Интервју со филозофот, естетичар и професор Иван Џепароски за книгата „Комичното и хуморот“: За смеа се потребни двајца

Хуморот кај нас сè помалку е коректор на недостатоците на индивидуален или на колективен план

Во издание на Театар Комедија пред десетина дена беше промовирана една мала книшка со голема „тежина“, со наслов „Комичното и хуморот“, а со авторот Иван Џепароски трагаме по филозофската димензија на хуморот, смеата и на драмската комедија.

Филозофот, естетичар, професор и поет, Иван Џепароски, прифати една интересна и навидум едноставна задача од Театар Комедија, а таа беше да подготви книга во која ќе даде приказ на комичното и на хуморот наменет за пошироката читателска и театарска публика.

Пристапувајќи кон пишувањето на книгата со целото свое знаење, посветеност и аналитичност во „Комичното и хуморот“ тој користи цитати од Аристотел, Платон, Кант, Хегел, Фројд, Еко и уште многу други светски, регионални и домашни автори. Во телеграфски стил, прецизна и концизна, книгата „Комичното и хуморот“ открива многу нијанси на комичното и хуморот претставени во театролошки, културолошки и интердисциплинарни текстови, книги и теории.

Каков предизвик беше пишувањето на книгата, имајќи предвид дека речиси секоја реченица е поврзана со теорија или цитат за дадената област?

– Да се пишува за комичното и за хуморот секогаш е голем предизвик, особено за теоретичарите на книжевноста или на театарот, или, пак, за естетичарите, каков што сум јас. Кога ја пишував оваа книга потајно посакував и искрено се надевав дека ваквиот мој теориски пристап ќе ги надмине тешките и мачни ситуации за кои говори и италијанскиот естетичар Бенедето Кроче, според кој теоретичарите на хуморот, додека говорат или, пак, додека се обидуваат да ги расветлат тајните на хуморот, востановувајќи повеќе различни теории за хуморот, и самите тие можат да станат објекти на хуморот, односно самите да станат смешни, зашто при ваквото теоретизирање за хуморот, слично како и при научните експерименти со жабите, никој освен научникот-теоретичар не е заинтересиран за постапката и за резултатите од истражувачкиот експеримент, а на крајот, секако, жабата и си умира.

Сепак, едно е да се биде комедиограф или хуморист, а сосема друго е, на едно теориско и на едно мета-рамниште, да се занимаваш со теориите кои го толкуваат комичното и хуморот. Како и да е, при сето ова, една работа ми е сосем јасна: вицот и шегите секогаш треба да бидат куси, јасни и со прецизна поента, зашто секое дополнително објаснување од типот на: „ама со шегата (вицот) алудирав на ова или на она…“ – во целина води кон уништување на самата шега.

Оттаму, со надеж дека во својата книга „Комичното и хуморот“ не објаснувам премногу, туку само покажувам и укажувам, им го предавам напишаното на сите оние што се расположени да прочитаат и да почувствуваат нешто што е во врска со комичното, со хуморот и, секако, со комедијата.

Промоција на книгата „Комичното и хуморот“ на 20 март во Театар Комедија – Дарко Спасов, Иван Џепароски, Ана Стојаноска и Александар Прокопиев

Во дефинирањето на комедијата посочувате на дваесетина форми на нејзиното појавување на сцената. Што е заедничко за сите форми на комедијата?

– Во основата, комедијата во себе вклучува најразлични форми на пројавување: од класичната комедија, па преку комичниот балет (comédie-ballet), комедијата на солзите (comédie larmoyante), комедијата на хуморот, комедијата на идеите, комедијата на интригите, комедијата на обичаите, комедијата на моралот, комедијата дел арте (commedia dell’arte), ерудитската комедија (commedia erudita), бурлеската, црната комедија, домашната комедија, фарсата, музичката комедија, романтичната комедија, сатиричната комедија, сентименталната комедија, трагикомедијата, па сè до комедијата на апсурдот.

Тргнувајќи од значењето на терминот комедија, кој уште од антиката се поврзува за описите на сценските изведби со среќен крај, комедиите и денес – изземајќи ги црната комедија и комедијата на апсурдот – главно се поврзуваат со едно ведро расположение и со идеите за некаков среќен завршеток (happy ending). Затоа комедијата е драма која предизвикува смеа во однос на некои мали човечки мани поврзани со однесувањето на некои обични луѓе, а знае да вклучи и понекоја романтична љубов, која обично има среќен и весел крај.

Што се однесува, пак, до сите обиди хуморот, комичното и комедијата да се објаснат само од една излезна позиција, односно да се изнајде само една есенцијалистички поставена теорија на хуморот, се чини дека такво нешто не е можно.

Во културолошкиот пристап кон хуморот и сатирата истакнувате една согледба дека луѓето сѐ помалку се смеат. Зошто е тоа така?

– Мнозина културолози сметаат дека и во светот, а оттаму и во Македонија, како да станува забележлив еден општ феномен според кој луѓето сè помалку се смеат. Но, сепак, не е нелогично да се посомневаме во констатацијата дека луѓето сè помалку се смеат. Смеата е еден трансисториски и транснационален феномен. Таа е еднакво распространета насекаде во светот. Луѓето се смееле и се смеат и во најтешките времиња и во најрепресивните системи.

Но, прашањето за смеата кај нас, и денес, е во тоа дали таа смеа ние ја гледаме и колку, всушност, таа допира до нас. Се чини дека проблемот е токму таму. Тоа е така, зашто смеењето е еден колективен феномен кој бара целосно заедништво во доживувањето. Никој не се смее сам. И за смеа се потребни двајца, ако не и повеќемина.

Филозофот и нобеловец од областа на книжевноста Анри Бергсон во своето дело „Смеата: есеј за значењето на комичното“ вели дека „не постои комично надвор од она што во вистинска смисла е човечко“ и дека „човек не може да ужива во смешното ако се почувствува осамен. Се чини дека на смеата ѝ треба одглас (…) нашата смеа е секогаш смеа на една група“.

Овие ставови на Бергсон, секако, наоѓаат најнепосредна потврда во театарот, зашто комичното и комедијата најдобро функционираат и се најуспешни кога театарската сала е (пре)полна со публика, додека изведбите на трагедијата можат да бидат успешни и во ситуации на полупразни сали. Можеби затоа и проблемите во однос на претпоставеното постапно исчезнување на смеата кај нас треба да се гледаат повеќе во крајната индивидуализација која заговара осаменост и несподелување на заедничките чувства на радост и смеа.

Се разбира, ова се однесува во однос на изворната смеа и на комичното во секојдневниот живот. Прашањето, пак, за смеата во институционализираните уметнички форми, како хумореската, сатирата, комедијата или карикатурата е поврзано со поинакви причини.

Книгата „Комичното и хуморот“ не објаснува премногу, туку само покажува и укажува

Какво е значењето на хуморот и сатирата во општеството, воопшто?

– Се разбира, луѓето и нивното секојдневие (општествено, политичко, семејно и индивидуално) остануваат клучните теми на хуморот и сатирата, а самата комедија останува да ѝ пркоси на теоријата, не давајќи никогаш да биде целосно протолкувана. Затоа, како што укажува еден современ истражувач на проблемите на комедијата и на комичното: „лизгавиот проблем со дефинирањето на комедијата и комичното дејство е задоволителен доказ за нејзините постмодерни доблести: комедијата е токму одредена слобода (таа) да не се дефинира“ (Олсон). Токму затоа комедијата најдобро се доживува и се дефинира – на сцена.

Но, постојат и сосем легитимни ставови според кои хуморот може да се сфати и како прочистувач на човековиот дух, како одливен вентил за натрупаните проблеми кои честопати се клучниот аспект во развојот на една духовно здрава нација и оттаму би можело да се говори дури и за состојбата на духот на македонската нација, од гледна точка на нејзиниот однос кон хуморот и кон сатирата.

За жал, хуморот кај нас сè помалку е коректор на недостатоците на индивидуален или на колективен план. Тоа е така зашто клучните личности на нашата општествена стварност во еден долг период на транзиција се недопирливи во својата самоувереност и самозамисленост. Кај нив постои силна анестезираност во однос на хуморот и сатирата на која биле или се изложени. Тоа е нивниот модус вивенди, но тоа е, за жал, модус вивенди и на севкупната општествена и политичка стварност ширум светот. Но, повеќе од јасно е дека хуморот ни е потребен, како што ни се потребни и чистиот воздух и чистата вода.

Пред две години бевте меѓу првите кои со книга реагираа на претходно преживеаната пандемија на ковид-19, која ја насловивте „Пандемија и постхуманизам“. Колку таа пандемија ја промени човековата цивилизација?

– Се чини дека големи промени се случија во рамките на нашата севкупна култура и цивилизација соочени со пандемијата на ковид-19. Затоа мојата неодамнешна книга „Пандемија и постхуманизам“, пишувана за време на траењето на самата пандемија, беше обид да се допрат горливите прашања на соочувањето на современата хуманистичка мисла со предизвиците на пандемијата.

Оттаму, во книгата „Пандемија и постхуманизам“ се анализираа прашањата и темите поврзани со промените што се случуваа во нашата современост, и на глобален и на локален план. Пристапот кон овие актуелни прашања беше од гледна точка на релациите помеѓу пандемијата на ковид-19, од една страна, и хуманизмот, постхуманизмот и трансхуманизмот, од друга страна.

Нејзината теориска актуелност, пак, треба да се бара во зафаќањето со горливите промени на нашата стварност во годините на владеење на пандемијата, но и во проследувањето на раѓањето на постхуманизмот и на надоаѓачкиот технолошки трансхуманизам, со што книгата, едновремено, уште повеќе ја потенцираше важноста на филозофскиот и на културолошкиот пристап кон овие актуелни прашања на нашето секојдневно живеење.

Книгата „Пандемија и постхуманизам“ го проследува раѓањето на постхуманизмот и на надоаѓачкиот технолошки трансхуманизам

Работите како редовен професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје. Каков е интересот на студентите за филозофијата како наука?

– Филозофијата во нашиве новомилениумски дни, мнозина укажуваат, како повторно да е во мода. Но, оваа мода не е нова. Напротив, филозофијата е во мода повеќе од два и пол милениуми. Да се потсетиме само на едноставниот факт: пред повеќе од една деценија (2013) се навршија 2400 години од формирањето на Платоновата академија и нешто помалку од постоењето на Аристотеловиот ликеј, а филозофијата постоела со векови и пред постоењето на Платоновата академија и пред Сократ и претсократовците, сè до времето на нејзиното одделување од митското мислење и од поезијата.

Но, ако филозофијата како најстара и највозвишена духовна супстанца до денешни дни е загледана во „убавината“ како нешто „неземно и вечно“ (Платон во „Гозба“), во „вистината“ како „норма на себеси и на лажноста“ (Барух Спиноза), во „добрината“ и во „ѕвезденото небо над нас и во моралните закони во нас“ (Имануел Кант), или како што тврдеше еден од најзначајните филозофско настроени книжевници на сите времиња дека „убавината ќе го спаси светот“ (Фјодор М. Достоевски), таа, филозофијата, од своите мугри до денес, поставува прашања, но и нуди одговори на едноставните, но комплексни прашања за тоа: кои сме ние, од каде доаѓаме, каде одиме, или, едноставно, што е човекот? Нејзината, пак, врзаност за вистината, добрината и убавината, како темелни и врвни вредности на филозофијата и на човештвото, трае до денес.

Кога станува, пак, збор за тоа каков е интересот на студентите за изучување на филозофијата како наука, треба да се каже дека како и во времето кога и јас студирав на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје, а тоа беше кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, а така и денес, интересот е вообичаен. И тогаш, а и сега, се запишуваат околу дваесетина студенти, а дипломираат половината од нив. А тоа, за една мала Македонија, е сосем доволно.

Филозофијата никогаш во своето минато не била некоја лукративна дисциплина, а така е и денес, но без длабочините на филозофијата, и без критичкиот однос што таа го гради кон себеси и кон стварноста, не може да се замисли ни нашиот однос кон научната и уметничката стварност, ниту, пак, кон општествената и политичката стварност. Така е во светот, а така треба да биде и кај нас!

Врзаноста за вистината, добрината и убавината, како темелни и врвни вредности на филозофијата и на човештвото, трае веќе два и пол милениуми

Целиот живот го посветивте на естетиката во најширока смисла на нејзината дефиниција. Ако во секојдневниот живот се згазени основните етички, морални и вредносни норми, колкав простор е оставен на естетиката да ги „разубави“ аномалиите на општеството?

– Тој простор е и преголем и премал. Преголем зашто естетиката како филозофска дисциплина не може од ништо да биде омеѓана, зашто таа, од дамнини па сè до денес, се занимава со прашањата на убавината, на уметноста, на вкусот и на естетското доживување, а премал зашто овие истражувања никогаш не се доволни и, за жал, најчесто, барем кај нас, не се земаат предвид од страна на политиката.

Од друга страна, кога станува збор за некакво „разубавување на стварноста“ треба да се каже дека естетиката како филозофска дисциплина ја нема моќта да разубавува, таа „моќ“ им ја препуштаме на салоните за убавина или на естетските хирурзи, но затоа, пак, естетиката ја има моќта да ги толкува и да ги вреднува точните или погрешните разубавувања на нашата стварност.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 224, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот