ИНТЕРВЈУ Ангеловска-Бежоска: Жените треба да бидат похрабри за да успеат во светот на мажите (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат/Д.Митрески

Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска е една од трите жени во Европа кои се на оваа значајна фунција, и прва жена во Македонија која застана на чело на централната банка.

Во интервју за „Слободен печат“, Ангеловска-Бежоска посочува дека на почетокот, првично била загрижена како ќе постигне рамнотежа меѓу одговорната функција и семејниот живот, но сега, вели, успешно раководи со монетарната политика на Северна Македонија, каде што процентот на невработеност на жените е околу 20 отсто.

Како успеавте да станете една од трите гувернерки во Европа?

На доаѓањето на гувернерската позиција, во мојот случај претходеше едно богатство искуство, работа во повеќе различни сегменти и проблематики. Јас моето работно искуство го стекнав со работа во Министерството за финансии. Ова искуство го започнав во еден значаен транзициски период за нашата економија и мислам дека навистина беше привилегија за мене да бидем дел од тимот, заедно со моите колеги, од тимовите кои што беа вклучени во имплементација на дел од значјани реформи во процесот, пред се реформите во јавните финансии.

Бидејќи ние на тој начин стекнавме огромно знаење и искуство, нешто ми помогна да ја продолжам мојата кариера во ММФ, каде што како дел од преговарачките мисии на ММФ со земјите членки имав можност повторно да се фокусирам на прашања од областа на макроекономијата, вклучително на монетарната и фискалната политика, и навистина да научам многу работи. По враќањето од САД кариерата ја продолжив во Народната банка, прво бев главен економист на банката, па потоа и Вицегувернер и имав мандат од седум години.

Дали некогаш сте се почуствувале дискриминирани и деградирани поради тоа што сте жена?

Искрено, никогаш во животот не сум се почуствувала деградирана или маргинализирана на било кој начин во текот на мојата професионална кариера. Ниту пак од друга страна сум имала некои привилегии, затоа што сум била жена. Значи не сум почувствувала, ниту пречки, ниту привилегии, можеби бидејќи во институциите во коишто сум работела, секогаш главниот критериум бил професионалноста, посветеноста во работата. Така што за моја среќа јас никогаш не сум дошла до непријатно чувство. Местата каде што имам работено се средини и амбиенти, каде што клучниот фокус е на професионалното ангажирање на секој поединец. ММФ е инстистуција во која се превземаат посебни политики во елиминирање во било каква, родова и полова нееднаквост и промовирање на поактивна улога на жените во институциите. Таму има дури активни политики кои што се превземаат во оваа насока.

Како ве прифаќаат колегите од посилниот пол, кога присуствувате на меѓународни настани?

Добро, факт е дека во централно-банкарската заедница, особено на највисоките раководни позиции, доминира машкиот свет. Иако статистичките податоци покажуваат дека од 90-тите години, па наваму се гледа некое поместување во позитивна насока. Меѓутоа сепак, тие поместувања се маргинални. Се уште во централно-банкарскиот свет доминира машката популација. На пример, во 2018 година, од 173 централни банки, само 11 централни банки се предводени од жени. Па така во Европа има само 3 гувернерки, а тоа е гувернерката на Србија, на Русија и јас. Во изминатите дваесетина години, членовите на комитетот на Европската централна банка, кој што е надлежен за донесување на одлуки за модерната политиката, значи само 6 проценти од вкупниот број членови беа жени. Меѓутоа би морала да кажам дека, односот на колегите сепак е на професионално и адекватно ниво, но чувството да се присуствува на настани на кои што доминира машката популација, сепак создава одредена непријатност, да бидам искрена и би била посреќна, затоа што знам дека и во жените има потенцијал, и би сакала малку од малку да биде поизбалансирана таа структура, отколку што е сега случајот.

Како успевате да балансирате помеѓу професионалниот живот и домашните обврски?

Не е едноставно, морам да признаам. Да се биде гувернер, значи да се биде одговорен за макроекономската стабилност, односо за ценовната стабилност во економијата, за финансиската стабилност, за стабилноста на банкарскиот систем, а сето ова е значаен предуслов за вкупната стабилност во општеството. Ова едноставно значи дека работното време не завршува во 17 часот. Тоа бара многу големо вложување, бара жртви, а секако за секој да може ова да го издржи многу е важна поддршката од семејството.

Јас сум многу благодарна на поддршката која ја добивам од сопругот, од моите родители, од родителите на сопругот, без кои што сум сигурна дека не би можела да стигнам на оваа позиција на која што сум. Веќе сметам дека и децата почнуваат да ги разбираат повеќето состојби на мојата одговорност која ја носам за да можам да одговорам на потребата за голем работен ангажман, но и отсуство од дома. Сепак се трудам слободното време кое го имам приватно да го искористам на најпродуктивен начин. Да го посветам на семејството, на децата. Обично за време на викендите сакам да поминам повеќе време во заедничко дружење и разговори. Децата се во различни фаза, па секое дете има различни потреби. Мораме да се посветиме како родители, значи никако не можеме да се оправдаме со нашата професија.

Имате ли совет за жените кои си го бараат своето место во ова традиционално општество?

Траба да веруваат во својата способност, во своите капацитети. Секако тоа треба да е поткрепено со постојана надоградба на образованието, континуирано во текот на целиот живот. Но и да се има храброст за соочување со предизвиците, бидејќи се бројни. Реално, постојат бројни предизвици во животот за жените кои сакаат да чекорат и да ги остварат своите професионални соништа, но да не се откажуваат, затоа што сметам дека на крајот трудот се валоризира. Секако, за да се зголеми улогата на жените во општеството, сметам дека многу важно е и носителите на политиките да се свесни за овој аспект и да превземаат мерки и политики коишто ќе овозможат поглема вклученост на жените во општеството.

Инаку во овој контекст треба да го напоменам најновото истражување на ММФ кое што посочува, дури и империски, дека поголемо учество на жените во општеството ќе значи и поголем економски раст. Според нивните проценки, доколку се намали родовата нееднаквост во структурата на вработените, значи ако жените повеќе се активираат во општеството, можно е БДП да се зголеми за околку 35 проценти. Но тие не зборуваат само за раст, туку и за квалитетен одржлив раст, раст кој ќе значи помала нерамнотежа во самата економија. Ако ги погледнеме податоците кај нас, значи нашите статистики од пазарот на трудот не се многу охрабрувачки, затоа што ако прво ја погледнеме вкупната активност на нашето население е релативно ниска, значи пониска од европските нивоа, некаде околу 57 проценти, а ако ја погледнеме половата застапеност се гледа дека овие бројки се понеповолни кај жените. Сето ова упатува на тоа дека постои потенцијал во општеството кој се уште не е целосно искористен и којшто може да се стави во функција на забрзан раст, развој и повисоки нивоа на доход во општеството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот