Хуманитарен концерт: Интернационална екипа ќе свири за помош на колегата Игор Пармаковски

принтскрин/Youtube

Оркестарот на Филхармонијата ќе одржи хуманитарен концерт на 22 октомври (четврток) во 20 часот насловен „PERASPERAADASTRА“. Средствата од овој концерт се наменети за лекување на Игор Пармаковски, кој го години се бори со Кронова болест.

На концертот како солист ќе настапи рускиот пијанист Дмитри Маслеев, еден од најзначајните млади солисти на светската музичка сцена во моментов, а диригент е Габриел Бебешелеа од Романија. Како солист ќе настапи и првиот трубач на оркестарот на Филхармонија – Драган Младеноски.

На програмата се две исклучителни дела од рускиот композитор Дмитри Шостакович – Концертот за пијано труба и гудачки оркестар оп.35 и Камерната симфонија во це-мол, оп.110а.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними цеде со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар.

Дмитри Маслеев завршил студии по пијано на конзерваториумот „П. И. Чајковски“ во Москва, во класата на проф. Микхаил Петруков, како и на Интернационалната академија за пијано во Италија. Во 2015 година стана лауреат на меѓународниот натпревар „Чајковски“. Овој исклучителен млад пијанист годинава ја почна со деби во Златната сала на Музиверејн и на главната сцена на Берлинската филхармонија. Оттогаш, Германија и Франција се негови главни дестинации, каде што соработува со врвните оркестри.

Драган Младеноски моментално е на магистерски студии на ФМУ, добитник е на повеќе републички награди и признанија, трета награда на Интернационалниот натпревар во Сан Ремо, Италија. Од 2002 година работи како прв трубач во Македонската филхармонија. Настапувал во земјата и во странство, како и на фестивалите „Скопско лето“, „Штипско лето“, како и на фестивали во Нови Сад, Белград, Софија и др.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот