
Интервју со Роксан Стојанов, новата ѕвезда на Париската опера: Првите чекори ги направив во Скопје, оттогаш ја живеам магијата на сцената
Роксан Стојанов на 28 декември блесна во главната улога во балетот „Пахита“ на најпрестижната балетска сцена во Националната опера на Париз, Франција. Патот до Париската опера не бил лесен, особено да се заслужи местото „Ѕвезда“ (Étoile) што е врвно признание. Роксан Стојанов по татко е Македонка, по мајка Французинка. Иако е релативно непознато име за македонската јавност, нејзиниот успех силно одекна не само во балетската фела кај нас, туку воопшто и во светот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од првите балетски чекори што ги направила во Скопје, за денес да биде примабалерина на најстарата и најпознатата оперско-балетска куќа во Франција и во светот, Роксан раскажува во интервју за „Слободен печат“.
Какво е чувството да се биде ѕвезда на престижната Париска опера?
– Чувствувам огромна благодарност и гордост. Ова е огромно признание за мене, но и за мојата целокупна работа, за целиот труд што го вложив низ годините, не само за мојата подготовката за улогата во балетот „Пахита“, туку и целосно за мојот развој, како балерина, особено сега откако го добив овој престижен статус на Étoile. Тоа што сега сум примабалерина, значи дека го претставувам парискиот балет, на кој мора да му оддадам особена почит, особено затоа што ние го продолжуваме она што ни е оставено во наследство од претходните генерации исклучителни уметници.
Тешко ли е да се заслужи ова место во најстарата и најпозната оперско-балетска куќа во Франција и во светот?
– Навистина е многу тешко, особено да станеш професионален балетски танчар и да живееш од својата пасија. Во училиштето за танц на Париската опера секоја година има испити за да се провери дали можеш да преминеш на следното ниво или ќе бидеш отпишан од училиштето ако не го постигнуваш задоволителниот напредок.
За да станеш примабалерина, мора да го заслужиш тоа, а за тоа одлучуваат генералниот директор Александар Неф и директорот на балетот на париската опера, Хозе Мартинез.

Каков беше твојот пат до успехот?
– По завршувањето на балетското образование кое траеше шест години, се пријавив на конкурс за да влезам во Балетот на Операта во Париз. Ме примија по мојот втор обид. Откако се вработив со постојан договор, мојот пат не заврши тука, затоа што сакав да напредувам.
Во хиерархијата на балетот има пет степени и секогаш започнуваат во ансамблот (quadrille, coryphée), и постепено се напредува низ ранговите, солист (sujet), прв солист (premier danseuse) и на крај примабалерина или Étoile.
Исто така, треба да се помине конкурс што се одржува секоја година на кој треба да се претставиш со два соло-настапи, две варијации од балетскиот репертоар, едната варијација е задолжителна, додека втората е по слободен избор. Сите кандидати на конкурсот ги оценува стручно жири заедно со нашите двајца директори.
Мојот напредок не траеше многу време, но не се случи ниту преку ноќ. Јас поминав од две до четири години во секој ранг, го учев мојот занает и сега конечно се чувствувам подготвена за поголеми одговорности.
Од каде љубовта кон балетот? Кога откри дека имаш талент и кој најмногу те поддржа?
– Мојата љубов кон танцот не дојде веднаш. Не бев ниту, пак, заинтересирана за тоа. Идејата да ме запишат на часови по танц дојде од моите две сестри, бидејќи како мала постојано танцував, буквално на секој ритам или музика. Мислам дека најмногу ми се допадна предизвикот. Наставниците што ги запознав им рекоа на моите родители дека имам потенцијал за многу повеќе. Тие секогаш ме поттикнуваа да ги надминам своите граници и ми даваа сѐ поголеми одговорности. Не се плашев да ги прифатам предизвиците. Моите родители претходно не го познаваа балетскиот свет, но заедно со мене имаа доверба во сите мои наставници и професори. Секогаш ме поддржуваа, уверувајќи ме дека ако ми биде премногу тешко или ако не успеам, тоа не е страшно и дека нема да ми замерат.

Дали е вистина дека првите балетски чекори ги направи во Скопје и дали сонуваше за ваков успех?
– Да, точно е! Се преселивме во Скопје кога имав 5 и пол години. Почнав со танцување на 8-годишна возраст во балетското студио „Туту“ со Ирена. Се сеќавам на тоа како да беше вчера. Од денешна перспектива, како возрасна уметница, можам да кажам дека тука ја добив најдобрата балетска основа. Тогаш не знаев што значи да бидеш балерина, особено примабалерина, но мислам дека тоа што ми ја долови магијата на сцената беше улогата на Ѕвончица и моето учество во балетот „Петар Пан“. Гледав какви емоции тоа може да предизвика кај другите и јас се чувствував како риба во вода на сцената. Тоа беше вистинско уживање! Но, морам да кажам и дека пред да почнам со часови по балет, извесно време одев на играорна со мојата најдобра другарка Елена.
Дали често доаѓаш во Скопје бидејќи твојот татко е Македонец?
– Да, по нашето заминување од Скопје во Париз, кога имав 9 и пол години, редовно се враќавме во Македонија, особено за да ја посетиме мојата фамилија од страната на татко ми, која живее таму, како и пријателите со кои и денес контактираме и се дружиме. За жал, мојот татко веќе не е со нас, но јас продолжувам да доаѓам кога мојот распоред ми дозволува и се радувам што ќе им ја покажам оваа земја, Македонија, на моите пријатели од Париз.
Скопје, Брисел и Париз… Како беше во текот на студиите?
– Откако почнав да вежбам на осумгодишна возраст во Скопје, една година подоцна со родителите заминавме за Брисел. Но, моите родители не живееја во Париз додека бев во Париската школа. Бев шест години во интернат и се враќав дома во Брисел само за викенди. Истото беше и потоа, неколку години и во Бордо (Франција) каде што се преселија моите, па одев кај нив само за викенди. Беше напорно, но вредеше.
Какво е да се живее „парискиот сон“, особено во уметноста и да се биде дел од сцената на парискиот балет?
– Париската опера и балет е многу позната во светот, таа е речиси и најдобра светска балетска компанија. Имаме многу предности во споредба со помалите балетски сцени во Франција. Во едно сум сигурна, а тоа е дека сум навистина среќна што сум дел од Балетот на Операта во Париз.
Париз е културна метропола исполнета со многу музеи, театри, концертни сали… важно е како уметник во културата да можеш да најдеш други извори на инспирација и во други културни области. Културата тука е многу поддржана и ми е драго што имам можност мојата уметност да им ја пренесувам на младите низ светот. Многу би сакала да ги поврзам моите две земји, Македонија и Франција, и искрено се надевам дека еден ден ќе ја имам таа можност повторно да настапувам во Скопје.
Кои се твоите следни планови и проекти?
– Следно за мене е балетот „Онегин“ и улогата на Олга во кореографија на Џон Кранко, кој е на репертоарот на париската опера и балет во февруари, во март и април следува модерниот балет „Апартман“ на Матс Ек, потоа ќе настапам во балетот „Силвија“ во насловната улога и на крај предвидена е турнеја низ Кина во текот на летните месеци.