Им најде место до тоалетите – Арсовска ги премести портретите на претходниците Шилегов, Трајановски, Пенов…

Фото: Фејсбук/Колаж: Слободен печат

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска нема решение за сообраќајниот колапс во градот поради блокадите од приватните автобуски превозници ниту за започнатите проекти кои со месеци стојат без разврска, но во меѓувреме се занимава со внатрешно преуредување во бараките на Град Скопје во Градскиот парк.

Листајќи ги фотографиите кои се објавуваат на Фејсбук страницата на Град Скопје, градоначалничката Арсовска најпрво ги отстрани поставените портрети од салата за состаноци каде со години стојат, а потоа им најде ново место – во ходникот токму покрај тоалетите.

Арсовска и со овој потег демонстрира дека се дистанцира од проектите започнати од своите претходници, посебно на оние на Петре Шилегов, кој е прв до тоалетите во ходникот.

Проектите за реконструкција на Универзалната сала, за БРТ автобускиот проект, за мостовите кај „Љубљанска“ и „Михајло Апостолски“, пречистителната станица и други се само дел од предвидените проекти кои Арсовска очигледно нема намера да ги продолжи во својот мандат. Дел од нив како што е оној за Универзална сала наскоро ќе го преземе Владата за да го заврши.

Кога се преместија портретите на претходните градоначалници

Кога е настаната промената не може точно да се лоцира, зошто новинарите немаат директни контакти со градоначалничката ниту брифинзи за проектите на Градот, туку само одат на прес конференции кои Арсовска ги одржува во ходник во салата на Советот.

На фотографијата од профилот на Град Скопје на Фејсбук од декември минатата година може да се забележи дека портретити стојат на своето иницијално место во првите неколку месеци од мандатот на Арсовска.

Арсовска на средба во декември 2021 година во салата за состаноци/Фото: Фејсбук

Ситуацијата на ѕидот се променува некаде после јануари 2022 година, зошто веќе на фотографија од март 2022 година, овие портрети не се во салата, а просторијата е молерисана.

Арсовска во салата за состоноци/март 2022/Фото: Фејсбук

Од фотографиите на Фејсбук може да се заклучи дека Арсовска ретко ја користи салата за состаноци, веројатно само за средби во поширок формат, бидејќи средбите со делегации таа ги остварува во својот кабинет, кој исто така го преуреди.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот