ИНТЕРВЈУ со Кристина Ампева, борец за правата на текстилните работници: Борбата за достоинствен живот е поголема од љубовта кон родното место

Оние кои ми се во најблиска околина велат дека толкав товар не би носеле, особено со последните случувања во нашата земја и стравот кој постои сега од загуба на работните места. Но примам и удари баш од оние за кои се трудам. Некогаш се прашувам дали вреди, но ќе се јави некоја од жените, ќе промуабетиме и ќе си се пожалиме една на друга и сфаќам зошто го правам ова и не смеам да се откажам, вели Кристина Ампева за „Женски печат“.

Кристина Ампева работела како текстилна работничка во својот роден град Штип, а денес е активна со истражувањата за оваа вулнерабилна група на жени, текстилните работнички, во помалите градови на Македонија, преку Здружението „Гласен текстилец“. Во времето кога Кристина работела во текстилната индустрија, пред околу пет години, условите и платите биле многу поразлични од сега. Повеќе причини биле пресудни да си замине од таму, а подоцна да продолжи со работа во граѓанскиот сектор.

– Напорно беше да се работи по десет часа барем трипати во неделата, секоја сабота, често и недела, вклучително и празниците. Мобингот од страна на претпоставените лица е важно да се спомне, кој сè уште го има. А тоа што мене најмногу ми пречеше е што, како млада мајка, немав доволно време да бидам со моите деца. Платата беше понижувачка, тогаш седум, осум илјади денари. Се случи и алергија од нови материјали, која ми предизвикуваше пневмонија, па збир на сè тоа беше конечно да одлучам да си заминам, колку и да ми беа потребни финансии со кои колку-толку би придонела во домашниот буџет, вели Кристина.

Колку гласот на текстилните работнички воопшто се слуша?

– Искрено се потрудивме изминатите четири, пет години да ги артикулираме проблемите на вработените во овој сектор, бидејќи со години никој не ги спомна. Не знам колкупати имам спомнато, но тие секогаш беа маргинализирани и во исплатата на плата, противуставно дискриминирани, бидејќи секогаш за нив важела норма и минималната плата не важеше. Тоа го променивме, ја изедначивме и баравме покачување на минималната плата и во тоа успеавме, затоа ако некогаш имавме исплата на плата и од 8.000 денари, денес не смее да се исплати помала плата за редовна работа од 14.500 денари. Бележиме поголема храброст од страна на работничките, па тоа може да се види и од статистиката на трудовиот инспекторат. Работниците и работничките веќе сами пријавуваат прекршувања на нивните права, а зголемен е бројот и на судски тужби, барем конкретно во Штип. Не сметам дека нешто премногу успеавме, но ситуацијата се помрдна од мртва точка во која беше со децении.

Со какви услови и предизвици текстилните работнички се сретнуваат на работното место?

– Најголеми предизвици и проблеми останаа постојаната прекувремена работа и работа на празник која, со чест на исклучоци, не е евидентирана и платена. Остана тоа, и синдикалното организирање што сакавме како следен чекор да го оствариме.

Преку Здружението на граѓани „Гласен текстилец“, спроведувате истражувања на оваа тема, кои се најактуелните проблеми. Што покажуваат резултатите од истражувањата?

– Имавме истражување што го публикувавме во втората половина од 2019 година, каде што беа опфатени 870 вработени и дури седумдесет отсто од нив се пожалиле дека прекувремената работа не им се плаќа. Постои недоверба кон институциите на системот, синдикатот, па затоа и најчесто молчат за злоупотребите и прекршувањето на нивните права.

Активна си во помалите градови од Источна Македонија, со какво секојдневие се соочува жената од помалите градови и места?

– Да, дури некако помило ми е и добредојдено се осеќам кога одам во помалите места. Делчевчанки ги обожавам, морам да признаам. Условите и животот на жената во тие помали градови и села е различна, бидејќи Штип е поголем град, имаме студенти поради кои градот изгледа младо, весело и бучно. Таму не е баш така. Иселувањето од тие градови е масовно. Кога и да одам се враќам во мрак, ги гледам светлата од куќите дека се сè помалку и помалку. Заминуваат цели семејства, борбата за достоинствен живот, плата, работа е поголема од љубовта кон родното место.

Колку филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го илустрира животот во помалите места во Македонија, бидејќи филмот беше снимен во Штип?

– Морам да бидам искрена дека, за жал, немав време да ги гледам филмовите со кои како држава се истакнавме и во светски рамки, но имав прилика да разговарам со работничките, кои дадоа на некој начин свој придонес во сцени од истиот филм. Дури добив пораки од колеги од странство дека филмот е прекрасен, затоа ќе ја искористам моменталната ситуација и ќе го гледам филмот. Од она што како содржина го читав и го видов во исечоци, бев задоволна што е испочитуван нашиот штипски дијалект (се смее, н.з).

Секако дека не е исто како во Скопје. Се негуваат обичаи, сè уште се верува дека некои работи не се за жени како, на пример, фаќањето на крстот за Водици. Паметам дека дури и жени го велеа истото. Во помалите места жената работи во конфекција, се грижи за домот, градина, деца. Помладите генерации сме различни, похрабри, но не се излегува далеку од рамката за норма во општеството. Нашите деца, верувам, ќе размислуваат далеку поразлично од нас.

Колку е активен синдикатот? Кои се сојузниците во борбата на „Гласен текстилец“?

– Синдикатите веќе четири години активно ги критикувавме како активисти и здружение и сметам дека сега се прозваа и се поактивни. Морам да го спомнам Министерство за труд и социјална политика, со кои сме постојано во комуникација и преку кои излобиравме за покачувањето на плата, нè вклучија како здружение во новиот Закон за работни односи, ни овозможуваат соработка со Државниот трудов инспекторат. Работи што беа потребни да се случат многу поодамна, се случија изминатите три години поради ова Министерство. Сојузник во државава ни е Хелсиншки комитет за човекови права, без двоумење. Надвор од државата сме многу попризнати и имаме повеќе партнери, за жал, или пак, можеби за среќа.

Кога зборуваме за модна индустрија, асоцијација ни се модните трендови, брендирана облека, убави кроеви и скапи етикети. На што тебе те асоцира терминот модна индустрија кога е во прашање Македонија?   

– Модната индустрија ме асоцира на Бангладеш и Кина, но Македонија ни е исто тука некаде. Факт е дека големите брендови сакаат да даваат повеќе пари на  реклами, убави излози и простор во најголемите трговски центри. Најмалку или незначително е она што го даваат за изработка за гардеробата што ја шијат во Азија, Индија или на Балканот. Има многу кои се плашат од јавниот срам, кои имаат ветено дека ќе ја почитуваат платата за живот во нивниот синџир на снабдување, но честопати не преземаат никаква одговорност. Доволен за тоа е примерот со гигантот „Олимп“, кој со години ги шиеше своите кошули во велешката конфекција „Стоби“. На крајот кажаа дека многу им е жал за работничките кои вредно и квалитетно им ги изработувале производите, но на ниедна не им беше исплатена некаква штета од страна на гигантот кога прекина производството и се поделија откази.

Колку воопшто жените ти се нашле во твојот живот? Од кои и какви жени добиваш и поддршка и енергија?  

– Поддршка и енергија добивам баш од оние жени кои ме гледаат секојдневно, знаат од близу што работам, колкав притисок имам поради ова што го работам, колку сериозно ги чувствувам проблемите на вработените од овој сектор и разочарувањето што го доживувам за секој случај што не сум успеала да го изработам во корист на вработен/а. Но и огромната радост, кога ќе успееме во голем дел од случаите што ни биле пријавени. Не само жени, но и мажи кои ми се во најблиска околина велат дека толкав товар не би носеле, особено со последните случувања во нашата земја и стравот што постои сега од загуба на работните места. Но примам и удари баш од оние за кои се трудам. Некогаш се прашувам дали вреди,  но ќе се јави некоја од жените, се муабетиме и пожалиме една на друга и сфаќам зошто го правам ова и не смеам да се откажам.

Колку ги следиш модните трендови? Во каква облека најмногу се чувствуваш своја?

– Модни трендови следам во однос на тоа кој бренд во која фабрика шие (се смее, н.з). Не следам, сепак ние сме активисти со договори на дело, барем јас не можам да си дозволам, поважно ми е да имам храна во фрижидерот. Инаку, гардероба купувам во „секнд хенд“ бутици, кои, за жал, во државава баш ги нема, па користам да си купам кога сме на патување некаде во околните земји. Во светски рамки модната индустрија е загадувач број 2, а и сметам дека со купување на брендови не придонесувам кон буџетот за оние кои ги шијат тие парчиња гардероба, напротив. Купувам кај нас гардероба во исклучителни случаи, ептен кога морам. Инаку фармерки и кошули имам во доволна количина и така преферирам да се појавувам најчесто, на работа, на пат, на средби и состаноци.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот