И кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ за Бутел е осуден насилник

Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ е уште еден од низата кандидати за градоначалници на партијата со сомнително минато / Фото: МИА

Разни обвиненија за криминал и криминалци се слушнаа во текот на изборната кампања за локалните избори во недела, па така и за Дарко Костовски, кандидатот за градоначалник на општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ излезе и пресудата со која е осуден на парична казна од 400 евра за нарушување на јавниот ред и мир.

Имено, според документот до кој дојде „Слободен печат“, тој во 2016-тата година во спортска сала во одморалиштето „Радости“ во Охрид физички нападнал прилепчанец, кој пак се здобил со телесни повреди од ударите и шлаканиците.

Тепачката започнала бидејќи Костовски се обратил со зборовите „Ајде да се тепаш со мене“, по што физички го нападнал прилепчанецот и го отстранил од салата. Сепак, кандидатот за градоначалник, а тогашен советник во Министерството за труд и социјална политика, одговарал единствено за нарушување на јавниот ред и мир според Законот за прекршоци.

Но Костовски пак, од друга страна како тренер е дел од успешната македонска експедиција на Летните олимписки игри во Токио, од каде таеквондистот Дејан Георгиевски се врати со сребрен олимписки медал.

Инаку, во предизборието се појавија информации и за други кандидати од ВМРО-ДПМНЕ кои имале криминално минато, но и го отслужиле своите казни.

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски во 2002 година бил фатен поради производство и продажба на 630 грама марихуана. Тој бил правосилно осуден со одлука на Апелација и отслужил казна затвор од 3 месеци.

Посериозно е делото на кандидатот за градоначалник на Долнени од ВМРО-ДПМНЕ, Ладо Глигороски кој во 1994 година, како вработен во полициското одделение во село Богомила претепал човек до смрт и бил осуден на затворска казна од 4 години и 6 месеци.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот