Илјадници амандмани против една изборна единица

Несогласувањата на партиите за промените во Изборниот законик кои вчера се манифестираа со околу 6.000 илјади амандмани што во Собранието ги поднесоа владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска ќе се „пеглаат“ на состанок во Министерството за правда. Пратеникот од ДУИ Артан Груби вчера информираше дека министерката Рената Дескоска свикала состанок на сите парламентарни и вонпарламентарни партии, како и на претставници од граѓанскиот сектор и од некои институции, на кој ќе се бара најдобриот можен изборен модел.

ДУИ вчера поднесе речиси 5.000 амандмани на предложените измени на Изборниот закон, а повеќе од 1.000 амандмани поднесе ВМРО-ДПМНЕ.

– Процесот на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да почнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во нашата држава. Таквите измени треба да се носат консензуално, во согласност со сите политички партии – изјави пратеникот Груби.

До консензус тешко ќе дојде со оглед на бројот на амандманите, но и поради несогласувањето на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ со предлогот целата територија на Македонија да биде една изборна единица, наместо досегашните шест.

Помалите парламентарни партии поднесоа предлог и за отворени листи на кандидатите за советници на локалните избори, при што застапеноста на мажите и жените на листите е еднаква.

СДСМ го поддржува овој предлог и смета дека нема пречка предвремените парламентарни избори во април 2020 година да се одржат во една изборна единица. Премиерот Зоран Заев потсетува дека тоа било нивно предизборно ветување и се надева дека Собранието ќе усвои нов изборен закон.

– СДСМ и оваа коалиција се за една изборна единица. Тоа е наше изборно ветување. И тоа е обврска кон татковината за еден чекор повеќе кон демократизација на општеството. Ние губиме со тоа како партија, потоа губи и ВМРО-ДПМНЕ и потоа верувам не губи никој, туку сите добиваат. Тоа им дава шанса на помалите партии, но и на помалите етнички заедници – вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Слободен печат“.

Според него, ова е исправно зашто сме мултиетничко општество, затоа што е подемократски и затоа што едновремено ја отстранува можноста од нови автократии.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент. Пратеникот Антонио Милошоски на прес-конференција рече дека поднеле околу 600 амандмани на предлогот за една изборна единица и исто толкав број на амандмани на другиот предлог-закон за изборните листи.

Пратеникот од СДСМ, Коста Костадинов, ја обвини опозицијата дека е против сите реформски процеси.

– Со амандманите ја блокираат собраниската дебата за измени во Изборниот закони. ВМРО-ДПМНЕ е против отворените листи, против демократизацијата на изборниот процес – рече Костадинов.

Во предлогот за една изборна единица е наведено дека главна критична точка е поделбата на шест изборни единици, што е пречка за фер изборен натпревар за помалите политички партии и независните листи, затоа што нивните гласови се делат во шест единици и тешко собираат концентрирани гласови во една изборна единица кои се доволни за да добијат пратеник.

„Резултат е затворање на општеството и бипартизација, каде две главни политички опции ја делат власта. Ваквата состојба е генератор на чести кризи кои ја разбиваат општествената кохезија и го попречуваат натамошниот демократски и економски развој. Најефикасно може да се обезбеди политички плурализам и демократизација со една изборна единица без изборен праг, што ќе им овозможи на поголем број политички партии и на партиите на помалите етнички заедници да го остварат своето право на претставување. Тоа несомнено ќе води кон мобилизација на квалитетни и конкурентни кадри од страна на сите политички субјекти, што дополнително ќе го подигне нивото на политичка култура, отчетност и ефикасност на избраните претставници,“ пишува во предлогот за законски измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот