ИНФОГРАФИК: Сè помалку ученици, сè повеќе празни клупи во средните училишта

Средношколци / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

И годинава многу столчиња и клупи во средните училишта ќе останат празни. Не се очекува последниот рок од уписите во средните училишта кој истекува на 21 август да ги пополни сите празни места во популарните скопски гимназии „Корчагин“, Јосип Броз Тито“ и „Орце Николов“ кои претходно редовно, во првиот уписен рок во јуни веднаш се пополнуваа како и другите познати гимназии и дел од стручните средни училишта.

Овој први се наполнија скопските гимназии „Никола Карев“ и „Георги Димитров“, каде освен во гимназискиот дел нема повеќе слободни места ниту во паралелката за образовниот профил техничар за мебел и ентериер на македонски наставен јазик.

Во Гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ според прелиминарната листа од електронското пријавување примени се 174 ученици, а беа слободни 263 места во 8 паралелки. Останаа непополнети 89 места што се безмалку 3 цели паралелки. Најмалку недостасуваат во гимназијата „Орце Николов“, каде од 285 слободни места во 9 паралелки, останаа празни само 14. Во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ не се пополнија повеќе од 3 паралелки, односно празни се 115 места, од предвидените 408 според Конкурсот, распоредени во 12 паралелки.

Традиционалниот интерес за медицинската струка и оваа учебна година го пополни средното медицинско училиште во Скопје „Д-р Панче Караѓозов“, се пополнија паралелките на албански јазик за медицинска сестра, гинеколошко-акушерска сестра, забен техничар и фармацевтски техничар, а како и двете паралелки на македонски јазик за забен и едната за фармацевтски техничар, но слободни места има во петте отворени паралелки на македонски јазик за медицински сестри. Во ова скопското медицинско училиште последниве две години по ред за гинеколошко – акушерска сестра има само една паралелка на албански јазик.

По јунскиот рок нема празни места за медицинска сестра на македонски наставен јазик во СОУ „Јане Сандански во Штип, во СМОУ „Гостивар“, во СОУ „Мирко Милески во Кичево, во „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, СОУ„Никола Штејн“ во Тетово, каде се пополнија и албанските паралелки. Се пополни и паралелката за гинеколошко – акушерска сестра на македонски јазик во СОУ „Нико Нестор“ во Струга.

Струките поатрактивни од гимназиите

Во двeте пријавувања во јуни, според МОН се запишаа вкупно 15481 и тоа најголем број од нив во стручното образование 10277, додека значително помал број во гимназиите – 4603 ученици. Во уметничките училишта и во спортските гимназии кои примаат помал број на ученици се запишаа 187 односно 414 на спорт.

Според конкурсот за учебната 2023/2024 година беа отворени 29.798 слободни места за упис во 937 паралелки.

Во стручните средни училишта кандидатите најголем интерес покажале за економско- правна и трговска струка, па тие паралелки се веќе пополнети во скопските училишта „Цветан Димов“ и Васил Антевски – Дрен, како и во стручните средни училишта во Гевгелија, Охрид, Кавадарци, Битола, Струмица, Тетово и Куманово.

Места повеќе нема во електротехничката струка во стручните училишта во Штип, Велес, Гостивар, Илинден, Битола, Кочани, Крива Паланка, Охрид, Куманово, Прилеп, Богданци, Струмица и во скопското „Владо Тасевски“.

Од хемиско – технолошката струка се пополнија само местата за хемиско – лаборантски техничар на албански наставен јазик во СУГС Марија Кири Склодовска во Скопје и во „Нико Нестор во Струга.

Машинската струга се пополни во велешкото средно училиште Коле Неделковски, во кумановското „Наце Буѓони“ и во АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје.

Според МОН од угостителско – туристичката струка повеќе нема празни места во велешкото средно „Коле Неделковски“, а тоа значи дека има непополнети места за келнери, готвачи и слаткари на македонски и на албански јазик и во туристичката струка во скопското училиште „Лазар Танев“, како и во соодветните стручни училишта и регионални центри во Охрид, Велес, Кратово, Крива Паланка, Крушево и други градови низ државава.

Празни места има во повеќе училишта каде се изучуваат практични занаети, па фризерските паралелки единствено се пополнети во СУГС Шаип Јусуф во Скопје, на македонски јазик и во Сарај и „Штејн“ во Тетово.

И оваа учебна година зад многуте стручни училишта низ државава застанаа голем број компании, приватни и државни, како и поединци адвокати и други професионалци кои во соработка со стручните училишта ќе ги обучуваат и подготвуваат средношколците во рамки на дуалното образование. Но и тие паралелки не функционираат со целосен капацитет па некогаш учат и по 7-8 ученици во една стручна паралелка.

– Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок. Пријавување на учениците ќе се врши на 21 август до 24:00 часот, соопшти МОН.

Бројот на запишани средношколци сè помал, слободни места сè повеќе

Разгледувањето на конкурсот покажа дека тој е речиси идентичен со оној од минатата учебна година кога според Заводот за статистика во прва година во јавните средни училишта на настава тргнаа 17.978 ученици. Тоа е генерацијата деца родени во 2007 година, а според статистиката тогаш во државава се родија вкупно 22.688 деца.

Статистичарите со кои се консултиравме укажуваат дека иселувањето во најголем број придонесува што овие деца не го продолжија средното образование во државата, а само помала бројка, за жал се однесува на предвреме загубени детски животи во оваа генерација.

Сосема е незначителна и бројката на родените во јануари и декември кои имаат можност да бираат дали ќе одат со претходната или со идната генерација на училиште. Практично во секоја генерација кога ќе траба да се запишува во средно училиште во државава недостасуваат по најмалку 5.000 средношколци кои најверојатно во тој меѓупериод од 15 години по раѓањето се отселиле со своите семејства.

Во учебната 2021/22 година во прва година средно се запишале 18149 ученици, а тоа е генерација 2006-та кога се родиле 22.585 деца. Годината пред тоа, односно во 2005-та се родиле 22482 деца, а во средно во учебната 2020/21 се запишале 18.189 ученици. Претходната учебна година 2019/20 година се запишале во средно 19.097 ученици, а во нивната генерација 2004-та се родиле 23.361 дете. Во учебната 2018/19 година во средно се запишале 19.785 ученици од генерацијата родена 2003-та година која броела 23.596 живородени деца.

Следствено на тоа, годинава родените во 2008 година треба да стартуваат во средно училиште во прва година, а тоа се 22.945 деца – најмногу родени во петгодишниот период 2003-2008 година. За оваа генерација се отворени 29.798 места во 937 паралелки во 109 средни училишта и центри во државава според Конкурсот за упис.

Податоците од статистика не се користат за детални анализи  за реалните потреби во образовниот процес, па корекциите во конкурсот годинава спрема оној од минатата година се однесува само во зголемување на бројот на ученици во некои паралелки од 25 на 34 колку што е според актуелниот закон за средно образование, или обратно но не во сите средни училишта низ државава.

Има и корекции во бројот на македонски и албански паралелки во некои од училиштата, како на пример во велешката гимназија „Кочо Рацин“ додадена е уште една албанска паралелка, па сега се две со четири паралелки на македонски наставен јазик. Паралелка на албански јазик за струката економски техничар е воведена и во велешкото стручно училиште „Јове Тесличков“.

Уште една помала албанска паралелка од 25 ученици е додадена и на Општинското средно техничко училиште во Гостивар, а во кичевското „Дрита“ е укината помалата паралелка за хемиски техничар на албански јазик. Наставата во кумановското средно општинско училиште „Перо Наков“ е дополнета со една македонска и две албански паралелки, додека во „Наце Буѓони“ е укината една македонска паралелка.

Во соседната Општина Липково во тамошното средно училиште „Исмет Јашари“ покрај четирите гимназиски паралелки на албански јазик е додадена една од здравствена струка па таму 34 ученици ќе можат да учат за медицински сестри и според податоците на МОН не е пополнета.

Во Скопје, со Средното економско – правно училиште „Арсени Јовков“ каде лани имаше предвидено 16 паралелки, годинава се укинати  две паралелки на македонски јазик, а бројот на паралелките на албански јазик повторно остана 8.

Новите измени во законот за средно образование предвидуваат помали паралелки меѓу 20 до максимум 30 ученици, што би можело да води кон поголема посветеност на наставничкиот кадар кон учениците и подобар квалитет во образованието, но само ако се исполнат и другите сегменти, квалитетна програма, учебници, наставен кадар, развивање на способности и вештини за истражување, експериментирање, решавање на проблеми и критичко размислување кај секоја нова генерација, но за тоа е потребна целосно нова реформа во средното образование. Намалениот број на ученици и паралелки подразбира и намалување на бројот на професорите во средните училишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот