Интервју со писателката Билјана С. Црвенковска: Светот во кој сакам да живеам е полн со магија

Писателката Билјана С. Црвенковска во последниве години покажува врвни мултитаскинг способности и работи паралелно на повеќе проекти, а меѓу нејзините најнови успеси е препознавањето на квалитетот на сценариото за ТВ-серијата „Кога паѓаш“ во европски рамки. Во последниве години Црвенковска максимално си ја исполнува и желбата да пишува книги за деца и за сите што сакаат да сонуваат. За неа, се чини, пишувањето е радост, забава, но и слобода да се откриваат нови светови, не само за децата, туку и за возрасните. Сето тоа е препознаено и прифатено од читателите. Нејзината книга за деца „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ годинава влезе во најтесен избор за наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, додека нејзиниот прв роман за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“ влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината за 2019 година на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Успехот на нејзините книги ги прошири можностите за нови креативни хоризонти. Таа ги пишува приказните за „Светот на Биби“, заедно со Кире Галевски ги основаа издавачката куќа и е-списанието „Чудна шума“, а паралелно со пишувањето книги Црвенковска почна да пишува и ТВ-сценарија. Тригодишната соработка со „ОХО продукција“ на проектите „Пет плус фамилија“ и „Преспав“, за Билјана С. Црвенковска значеше и отворање на можноста да се случи работата на сценариото за ТВ-серијата „Кога паѓаш“.

Тинејџерската ТВ-серија во развој „Кога паѓаш“ според Ваше сценарио во продукција на „ОХО“, доби прва награда на меѓународниот бизнис-самит во Талин. Како лично ја доживеавте наградата?

– Искрено, скокав од радост. Најмногу од сѐ затоа што беше неочекувано, никој од нас не претпоставуваше дека воопшто ќе влеземе во потесен избор, бидејќи станува збор за голем фестивал и натпревар на кој пристигаат сценарија од цела Европа и пошироко. Имаше и од Јужна Америка и од други делови на светот. Сметавме дека е огромен успех што воопшто бевме избрани во пет проекти и што добивме шанса да работиме со ментори, и за развој на сценариото, но и за самиот процес на негово презентирање пред жири-комисијата и пред можните партнери во проектот. Но, моментот кога се доделуваа наградите и кога се спомна нашата серија – навистина скокав од радост. А неверојатно позитивните коментари од жирито беа најголемата награда за нас.

За што точно станува збор во сценариото на серијата и дали веќе имате негова разработка по епизоди?

– Серијата е тинејџерска драма што следи седум тинејџери, момчиња и девојки, кои и покрај тоа што се сосема различни, од различни причини се здружуваат и стануваат пријатели. Но, тука за нив почнуваат вистинските предизвици, затоа што живеат во општество на поделеност по многу основи, предрасуди и „етикетирања“. Приказната е целосно разработена, но на неа има уште работа, особено затоа што добивме одлични сугестии во процесот на работа со т.н. „скрипт-доктор“, искусен сценарист и продуцент кој работеше со нас на сценариото. Со други зборови, нѐ чека интересна, возбудлива и напорна година.

Во суштина сум човек што сака да е слободен и „фриленсерската“ работа многу повеќе ми одговара (Фотографија: Кире Галевски)

На кој начин расказите, песните, сликовниците и книгите за деца стануваат сценарија за ТВ-серијали? Има ли тука занаетски марифети?

– Сметам дека има повеќе пристапи како некое книжевно дело се претвора во сценарио. На пример, едниот начин е тоа да биде со адаптација на делото во сценарио за ТВ-серија или филм, каде што серијата или филмот целосно или делумно ја следи приказната на книжевното дело, но секако се внесуваат и други елементи или ликови, приказната се проширува или скратува по потреба и сл. Вториот пристап е да се работи сценарио по мотиви од некое книжевно дело, каде што се зема само еден дел, лик или ликови, елемент, мотив, или дел од приказна, за околу тој елемент да се исткае сосема нова приказна. Тоа е начинот на кој ја работевме серијата „Зоки Поки“, на пример, каде што целта ни беше мотивите и ликовите од таа приказна од нашето време да ја сместиме во нов и свеж контекст, ставајќи ги ликовите во ситуација да се соочат со предизвиците со кои се соочуваат децата во денешно време.

Покрај наградениот проект, на кои други проекти сте соработувале со „ОХО продукција“?

– Со „ОХО продукција“ работиме веќе три години, на последните две сезони на серијата „Пет плус фамилија“ (новата сезона ја очекуваме да започне за некој ден), а и на неколку сценарија (како косценарист или адаптација на сценарио) на серијата „Преспав“. „Кога паѓаш“ е нашиот трет заеднички проект и секако ми е најдраг затоа што сум и креатор и сценарист на сите епизоди.

Читателите Ве препознаваат и по „Светот на Биби“. Како се роди овој мултимедијален проект?

– Проектот „Светот на Биби“ се роди пред повеќе од две години, како идеја на тројца успешни момци, продуцентите кои стојат зад „Светот на Биби“ и зад порталите „Факултети.мк“ и „Деца.мк“. Кога ме повикаа да се запознаеме, ми ја изложија нивната идеја: имаа лик (кој веќе беше нацртан од Тхе Мичо) и имаа име – Биби. Сакаа да го „оживееме“ овој лик со карактеристики, да направиме приказни со него – пред сѐ, за анимирани филмови на македонски јазик, но и за сликовници. Идејата ме „купи“ од самиот почеток и така почна оваа забавна и успешна авантура, која не само што трае туку станува и сѐ повозбудлива и повозбудлива.

Неколку години бевте уредничка во „Арс ламина“. Кога се појави предизвикот за создавање на издавачката куќа „Чудна шума“?

– Од самиот почеток кога влегов во „Арс ламина“ како уредник знаев дека сакам да работам со книги, но, секако, како и секој пишувач – повеќе сакав да пишувам одошто да уредувам. Во неколкуте години поминати таму, сфатив дека таа работа не е за мене, јас сум во суштина човек што сака да е слободен и „фриленсерската“ работа многу повеќе ми одговара. Веќе имав многу хонорарни проекти и соработка со неколку продукции кога решив дека ќе заминам, но тогаш се постави прашањето – што правиме со моите книги? Кој ќе ги издава? Искрено, не сакав да ги отстапам за издавање на ниту еден издавач во Македонија, оти сакав да изгледаат онака како што јас си ги замислувам, да не правам компромис во квалитетот, особено на печатот, но и за други работи. И така решив дека ќе почнам да ги издавам самата. Кумот на „Чудна шума“ беше мојот партнер Кире Галевски, кој го смисли името на овој бренд што го додадовме на нашата мала фирма од двајца – за да го означиме делот за издаваштво. И потоа, сосема неочекувано, почнавме да растеме и да ја населуваме таа чудна шума со други автори и дела и таа стана прекрасна и шарена и препознатлива.

Фокусот на издавачката куќа „Чудна шума“ се книгите за деца и млади, претежно од домашни автори, но и преводната литература

Според кои критериуми ги селектирате изданијата што излегуваат под етикетата на „Чудна шума“?

– Фокусот на „Чудна шума“ се книгите за деца и млади, претежно од домашни автори, но и преводната литература. Имаме и неколку наслови за возрасни од домашни автори (проза и поезија) и сакаме и понатаму да го шириме овој дел, како со домашна, така и со преводна литература. Сепак, нашиот главен фокус ќе остане литературата за деца, затоа што сметаме дека најмногу мора да се работи на ова поле, за да се поттикнуваат децата да читаат – со добра, квалитетна литература. И секако, селективни сме во изборот, а 2021 година ќе биде особено интересна, еве ова е и „ексклузивна“ можност да најавам дел од нашите изданија за деца за 2021: новата стихозбирка за деца на Владимир Мартиновски, насловена „Хор во задниот двор“ (своевиден втор дел од наградуваната „Шах со Бах“), со илустрации на Зоран Кардула; стихозбирката за деца на Владимир Лукаш, „Пу за Мите, пу за сите!“ со негови илустрации; прва книга за деца (а и возрасни) на Румена Бужаровска, со илустрации на Јана Јакимовска; книгата за деца „Пет приказни од целиот свет“ (и воопшто многу интересен проект) на Живко Грозданоски; сликовницата „Невидливата куќа“, мојот прв коавторски проект со мојот драг пријател Ване Костуранов, соработка што се крчка веќе неколку години, и ете, конечно, ќе се случи во 2021. И уште многу други, за кои ќе дознаете во следните неколку месеци.

Во оваа година на пандемија на ковид-19 смело одлучивте да го создадете е-списанието за деца „Чудна шума“. Какви се досегашните ефекти на списанието, колку тоа беше прифатено од децата?

– Слично како и „Чудна шума“, истоименото е-списание произлезе многу спонтано и со огромен ентузијазам. Имаше одличен ефект, ги освои срцата и на децата и на возрасните, посетеноста беше огромна, а коментарите што ги добивавме нѐ мотивираа да продолжиме да работиме. Од октомври правевме и некои промени, сѐ уште го доработуваме дизајнот на страницата и подготвуваме различни содржини, дел од нив веќе објавивме, а поактивно ќе почнеме да ги објавуваме за време на зимскиот распуст. Би сакале да правиме и многу повеќе, но досега немавме речиси никаква поддршка. Се надеваме дека нашите напори ќе бидат препознаени и дека ќе бидеме и соодветно поддржани, бидејќи станува збор за некомерцијален проект – прво бесплатно е-списание во Македонија – проект кој не е самоодржлив со продажба или со претплата.

Покрај пишувањето, често одржувате креативни работилници за деца и млади. Со каква цел?

– Веќе неколку години наназад организирам работилници за деца и млади, во соработка со Детскиот креативен центар во МКЦ, но и самостојно. Мој чест „партнер“ во оваа авантура е Доротеј Нешовски, кој ги држи ликовните работилници во ДКЦ-МКЦ, но имаме и заеднички креативни работилници. Сметам дека воннаставните активности се исклучително важни за децата и дека е наша обврска да работиме заедно со нив и да ја поттикнуваме нивната креативност, да ги развиваат своите способности и да ја негуваат љубовта кон читањето и уметноста. Покрај ова, работилниците се корисни и за мене како автор за деца, оти ми овозможуваат да научам повеќе за нив, а и да се воодушевувам на нивните идеи, на нивната креативност, а често и да се изнасмеам на нивните смешки. Прекрасни се и тоа богатство не може да се замени со ништо друго на светов.

Со првиот роман за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“, кој влезе во најтесниот избор за Роман на годината за 2019 година на Фондацијата „Славко Јаневски“, жанровски влегувате во магичниот реализам. Дали тоа е светот во кој сакате да живеете?

– Имаше дискусии околу тоа како треба жанровски да се определи романот. Можеби најдобро го дефинираше мојот преведувач во Србија, Предраг Црнковиќ (книгата треба да излезе во издание на „Пресинг“ од Младеновац во 2021), кој кажа дека романот е „постмодернизам“. Сега, новиот роман за возрасни – „Куќа над брановите“, кој е веќе во печат, веројатно е жанровски спекулативна фикција, но повторно би рекла дека е и „постмодернизам“.

Но, да одговорам на прашањето: светот во кој сакам да живеам е полн со магија. Неа ја има на секој чекор. Но, не сите можат да ја видат и да ја препознаат. Јас, за среќа, можам и тоа го правам откако сум свесна за себе. И таа магија ме води напред во животот и ме исполнува со љубопитност и потреба да откривам и да истражувам и никогаш да не запирам… Со други зборови, токму поради тоа се сметам за среќен човек. Оти, среќата е во неопипливото, а не во материјалното.

Предизвиците се важни да не станеме мрзливи, но и за да останеме млади во духот, без разлика на годините (Фотографија: Срна Галевски)

Кој свет повеќе Ве предизвикува за пишување и креација – на децата или на возрасните?

– И двата, се разбира. Но во последно време се трудам да имам баланс и да работам еднакво и за возрасни, затоа што сметам дека тоа е начин на кој ќе растам како автор. Секако, треба сѐ уште да растам и како автор за деца, но некако самата чувствувам кој е следниот предизвик што треба да го совладам за да научам и за да пораснам. Јас сум од оние луѓе што никогаш не престануваат да учат и да си поставуваат сѐ повисоки цели. Предизвиците се важни да не станеме мрзливи, но и за да останеме млади во духот, без разлика на годините.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 62, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот