Иселените ќе се попишуваат, ЕВЕ КАКО

Попис фото МИА

Отселените државјани на нашата земја мора да бидат опфатени со пописот, а во која категорија ќе влезат ќе зависи од тоа дали се иселени подолго или пократко од една година. Оние кои се иселени пократко од една година ќе влезат во вкупното население, параметар кој се користи во креирањето на државните  политики, додека другите нема да влезат во оваа категорија.

Што влегува во категоријата вкупно население дефинира Еуростат, не ние, и апсолутно се неточни шпекулациите на опозицијата дека се планираат некакви злоупотреби за да се „билда“ бројката на одредена етничка група, објаснуваат од Заводот за статистика.

-Во категоријата вкупно население влегуваат оние кои тука се затекнуваат на пописот, оние што живеат во странство пократко од една година, како и странците кои имаат документ за постојано живеалиште кај нас и се тука подолго од една година. Покрај овие ќе ги попишуваме и оние што живеат во странство подолго од една година, но тие не влегуваат во вкупно население. Секое друго тврдење е чиста манипулација – објаснува директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски.

Дали е некој подолго или пократко во странство ќе се утврдува од информацијата што ќе ја даде семејството, но ќе се проверува и во базите на податоци кои ги имаат нашите институции.

– Ни требаат информации за овие луѓе кои се отселиле, ќе добиеме информации за миграцијата која ни е најголем демографски проблем, а ние немаме никакви информации. Сè ќе се проверува, а попишувачите сносат одговорност за податоците што ги внесуваат, бидејќи ако внесуваат неточни податоци, за тоа може да одговараат. Ова ќе биде најпрофесионалниот попис што ќе се направи кога и да е – вели Симовски.

Тој порачува дека законот треба што побрзо да се донесе за да може да течат подготовките и потенцира дека Еуростат е најтесно вклучена во активностите околу пописот.

Предлог-законот ѝ е даден на опозицијата дури од ноември, но прашање е зошто дури сега реагираат.

Опозицијата реагираше на тоа што предлог-законот стасал во Собранието во петок, а веќе во понеделник се става на дневен ред на собраниска комисија под европско знаменце, со што се крати времето во кое опозицијата може да даде свое мислење за понуденото решение. Опозициските портали лиферуваа податоци дека со предлог-законот во вкупното население ќе влезат сите иселениците, со што намерно ќе се набилда процентот на одредена етничка група.

Инаку пописот треба да се случи во 2020 година, ќе се спроведе во периодот од први до 21 април, а ќе чини 8,5 милиони евра.

Денеска предлог-законот требаше да се разгледува на Собраниската комисија за европски прашања, но комисијата беше одложена, неофицијално поради вчерашната реакција на опозицијата, а официјално поради тоа што не биле обезбедени претставници од делегацијата на ЕУ бидејќи покрај пописот на дневен ред беше и извештајот за напредокот на земјава на Европската комисија.

Кога ќе биде закажана повторно комисијата засега е неизвесно, но тоа може да не биде оваа недела бидејќи власта не сака поголеми бранувања на политичката сцена додека земјите членки на ЕУ решаваат за тоа дали летово ќе добиеме датум за почеток на преговорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот