припаѓаат на таа идеологија и празната реторика со која се служи Мицкоски е препознаена и не може да мобилизира сериозна бројка, на страна нивната безидејност која е очигледна. Во изминативе неколку години, преку договорот од Преспа, кризата со пандемијата па се до овој спор со Бугарија ќе приметите дека опозицијата прво бега од одговорност за клучните прашања од државен интерес, а во нивните критики никогаш не дале алтернатива за решение на било каков проблем. Понекогаш мислам дека и самиот Мицкоски намерно не сака да прави поголеми „драми„ односно не посакува смена на власта додека не се реши и оваа последна пречка, знаејќи дека кога се тие на власт буквално ништо суштинско не може да се реши. Така беше и со грчкиот проблем, така е и со бугарскиот. И додека некој глуми загриженост некој мора да ја води државата напред преку решавање на овие горчливи прашања. Па се сеќавате, на средбата со Борисов самиот Мицкоски му потврди дека ќе го „поткрепи“ договорот со Бугарија. Идеално за него би било Заев да го реши и ова „жешко“ прашање, државата официјално да почне преговори, па дури потоа да ја бара шансата за власт, се разбира под мотото „Заев ги распродаде интересите“, како што нели го „продаде“ идентитетот со договорот од Преспа, па сега фактички го губиме по втор пат. Во меѓувреме ќе се обидува вака нежно да го оддржува „незадоволството“.

Проблемот мора да се реши и повторно ќе повторам тоа е задача на избраната власт, а не на историчарите. Оставете настрана коментарите на „критичарите“ од типот „нема право власта да преговара во мое име“. Власта има мандат да ги реши овие прашања, нејзино е дали ќе сака или дали ќе успее на крајот, доколку се разбира не се загрозат државните интереси. Но не заборавајте, колку е битен идентитетот, јазикот и таканатаму толку е битна и нашата интеграција во ЕУ, без таа интеграција знак прашање е уште колку ќе можеме да издржиме, на секој поглед, не само на економски план. Ако се доведеме во ситуација сите да земеме бугарски пасоши или шведски, германски, тогаш излишно е да говориме за бранење на национални интереси преку тврди ставови и непостигнување на договор.

Што се однесува на Бугарите пак убеден сум дека ќе дојде време кога ќе се појави еден бугарски Вили Бранд и ќе се поклони пред споменикот во Ваташа, наше е сепак да створиме клима за тоа, а тоа е возможно само преку политика на пријателство, никако поинаку. Во меѓувреме ќе мора малку да ги трпиме борисови, каракачанови, захариеви, да не заборавиме тие сепак се таму кај што ние сакаме да бидеме, тие се внатре, а ние надвор, се надевам не за уште долго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот