Интервју со Маја Јакимовска-Тошиќ: Културната традиција е најсигурната инвестиција на еден народ

Одржувањето на Меѓународната научна конференција „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура“ и 40-годишниот јубилеј се доволно податлив повод за разговор со Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература при УКИМ.

Институтот за македонска литература (ИМЛ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со Меѓународната научна конференција „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура“ одбележа два јубилеи – 40 години постоење на ИМЛ и 100 години од раѓањето на втемелувачот на современата македонска филологија, лингвистика, литература и култура, Блаже Конески. Во реализацијата на големи проекти колективот на Институтот дејствува здружено и сплотено, иако нивната научна работа е базирана на индивидуалните знаења и способности.

На чело на ИМЛ веќе десетина години е проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, чија специјалност се областите на медиевистика, палеославистика, средновековна литература и културна традиција, но очигледно одлично се снаоѓа и во современите услови на културна продукција.

Каков предизвик за Институтот за македонска литература беше организацијата на конференцијата и одбележувањето на јубилеите?

– Двата големи јубилеи што се од особено значење за Институтот за македонска литература, но и за македонската култура воопшто, се наложија како одлични поводи за организација на Меѓународната научна конференција „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура“. Исправени пред важноста за нивното одбележување, пред нас се отвори прашањето за улогата на литературата денес во услови на современо општествено живеење, согледана како spiritus movens на нашата институција. Досегашните достигнувања на Институтот, кои се базираат на научноистражувачко проследување на книжевно-историските процеси, на етаблирање на вредносните канони на македонската литература и култура создавана во долг временски интервал од 9 до 21 век, ја наметнаа потребата да се проговори низ современ аспект за богатството и разнообразноста на книжевните остварувања, за процесите и пројавите, за просторот на колективната меморија, нејзините претстави и наративните обрасци, кои севкупно ја одбележуваат посебноста на македонската книжевна и културна традиција низ вековите.

Свечениот дел од одбележувањето на двата јубилеи Институтот за македонска литература го одржа во амбиентот на Куршумли-ан со присуство на видни гости

Со каква цел беше одлучено конференцијата да се одвива на тема „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура“?

– Следејќи ги историографските, општествените и културолошките интроспекции, нашата интенција беше низ аспектите на книжевната архива преку меморијата и сеќавањето да се проследи вековниот континуитет на македонската книжевна традиција во период од 9 до 21 век, преку највпечатливите облици на нејзините пројави, на моделите на карактеристичното културно живеење, на нивните манифестации во јавниот простор во континуирана последователност. Истовремено, приказот на богатството и разноликоста на книжевните дела не го перципираме само низ обликот на колекции/архиви, туку сакаме македонската книжевната продукција да ја согледаме како извор на паметење, на сеќавање и заборав, како место за вкрстување на литературните канони, но и нивно превреднување и редефинирање, согласно новите културолошки методологии. Врз основа на различната граѓа чија база е македонската книжевна и културна архива: обреди, усни истории, книжевност, филм, нашата интенција е да се проектира перцепцијата за тоа како меморијата го одредува влијанието на минатото врз сегашноста и обратно; каква е позицијата на сегашноста за разбирање и интерпретација на минатото. Воедно ваквиот прочит на македонската литература значи афирмација, но и заштита на македонскиот јазик, што за нас е од особено значење.

На конференцијата беа презентирани 70-ина научни трудови на теми посветени на книжевната архива на Блаже Конески, но и за дигиталната, историската, фолклорната и современата книжевна архива. Можно ли е веднаш по завршувањето на конференцијата да се изведе заклучок за нејзиното значење?

– Навистина можеме да бидеме задоволни од бројот и од разновидноста на темите и аспектите врз кои се согледуваа поставените тематски подрачја. Тематот „Архивата на Блаже Конески“ донесе многубројни нови согледби за Конески како македонска културна икона. Во излагањата се говореше за облиците на национално брендирање на културната традиција по моделот на Конески, за лирското преиспитување и антрополошката запрашаност на Конески околу предодреденоста што доаѓа со потеклото, отсликувајќи ја припадноста кон мала култура, но истовремено докажувајќи врз својот светол пример дека дострелите на „малите народи“ и „малите јазици“ можат да бидат значајни и високи во светската историја на народите. Целиот блок излагања за Конески ќе бидат публикувани во најновиот број на меѓународното научно списание „Спектар“ (бр. 78/2021) на Институтот. Од друга страна, заемното согледување на ракописното наследство, на македонскиот фолклор и современата македонска литература во сите пројавени жанрови, воедно донесоа нивно проследување и во интеркултурен контекст, низ компаративни согледби за сродни тенденции во европските и другите литератури. Исто така, од особено значење беше и сесијата за дигитална архива, каде се презентираа истражувањата за релациите помеѓу книжевните дела со новите, дигитални медиуми, и за нивното влијание врз современата литература и култура.

На свеченоста пред одржувањето на конференцијата беше промовирана монографијата „Етичките и аксиолошките аспекти на литературата и културата на 20 и 21 век“. За каква монографија станува збор?

– Mонографијата „Етичките и аксиолошките аспекти во литературата и културата на 20 и 21 век“ произлезе како резултат на соработката меѓу Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Трнава, Словачка. Темата обедини 12 научни трудови на соработници од македонската и од словачката академска средина во кои се обработуваат различни аспекти од областа на етиката и аксиолошката слика на светот, аплицирани врз примери од литературната продукција и приликите во културното живеење на 20 и 21 век. Едно од доминантните прашања кое се поставува во студиите е проблемот на естетската валоризација на книжевната продукција денес, на евидентната промена на аксиолошките системи во услови на променетите општествени приоритети и во ерата на дигиталната писменост. Засегнати од актуелноста на овие состојби на глобалната културна сцена, но и во национални рамки, со трудовите во монографијата поттикнуваме научно дебатирање околу темите на моралните и аксиолошките стандарди, кои под влијание на современото општествено живеење, отворија нови дилеми за проследување.

Претседателот Пендаровски укажа на неопходноста од одговорно архивирање на нашето книжевно наследство, но и на постојаното научно и критичко промислување на контекстите во кои се твори, создава и обликува една национална култура

Претседателот Стево Пендаровски во своето поздравно обраќање го посочи значењето на ИМЛ. Како Вие однатре гледате на значењето на Вашата научноистражувачка работа во општеството?

– Во обраќањето на претседателот Стево Пендаровски се подвлече значењето на научноистражувачката дејност на Институтот за македонска литература, бидејќи книжевната наука, чии резултати се одразени во бројните научни изданија на Институтот, ги верифицира фактите за културниот и правниот континуитет на македонската литература и култура, сврзани со почетоците на словенската писменост и проследувани сѐ до современите книжевни тенденции одразени на културен план. Во многубројните монографии, зборници, изданија на Институтот се отсликува извонредното богатство на книжевното и јазичното културно наследство на македонскиот народ, на неговата автентичност, што претставува извориште за долговековното градење на македонскиот национален идентитет. На тој начин релевантните податоци произлезени со истражувањата на развојните процеси на македонската книжевност, јазик и култура и на меѓународно ниво одат во наш прилог, не оставајќи простор за политички интерпретации, замаглувања на фактите и научни импровизации. Претседателот Пендаровски, како покровител на манифестацијата, исто така, укажа на неопходноста од одговорно архивирање на нашето книжевно наследство, но и на постојаното научно и критичко промислување на контекстите во кои се твори, создава и обликува една национална култура. Токму тука ја согледувам главната должност на соработниците на Институтот кон македонскиот народ, во континуираното релевантно проследување и негување на трајните вредности на македонската литература и култура.

Во Вашето обраќање на свеченото отворање на конференцијата истакнавте дека „културната традиција е најсигурната инвестиција на еден народ“. Колку општеството, односно државните и образовните институции, ја валоризираат и ја ценат Вашата работа?

– Станува збор за еден вид мото на нашата конференција, една мисла извлечена од творечкиот опус на Конески, кој ја трасирал за нас идентитетски потврдената долга вертикала на национална самобитност, поттикнувајќи ја нашата национална свест и гордост, истакнувајќи дека шансата на малите литератури самиот тој ја гледа во едно резултантно вкрстување на вредностите на локалната традиција со литературните струења што се шират од центрите на изразита културна радијација. Со тоа, актуализирајќи ги неговите согледби за идентитетските прашања сакам да ги подвлечам оние негови становишта во кои се истакнува дека културната акција ја надживува политичката согледана како одраз на дадено актуелно време, со што културната традиција претставува најсигурна инвестиција на еден народ. Затоа се напојуваме од опусот на Конески кога се работи за нови предизвици, наново докажување илјадници пати третирани и потврдени научни факти во македонската и светската научна мисла по повод посебноста на македонскиот идентитет и култура, визави најновите провокации од бугарската политичка средина и јавност.

Годинава можеме да бидеме многу задоволни, бидејќи со директна помош на МОН и министерката Мила Царовска се одобрија 10 нови вработувања, кои овозможуваат ревитализација на кадарот, но воедно и на националната литература и култура. Во овој контекст би ја додала и континуираната поддршка од Министерството за култура, кое со години наназад со финансиска помош ни овозможува нашите книги, трите наши меѓународни списанија и зборници да се објавуваат, а се работи за импозантна бројка од 12 до 15 изданија годишно, со што Министерството нѐ поддржува во нашата цел да ја афирмираме македонската литература и култура ширум светот.

Институтот за македонска литература работи сплотено, тимски, креативно и со чувство за детектирање на актуелностите од областа на литературата и културата

Основна дејност на ИМЛ се културолошките студии од втор и трет циклус, а има и богата издавачка дејност и меѓународна активност. Се добива впечаток дека интересот за литературата и нејзиното значење е во пораст. Дали навистина е така?

– Важен сегмент на нашиот институт се Културолошките студии од втор и трет циклус, кои ја следат ориентацијата на современата општествена практика за поврзување на општествените и хуманистичките подрачја во контекстот на културната и медиумската комуникација. Во рамките на овие студиски програми посебен акцент е ставен врз независните методи на работа, врз критичката проценка и способноста за самостојно развивање на теориската и критичката мисла, каде што можат да партиципираат профили од сите научни подрачја. Навистина привлековме голем број млади и талентирани академски граѓанки и граѓани, кои поминаа и поминуваат низ нашите студиски едукативни програми. Притоа ги ангажираме и како дел од нашите проекти, партиципираат во симпозиумите и дебатите кои ги реализира Институтот и сметаме дека на тој начин го збогатуваме интересот за проследување и промислување во книжевните подрачја. Секако, секогаш може да се направи уште повеќе во еден заеднички ангажман на поттикнување на нов пристап кон интердисциплинарно поврзување на книжевните феномени, кон нови согледби за комуникациските проблеми во културата и нивно пласирање во информативниот простор, за што особено е повикана да ни се придружи младата академска популација.

Вашиот мандат како директорка на ИМЛ е при крај. Колку лично сте задоволна од сопствениот и од учинокот на колективот во изминативе години?

– Тоа е важно прашање, кое секое одговорно лице за организација на работата во својата институција треба да си го постави пред себе. Лично можам да изразам задоволство што во изминатите десетина година, претходно започната иницијатива за соработка со Универзитетот во Риека, продолжи, беа одржани две, а за време на мојот мандат три конференции. Вложив голема енергија во меѓународната соработка, од што произлегоа уште две конференции и два проекти со универзитети во Словачка. Голем влог дадов и за соработката со Истанбулскиот универзитет, со кој одржавме конференција од која произлезе зборник. Морам да го истакнам и задоволството од поддршката што ја добивав од Министерството за култура, кое ни овозможи да ги објавиме нашите изданија на актуелни културолошки теми „Етички и аксиолошки аспекти на литературата и културата во 20 и 21 век“, „Урбани културни идентитети. Скопје и Истанбул“, „Македонскиот и српскиот роман на преминот во новиот милениум“, „Популарна култура“, „Критика и молк: читање на македонската литература и култура“. Самото издвојување на овие активности, како дел од целата актива на институцијата ме прави задоволна од постигнатото, што е причина и за чувството на исполнетост и реализираност и како директор и како соработник на институцијата, каде што се работи сплотено, тимски, креативно и со чувство за детектирање на актуелностите од областа на литературата и културата, со што Институтот е навистина суверен дел од европскиот академски простор.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Видео на денот