Има ли крај на легалниот грабеж на народните пари

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Повеќе од 5.000 граѓани ја потпишале иницијативата насловена „Крај на расипништвото“ и спроведена од невладината организација Цивил за укинување на привилегиите на актуелните и на поранешните функционери. Во документот е наведено дека се бара итно укинување на бенефициите што ги уживаат поранешните претседатели на државата, укинување на апанажите за сите актуелни државни функционери, како и правото за користење државни возила и трошење пари за патни трошоци на пратениците.

Слична иницијатива деновиве покрена и Антикорупциската комисија (ДКСК) која побара од Владата да ги ограничи трошоците што ги прават поранешните шефови на државата, оти како што истакна, државата троши огромни пари, а не добива ништо за возврат. Според пресметките, само за кирии и за режиски трошоци за експретседателите, државата во изминатата деценија потрошила повеќе од еден милион евра.

На пример, само за кирија на работните канцеларии на експретседателот Ѓорге Иванов, државата секој месец издвојува речиси 2.000 евра народни пари. Дополнително, тој има право на личен возач, службено возило, телохранители и стручни соработници, а истите права ги ужива и неговиот претходник Бранко Црвенковски.

И лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, најави дека следната недела и неговата партија ќе поднесе предлог за измени на законот за поранешните функционери со кои би им се намалиле привилегиите. Како што вели тој, сличен предлог поднел пред 10 години, но тогаш добил поддршка ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ.

– За неколку дена ќе го доставиме предлогот за измени на законот до парламентот, а сега треба да се направат уште некои технички работи – изјави Трајанов и потсети дека со неговиот претходен предлог барал намалување на времето до кое експретседателите ќе можат да добиваат државна плата, како и намалување на бројот на вработени во канцелариите.

Од аспект на привилегиите на функционерите, пак, неодамна јавноста ја разбранува и иницијативата што ја покренаа актуелните пратеници во Собранието преку која побараа да им се додели загарантирано работно место во администрацијата по завршувањето на нивниот пратенички мандат. Собранискиот спикер Талат Џафери тогаш се обиде да ја оправда идејата со образложение дека не можело да се очекува некој да биде пратеник четири години, а потоа, како што рече, да копа по контејнери и да се бори за да преживее.

Првиот човек на Цивил, Џабир Дерала, вели дека мора да се укинат привилегиите на функционерите, бидејќи, како што додаде, ниту една богата и демократска држава во светот не си дозволува таков луксуз како нашиот.

– Добро е тоа што претседателот Стево Пендаровски ја поддржа нашата иницијатива и сметам дека тоа претставува еден многу важен чекор. Тоа што треба да следува во наредниот период е ние како јавност, односно како граѓански организации, да извршиме сериозен притисок за конечно да бидат укинати привилегиите на сите функционери. Во оваа сиромашна земја постојат привилегии какви што нема ниту во најбогатите демократски земји во светот – објаснува Дерала.

Во однос на иницијативата на Државната комисија за спречување корупција да се раскине договорот за закуп кој се однесува на двајцата поранешни претседатели, Црвенковски и Иванов, Дерала вели дека тоа е одлична иницијатива и дека гледиштата на антикорупционерите во голем дел се идентични со ставовите на Цивил.

– Владата може да донесе одредени мерки, може да направи многу во овој поглед, меѓутоа на крајот јас сум убеден дека всушност законодавниот дом треба да го даде својот последен збор. И поради тоа сметаме дека пратениците, без оглед на тоа од која партија доаѓаат, мора да најдат доблест и да му стават крај на расипништвото. Исто така одредена улога има и Уставниот суд, односно ние сметаме дека е исправна препораката на ДКСК да се преиспита законитоста на Законот за привилегии на претседателот – истакна Дерала и додаде дека трошоците кои ги имаат привилегираните функционери по завршувањето на нивните мандати е само уште еден непродуктивен трошок.

Од Владата не одговорија дали бројката од 5.000 потпишани граѓани е доволна за да се иницираат промени на законите, но оттаму само накратко ни соопштија дека невозможно е целосно или делумно да се укинат привилегиите на јавните функционери без претходно да се направат законски измени во Собранието.

– Доколку се спроведат законски измени што ќе ги опфатат привилегиите на поранешните или на актуелните функционери, Владата ќе ги почитува тие измени и ќе дејствува според нив – изјави владиниот портпарол Мухамед Хоџа.

Од друга страна, пак, правниците велат дека дури и да се донесат законските измени, тие сепак нема да ги опфатат досегашните претседатели, бидејќи во тој случај законот не би имал ретроактивна моќ.
Професорот по уставно право, Борче Давитковски, објаснува дека евентуалното укинување на законот за бенефиции нема да ги остави поранешните претседатели без канцеларии, телохранители и службени возила.

– Правната основа за користење бенефиции од државата е законска, а тоа значи дека поранешните високи функционери и во иднина ќе продолжат да ги користат привилегиите. Доколку се направи законска измена, тогаш таа ќе се однесува само на актуелниот претседател на државата и на неговите наследници – објаснува Давитковски.

Гостин во сопствениот дом

Со новите одлуки на Собранието, тринаесет пратеници од внатрешноста ја искористија можноста наместо пари за патни трошоци, да добијат стан под кирија до 400 евра во Скопје, плус платени сметки до 100 евра. Истражувањето на А1он покажа дека дел од пратениците становите ги изнајмуваат од роднини и од пријатели, а за дел постојат сомнежи дали воопшто живеат во становите што ги плаќа државата.

Како што наведува порталот, Ане Лашкоска од Прилеп е пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ осум години, а од ноември минатата година, со новите одлуки на Собранието, таа е една од оние што ја искористила можноста да добие стан под кирија. Па така, открива медиумот, државата секој месец издвојува пари за да плати кирија за нејзиниот стан во населбата Аеродром, а кој се води на име на Марија Келтаноска, која, пак, е сестра на снаата на Лашкоска. Кога новинарите го посетиле станот, вратата ја отворила токму сопственичката Келтаноска, која истакнала дека е дојдена на гости, а дека таму всушност живее пратеничката.

Во телефонска изјава пратеничката Лашкоска вели дека нема ништо спорно во тоа што изнајмува стан од свои роднини.

– Немаше критериум за избор на станот. Од Собранието ни кажаа да си најдеме станови под кирија, јас ги познавам луѓето што го издаваат станот и им се обратив ним. Кого ќе најдете дома во мојот стан, не е воопшто битно и не треба никого да го интересира – вели Лашкоска.

Колев: Нема поддршка ниту од власта, ниту од опозицијата

Претседателот на Граѓанско-демократската унија (ГДУ), Петар Колев, реагираше за високите претседателски привилегии што ги дава Македонија на поранешните шефови на држави.
Како што посочи тој, во ниту една земја во регионот нема доживотни привилегии за поранешните шефови на држави и повика што поскоро да се донесат законски измени со кои ќе се намалат пензионерските претседателски привилегии.

– Ова е проблем што се провлекува со години, но очигледно дека ниту кај ВМРО-ДПМНЕ, ниту кај СДСМ постоеше желба да се реши. Во Собранието имаше една ваква иницијатива, но и двете партии не дадоа поддршка. Гледаме дека и овојпат молчат. Привилегиите мора да се скратат, а дел од парите кои се даваат за експретседателите предлагаме да се пренаменат за операции во странство – вели Колев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот